Press "Enter" to skip to content

Лидерска Заев-Мицкоски: Во име на правдата или на партијата

Секоја лидерска средба во Македонија од независноста па до денес се најавува како историска. Лидерите на неколку политички партии зад затворени врати одлучуваат за судбината на сите граѓани. Понекогаш со помош на меѓународните претставници, понекогаш сами или засилени со нивни сопартијци. На крај одлуката се сведува на волјата за компромис, а токму пред таква одлука вечерва се лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Новина е локацијата, наместо Клубот на пратениците за иднината на СЈО ќе се решава во Собранието, каде токму и треба да биде донесен законот за Јавно обвинителство за кој е потребно дво третинско мнозинство.

ПОСТ-ПРЖИНСКИ ЛИДЕРСКИ СРЕДБИ

По Пржино 1 од 2015 година и Пржино 2 од 2016 година, каде главни покровители на консензусот беа меѓународните претставници, сите други средби наваму главно беа водени од преговарачки тимови кои „се мачеа“ со денови и месеци да ги доближат ставовите, за на крај лидерите да го имаат последниот збор. Зад затворени врати и притоа без записници од преговарањата, транспаретноста се сведува на изјавите на лидерите, а впечатокот е дека тие се „пазарат“ во име на повисоката цел. Овај пат е датумот за преговори со ЕУ во октомври.

Во фокусот освен Законот за јавно обвинителство се очекува да биде и одржувањето на евентуални предвремени парламентарни избори. За законот повеќе ургира СДСМ, а за изборите ВМРО-ДПМНЕ. Со цел да се запазат роковите, Законот за Јавно обвинителство треба да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство.

Како што соопшти претседателот на Собранието, Талат Џафери, по неуспешните преговори на работните тимови на партиите за Јавното обвинителство, ако вечерва биде постигнат договор, разрешувањето на Катица Јанева и законот за ЈО ќе се најдат на пленарна седница уште утре.

ЛИДЕРСКИ СРЕДБИ ЗА СПОРОТ СО ИМЕТО

По неколкуте политички кризи решени преку Пржино 1 и Пржино 2, по изборите во декември 2016, Заев формираше парламентарно мнозинство помеѓу партиите на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците.

На ова претходеше пост-Пржино лидерската средба помеѓу Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Али Ахмети (ДУИ) и Мендух Тачи (ДПА) на 31.август 2016 година. Се договараше техничка влада да ги подготви изборите, откако беше одобрен нов состав на Државната изборна комисија.

Тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, кој прво најави аболиција за инкриминираните од „бомбите на Заев“, па потоа ја повлече по притисок од домашната и меѓународната јавност, иако за тогашната опозиција нелигитимен, проба да свика нова лидерска средба кога „подебелиот крај го извлекоа“ Заев и неговите соработници по упадот во Собранието на 27.април 2017 година, околу еден месец пред Заев да стане премиер.

Али Ахмети ја одби неговата понуда со објаснување дека Иванов е дел од проблемот. Неговото барање за лидерска средба го одбија и лидерите на СДСМ и Алијансата за Албанците.

Втор обид на Иванов да се претстави за државен лидер беше во јануари 2018 година, кога новата власт сериозно се зафати со решавањето на прашањето со името помеѓу Македонија и Грција.

На 27 јануари 2018 година, во Клубот на пратеници, на лидерски состанок за градење на националниот консензус. И покрај големиот интерес од домашните новинари за исходот од средбите, бура од реакции предизвикаа објавите на грчки и странски медиуми за тоа што се разговарало на средбите.

Референдумот за името, односно формирањето на ДИК која требаше да го спроведе, беше главната тема на лидерската средба на 18.јули. Ниту премиерот Зоран Заев, ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не сакаа да откријат за што разговарале.

На 23.јули се одржа нова лидерска средба. Власта беше жедна за референдум кој зависеше од ДИК, а главните барања на ВМРО-ДПМНЕ беа, пред формирањето на ДИК, во Собранието да се изгласаат Законот за финансирање на партиите и измените во Законот за Влада, со кој ќе се воспоставува техничка Влада на 100 дена пред избори.

Со договорот да се избере привремен состав на ДИК за одржување на референдумот, два дена по оваа средба, доцна вечерта во Собранието на 25.јули консензуално беа донесени и измените на Законот за финансирање на партиите, според кој се зголемија парите за партиите.

Годишното финансирање на политичките партии, кои беа во висина од 0,06 отсто од вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија, се зголеми на 0,15 отсто.

Измените беа донесени со 101 глас „за“. Од овие средства, 30% се наменети за малите партии, додека 70% за големите партии кои имаат свои советници и пратеници.

ЗАЕВ САКАШЕ ЛИДЕРСКА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, МИЦКОСКИ НЕ ПРИФАТИ

Со цел да се реши статусот на СЈО, формирано по потпис на партиите, премиерот Зоран Заев на 15.јули годинава, на лидерска средба планирана за четири дена подоцна, упати покана до Мицкоски, Ахмети и Села. Албанските претставници ја прифатија веднаш, додека лидерот на опозицијата, оптоварен со идејата за предвремени парламентарни избори, рече дека воопшто нема да присуствува ако неговата тема не се стави на маса. „Алиби и театар“, сметаше Мицковски дека прави премиерот.

Не одржаа лидерска средба тогаш, но еве вечерва таа се случува.

Катица Јанева, која беше пречка за ВМРО-ДПМНЕ, сега е во притвор и е на чекор од формално разрешување. Но законот за јавно обвинителство и предметите од СЈО се уште „висат“ бидејќи лидерите на двете најголеми партии од македонскиот блок си немаат пружено рака. А меѓународната заедница тоа го бара.

Ако Заев е оптимист дека тоа можат да го договорат, Мицкоски ни вечерва нема да отстапи од барањето за предвремени парламентарни избори, за што потврдија и од ВМРО-ДПМНЕ.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »