Документи со класифицирана содржина создадени од грчки и македонски тајни служби, биле споделувани од кабинетот на грчкиот премиер со приватната компанија Интелекса, која е автор на шпионскиот софтер Предатор, најверојатно без знаење на македонската страна. Станува збор за драфт меморандум за соработка кој никогаш не бил потпишан, но делегации на македонската Оперативно техничка агенција (ОТА) и грчката Национална разузнавачка агенција (ЕУП) внимателно го драфтувале во Солун во 2022 година. Желбата на грчката влада била да обезбеди легална база за употреба на софтверот и за тоа како погодни им се виделе реформите на тајните служби кои ги направи Македонија и така ја создаде ОТА. Но, всушност, зад ова лежел обид да се обезбеди легална форма за употреба на Предатор откако Грција беше обвинета дека нелегално следела новинари, активисти и опозиционери со софтверот создаван и во Македонија.
Известуваат: Тасос Телоглу, Елиза Триантафилу, Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Ивана Настеска
Компанијата на Тал Дилијан разви и продаде шпионски софтвер Предатор во Грција и во Македонија и досега се знаеше само толку. Она што досега не го знаевме е дека државните агенции на двете земји се обиделе да соработуваат по ова прашање и речиси склучиле договор, но истиот бил „саботиран“ кога во 2022 година изби светски скандал за злоупотребите на шпионскиот софтвер во кој беше вклучена и Грција. Новинарите на Инсајд Стори и на ИРЛ открија постоењето на отворен канал за комуникација помеѓу шефот на кабинетот на грчкиот премиер, Григорис Димитријадис и фирмата Интелекса – продавачот на шпионскиот софтвер Предатор кој ги инфицирал или се обидел да ги зарази мобилните телефони на грчки новинари, политичари, директори, дел од вработени во безбедносниот систем кои биле цел на легални, но неетички прислушувања од грчката тајна служба.
Компанијата која го создаде озлогласениот шпионски софтвер Предатор имала увид во класифицирани документи споделени помеѓу грчките и македонските тајни служби, но веријатно без знаење на македонската страна. Новинарите на Инсајд Стори од Атина и ИРЛ од Скопје добија увид во драфт меморандум за соработка помеѓу грчката Национална разузнавачка агенција (ЕИП) и македонската ОТА изготвен во март 2022 година во Солун. Според македонски извори во институциите, идејата потекнала од Грција која главно имала намера да помогне грчките служби да се реформираат по примерот на Македонија и праксата на релативно новата ОТА. Меморандумот го подготвувале поранешниот директор на грчката тајна служб, Панагиотис Контолеон и македонскиот директор на ОТА, Зоран Ангеловски. До конечен договор никогаш не дошло, но новинарите на Инсајд Стори од Атина ќе дојдат до е – маил преписки во кои што се открива дека драфт меморандумот бил препраќан од кабинетот на грчкиот премиер во Интелекса на увид – без знаење на македонската страна.
Ова го отвори прашањето за вистинските мотиви на грчката страна кои биле во насока да се помогне за законски да се зацврстат операциите на компанијата Интелекса во Грција. Грчката влада на Мицотакис беше обвинета дека го користела високо инвазивниот шпионски софтвер Предатор за да ги следи комуникациите на новинари, активисти и членови на опозицијата што доведе до парламентарни, национални и европски истраги.
Македонски модел за грчка пракса
За разлика од ЕУП, ОТА не е тајна служба, туку плод на болните искуства низ кои поминаа граѓаните на Македонија за време на повторените скандали со следење. Последната се случи за време на администрацијата на Никола Груевски, кога повеќе од 20.000 луѓе беа ставени под надзор помеѓу 2008 и 2015 година. Целите беа граѓански активисти, политичари од сите партии, новинари, дипломати и бизнисмени.
По падот на Груевски, САД и Европската Унија ја принудија македонската влада да формира техничка агенција – политички неутрална, известувајќи пред парламентот за да се справи со барањата на разузнавачките, полициските и царинските служби за следење на граѓаните на земјата. Институционалната рамка на Македонија, исто така, дозволува употреба на шпионски софтвер со – „барем на хартија“ – различни заштитни мерки против можна злоупотреба.
Желбата на владата на Мицотакис да ја легализира употребата на шпионски софтвер, изразена во втората половина на 2020 година, всушност дојде по пилот тестирањето на шпионскиот софтвер Предатор, кој, како што објави Инсајд Стори, веќе започнал во Грција уште во август 2019 година, набргу по доаѓањето на Нова Демократија на власт.
