Советот на Европската Унија даде глас за доверба на поранешната Специјална јавна обвинителка на Романија, Лаура Ковеси. На денешниот состанок на Советот на ЕУ кој се одржа во Брисел, 17 од 22 членови и ја дадоа својата поддршка на Ковеси. Откако таа беше поддржана и од страна на Европскиот парламент, нејзиното назначување за главен јавен обвинител на ЕУ е извесно.
За време на нејзиниот мандат како главен специјален јавен обвинител, Ковеси отвори истраги против илјадници корумпирани политичари. Градоначалници, министри, пратеници, па дури и поранешниот премиер на Романија, беа осудени и завршија во затвор за време на нејзиниот мандат.
Ковеси која ја ужива поддршката на граѓаните на Романија и е почитувана ширум земјите на ЕУ, беше разрешена од својата функција од страна на Владата на Романија, поради обвинувања за злоупотреба на службена должност.
Романското СЈО кое беше формирано во 2006 година, како еден од условите од Брисел за влез на Романија во ЕУ, служеше како урнек за формирање на македонското СЈО.
Ковеси во ЕУ, Катица во притвор
Македонското специјално јавно обвинителство на чело со Катица Јанева беше формирано по примерот на романското специјално обвинителство наречено ДНА. Ковеси во 2016 година ги посети просториите на СЈО и се сретна со Јанева и останатите обвинители, а обвинителите добија и шанса одблиску да се запознаат со работата на Ковеси во Букурешт. Ковеси тогаш испраќаше пораки на охрабрување до своите македонски колеги, да не дозволат никој да ги заплашува и да го спроведат законот професионално и непристрасно.
И покрај поддршката која Ковеси и ја укажа на Јанева, три години подоцна таа се наоѓа пред портите на европското јавно обвинителство, а Катица Јанева во затворот Шутка.
Јанева е во притвор од 21 август, осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања во т.н случај „Рекет“.