Press "Enter" to skip to content

Македонската компанија „Сајтрокс“ заврши на црна листа на САД поради злоупотреба на софтвер за шпионажа

Македонската компанија „Сајтрокс“ заедно со три други поврзани компании од Грција, Унгарија и Ирска завршија на црната листа на САД поради злоупотреба на комерцијален софтвер за шпионажа. Ова денеска го соопшти Министерството за трговија на Соединетите Американски Држави. Одлуката доаѓа по скандалите кои повеќе од една година ја брануваат Европа и светот откако се обзнани дека компаниите произведувале и дистрибуирале софтвер во земји каде што софтверот се користел за следење на невини граѓани. Улогата на македонската компанија во овој скандал за прв пат беше обелоденета во истражување на ИРЛ и Инсајт Стори.

Освен македонската Сајтрокс, дел од црната листа се и унгарската компанија „Сајтрокс Холдинг“, „Интелекса“ од Грција и „Интелекса Лимитетед“ од Ирска. Одделот при Министерството за трговија ги додало овие фирми на црна листа поради злоупотребата на малициозниот софтвер „Предатор“ и загрозувањето на приватноста и безбедноста на граѓаните ширум светот. ИРЛ заедно со тимот репортери од Инсајт Стори од Атина за прв пат ја обелодени дотогаш непознатата улогата на македонската компанија „Сајтрокс“во светскиот скандал во истражувањето објавено во Април годинава. 

Страна пет од документот за санкции на Министерството за трговија на САД

Улогата на македонската компанија „Сајтрокс“ која била дел од семејството „Сајтрокс“ од Унгарија беше релативно непозната се до објавата на истражувањето на ИРЛ и Инсајт во арпил годинава кога новинарите открија дека шпионскиот софтвер „Предатор“ или негови делови биле незаконски развивани и во Скопје. Малициозната алатка која може да инфицира мобилни телефони се поврзува со израелскиот бизнисмен и воен чиновник Тал Дилијан. Документи на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање покажаа дека надлежните во Македонија имале информации дека во земјава се развивал ваков софтвер, но не презеле ништо за „Предатор“ бил продаван во Ерменија, Египет, Грција, Индонезија, Мадагасакар, Оман, Садуиска Арабија и други земји. Во многу од овие земји се користел да се следат невини граѓани од лукративни причини на групи и поединци со голема политичка и економска моќ. 

Истражувањето на ИРЛ и Инсајт Стори покажа дека најмалку пет компании со врски со грчката „Интелеска“, биле регистрирани во Скопје помеѓу 2017 и 2020 година. Две од нив – „Сајтрокс“ и „Сајшарк“ се идентификувале како развивачи и трговци на софтвер. Доверливите документи до кои дојде ИРЛ и Инсајт Стори покажаа дека владата во Македонија била информирана дека „Сајтрокс“ планира незаконски да создава шпионски софтвер и поднеле апликација уште во 2017 година. 

Во 2017 година како дел од неколку технолошки стартапи станува Иво Малинковски кој ја напушта управувачката позиција во семејната винарија Камник. 

(ФОТО) Иво Малинковски за фотосесија за Машки магазин 2020

На 6 октомври 2017 година две од компаниите управувани од Малинковски, „Сајшарк“ и „Сајтрокс“, ќе побараат од македонското Министерство за внатрешни работи дозвола за производство, промет и извоз на софтверски продукт којшто може да се користи за заштита на личните податоци, но и за упад во приватноста. Ова е наведено во дописите на Малинковски испратени во службите на МВР до кои што дојдоа ИРЛ и Инсајт Стори. Понатаму, во дописот се наведува дека софтверот би се продавал исклучиво на сертифицирани владини агенции во согласност со законите, а станува збор за озагласениот „Предатор“.  

Во второто продолжение на Како класифицирани документи на македонските и грчките разузнавачки агенции завршија во рацете на креаторите на шпионскиот софтвер Предатор“, ИРЛ и Инсајт Стори открија дека документи со класифицирана содржина создадени од грчки и македонски тајни служби, биле споделувани од кабинетот на грчкиот премиер со приватната компанија Интелекса, која е автор на шпионскиот софтер „Предатор“. Сторијата откри дека станува збор за драфт меморандум за соработка кој никогаш не бил потпишан, но делегации на македонската Оперативно техничка агенција (ОТА) и грчката Национална разузнавачка агенција (ЕУП) внимателно го драфтувале во Солун во 2022 година. Желбата на грчката влада била да обезбеди легална база за употреба на софтверот и за тоа како погодни им се виделе реформите на тајните служби кои ги направи Македонија и така ја создаде ОТА. Но, всушност, зад ова лежел обид да се обезбеди легална форма за употреба на „Предатор“ откако Грција беше обвинета дека нелегално следела новинари, активисти и опозиционери со софтверот создаван и во Македонија. Македонија не го набавила овој софтвер, но дозволила истиот да се развива и да се дистрибуира од тука до нарачателите од кои што голем дел го користеле нелегално и опресивно врз своите граѓани.