Кога започнаа контактите меѓу ЕУП и OTA, Интелекса веќе беше шест или седум месеци присустна во Грција. Основана е во март 2020 година, додека првите лажни домени кои имитираат познати грчки веб – страници преку кои ги инфицирале мобилните уреди на поединци во Грција биле создадени до јули 2020 година.
Знаеме дека новинарот Танасис Кукакис беше една од првите цели на Предатор во долгата листа на имиња. Tаргетиран е на 31 јули 2020 година, со објаснување дека ЕУП ги слушала разговорите на новинарот поради „национална безбедност“.
Како што неодамна открија „Истражи ја Европа“ и „Репортери Јунајтед“, владата на Мицотакис се залагаше за употреба на шпионски софтвер ширум Европа против новинари – поради прашања поврзани со „национална безбедност“.
Тајниот меморандум за соработка и размена на доверливи информации меѓу ЕИП и ОТА
Извори кои добро се упатени во содржината и комуникациите меѓу Атина и Скопје за Инсајд Стори и ИРЛ рекоа дека првата средба на шефовско ниво меѓу ЕИП и ОТА се одржала на почетокот на 2021 година. Потоа следувала средба на ОТА со грчкиот министер за дигитално управување, Киријакос Пјеракакис во летото истата година во Атина. Истиот извор потврди дека на овие средби бил присутен и Григорис Димитријадис. Во февруари 2022 година, во Солун се одржала уште една средба меѓу Контолеон и Ангеловски, што доведе до изготвување на драфт меморандум меѓу двајцата шефови еден месец подоцна, во март 2022 година.
„Двете агенции ќе ги преземат сите неопходни мерки за да се задржи самото постоење на овој Меморандум доверливо“, се вели во нацрт-договорот во кој увид имаа новинарите на Инсајд Стори и ИРЛ.
„Соработката ќе биде менаџирана од челните луѓе на двете агенции“, пишува во нацртот кој датира од март 2022, еден месец пред Инсајд Стори да открие дека телефонот на новинарот Танасис Кукакис е инфициран со шпионскиот софтвер Предатор.
ЕИП и ОТА ќе соработуваат и ќе споделуваат некласифицирани како и класифицирани информации врз основа на меѓусебниот договор кој го предвидува следново:
-
Вклучените страни ќе работат заедно за да го подобрат професионалниот развој во сајбер- безбедноста и да изградат база на вештини за сајбер – безбедност, вклучително и преку можни иницијативи поврзани со взаемно признавање на квалификациите и различностите.
-
Ќе воспостават и одржуваат оперативен дијалог и ќе ги идентификуваат можностите за соработка за да ја подобрат способноста на двете страни да ги заштитат своите граѓани од злонамерни дејствија во сајбер – просторот.
-
Барањата за информации може да се поднесат од која било страна, а одговорот ќе се заснова на нивото на безбедност и ќе подлежи на важечките правила и прописи кои се во сила за откривање на класифицирани информации.
-
Барањата за информации ќе бидат само за технологии поврзани со сајбер – закани, тероризам, криминални активности, кои учесниците ги сметаат за закана за нивните национални интереси.
-
Во случај да се идентификува непосредна закана од која било страна според овој Меморандум за разбирање, агенциите ќе ги споделат информациите што е можно поскоро и ќе му помогнат на партнерот да ја елиминира заканата во корист на двете земји.
Постоењето на овој нацрт – договор за сајбер безбедност меѓу ЕИП и OTA го потврди поранешниот шеф на ЕИП, Панагиотис Контолеон, во неговото сведочење зад затворени врати пред грчката парламентарна истражна комисија на 15 септември 2022 година. Тој, наводно, изјавил дека грчката влада е информирана за овој договор.
Ова негово тврдење се воочува и од нацрт меморандумот во кој новинарите имаа увид, а кој покрај тоа што е адресиран до Контолеон, е испратен и до кабинетот на грчкиот премиер. Шеф на премиерскиот кабинет во тоа време е внукот на Кирјакос Мицотакис, Григорис Димитријадис, кој беше сменет од таа позиција по избувнување на скандалот дека незаконски е следен сегашниот лидер на ПАСОК, Никос Андролакис. Извори на новинарите кои сакаа да останат анонимни потврдуваат дека на состанокот во 2022 година во Солун помеѓу делегациите на ОТА и ЕИП присуствуал и внукот на грчкиот премиер, Григорис Димитријадис.
Од македонската ОТА негираат дека меморандумот бил потпишан и никој не знае зошто Грците би ги споделиле овие информации со Интелекса. Од ОТА во одговорите до ИРЛ велат дека во рамките на нивните надлежности се и остварување на соработка и комуникација со домашни и странски авторитети и дека такви се и состаноците остварени со раководството на грчката Национална разузнавачка служба (ЕИП) во првата половина на 2022 година. Тврдат дека темата на состаноците е размена на искуство во делот на дигитализација на системите за зголемување на безбедноста и сајбер безбедноста, бидејќи грчкиот модел се покажал корисен.
„Не се разменувани класифицирани информации, ниту пак е потпишан никаков документ, ниту Меморандум за соработка“, одговорија од ОТА и додаваат дека за овие состаноците и резултатите од истите е информирана и парламентарната Комисија за спроведување на надзор над мерките за следење на комуникациите, како и претставници на Владата на Северна Македонија.
Прашања упативме и до Националната разузнавачка служба на Грција (ЕИП), како и до поранешниот шеф на службата, Панагиотис Контолеон и ексшефот на премиерскиот кабинет, Григорис Димитријадис, но одговори не добивме.
Уредувачот од Интелекса
За време на неговото сведочење во септември 2022 година пред истражната комисија на грчкиот парламент за прислушувањето, Панагиотис Контолеон (кој исто така поднесе оставка поради аферата Предатор), откако го потврди постоењето на нацрт – договорот меѓу ЕИП и ОТА, наводно побрза да нагласи дека ЕИП нема никаква врска со Интелекса, компанијата што го продава шпионскиот софтвер Предатор. Инсајд Стори и ИРЛ видоа докази дека оваа изјава е невистинита.
Драфт верзијата во која имавме увид во електронска форма содржи мала, но важна електронска трага што докажува дека Интелекса не само што има директна врска со ЕИП, туку и со кабинетот на премиерот Мицотакис. Овој документ, кој требаше да го потпишат агенциите на две земји, Грција и Северна Македонија, содржи писмени корекции од поранешен висок функционер на израелското Министерство за одбрана, кој по демобилизацијата соработувал со Интелекса.
Неговото име е Нир Бен Моше. Кога во електронскиот документ ќе се активира функцијата „Track changes“ може да се увиди дека тој е во улога на уредник и оставил свои забелешки во документот, a доброупатен извор потврди дека нацрт-документот бил испратен до Интелекса.
Служејќи на неколку клучни државни позиции, Нир Бен Моше, не е некој случаен Израелец. Во 2015 година, тој беше назначен за шеф на специјална единица во Министерството за одбрана позната како Малмаб, која е одговорна за безбедноста на Министерството за одбрана, израелските индустрии за оружје и ентитети во Израел вклучени во развојот и производството на оружје за масовно уништување, како и средствата за одбрана од таквото оружје. Во 2021 година, Нир Бен Моше го напушти Министерството за одбрана на Израел и се преориентираше кон приватниот сектор.
Израелскиот безбедносен естаблишмент, од каде што потекнува основачот на Интелекса, го обвини Тал Дилијан дека го користи знаењето што го стекнал како командант на елитна технолошка единица на израелската армија за да основа компании кои произведуваат производи за сајбер напади кои инфицираат мобилни телефони. Тој, исто така, е критикуван дека ги преселил своите компании на Кипар, а потоа во Грција за да избегне надзор од страна на израелското Министерство за одбрана.
Според патните документи на Нир Бен Моше, во кои увид имаше Инсајд Стори, тој ја посетил Атина во првите десет дена од март 2022 година и бил во Израел кога ги направил корекциите на нацрт-документот меѓу ЕИП – OTA во име на Интелекса. Патувањето меѓу Грција и Израел било често.
Друг доказ што ја запечатува деловната врска на Нир Бен Моше со Интелекса е тоа што, на 12 април 2022 година, тој патува од Ларнака до Атина со приватен авион поврзан со Тал Дилијан и во кој, како што откри Инсајд Стори во заедничко истражување со Лајтхаус Репортс и Хааретс, технологијата за надзор била испорачана од ЕУ до Судан. Опремата е пронајдена во рацете на една од најозлогласените и најстрашни паравоени групи во светот, Силите за брза поддршка.
Еден македонски разузнавач кој зборуваше со новинарите на Инсајд Стори и ИРЛ под услов да остане анонимен, рече дека не го познаваат Нир Бен Моше, ниту пак знаат зошто копија од нацрт – документот што треба да го потпишат шефовите на ЕИП и OTA се наоѓа во рацете на Интелекса, па дури и бил доуредуван од партнер на Интелекса.
„Грчката страна спомна дека имаат консултант, но никогаш не го спомна името на Интеллекса“, вели македонскиот разузнавач кој инсистираше на анонимност.
Дисклејмер: Ова истражување беше помогнато со грант на платформата Истражувачко новинарство за Европа IJ4EU