Press "Enter" to skip to content

Кој му дели памет на премиерот: Стефани и Сокол

Партиска младина со спорен професионален багаж, локални мангупи, новинари и водители на фолк фестивали чинат дел од списокот надворешни советници/соработници на премиерот Зоран Заев. 

Истражувачката репортерска лабораторија повеќе од една година известува за непочитувањата на начелата на системот на заслуги. Клиентелистичкиот однос на администрациите во делењето државни работи и зделки со години е критикувано од страна на Европската Kомисија. Владата на Зоран Заев навести крај на бруталните пракси кои доведоа до опаѓање на квалитетот на живот, иселување на младите и колапс на економијата. Се вети и крај на фрустрациите на квалитетните кадри кои не можат да се натпреваруваат со вештини и идеи на пазар на труд под диктат на центрите на моќ во партиите.

Пишуваат: Маја Јовановска и Сашка Цветковска

Првиот дел објавен вчера прочитајте го на овој линк. Во него  откривме дека помеѓу новите соработници и советници на премиерот се синот на Нано Ружин, Александар и писателот Венко Андоновски, личен биограф на бизнисменот Ванчо Чифлиганец.

Стефани

Во 2015 годинa велешанката Стефани Арсовска ги завршува своите студии на приватниот универзитет ФОН. Пишува колумни за партизацијата, за владеењето на правото, за системот на заслуги во онлајн порталот Бриф. Како родена во раните деведесетти, Арсовска сака да зборува гласно и за неправдите врз младите без партиска книшка кои не можат да најдат работа, меѓу нив и нејзини пријатели.

„Мастер студиите завршија. Е сега што правиме? Колегата мој треба да се вработи. Јасно ни е на сите нас овде…Во Република Македонија партиската книшка многу повеќе се вреднува од диплома. Партиската книшка е онаа што не разликува и притоа многу повеќе не дели. На послаби и појаки, на црвени и плави, ова се зборови на Стефани Арсовска од нејзин говор на ораторски вечери во 2015 година кога уште студира на приватниот универзитет ФОН.

 

Профил на социјалната мрежа на Арсовска со премиерот како кавер фотографија

Во меѓувреме, Стефани Арсовска е активна и во опозициското движење. Во 2015 почнуваат нејзините ангажмани во СДСМ кога ја посетува и праксата за млади. Mагистрирала на Универзитетот ФОН на политички науки од областа на надворешната политика и дипломатија. Арсовска по дипломирањето и магистрирањето кусо му била и демонстратор на професорот Нано Ружин на предметот „Историја на цивилизации“. Неговиот син Александар Ружин и Стефани Арсовска во ист ден добиваат договори со Владата за да го советуваат премиерот.

„Јас сум дипломиран политиколог на Факултетот за политички науки при ФОН Универзитет, каде што ги завршив и постдипломските студии како стипендист на Универзитетот и се стекнав со звање Магистер на политички науки од областа на надворешната политика и дипломатија. Работев и како волонтер-асистент на тогашниот потпретседател на СДСМ, ангажман кој го остварував повеќе од три години“, вели Арсовска за ИРЛ.

Стефани Арсовска му станува советник на премиерот со авторски договор за  „Поддршка на процесот за поголемо искористување на ЕУ фондовите во областа на земјоделство, шумарство и водостопанство, во потесна соработка со посебниот советник за земјоделство, шумарство и водостопанство“. Таа работи во кабинетот на посебната советничка за земјоделие Ленче Николовска, поранешна новинарка и пратеничка.

Стефани Арсовска (лево) со посебната советничка на премиерот за земјоделие Ленче Николовска на митинг на СДСМ

Стефани  Арсовска зема хонорар од 30,000 денари месечно, а договорот и е на една година.

Првиот ангажман во државната служба го добива по смената на власта во 2017 година како постојан надворешен соработник со договор на дело во министерството за култура. Задача и била да ги средува материјалите за седници на владата што доаѓаат од Кабинетот на тогашниот министер Роберт Алаѓозовски.

Во време додека била ангажирана во Министерството за култура конкурирала со проект со наслов „Хибернација во политичкиот говор“. Конкурсот бил распишан на 29 септември и траел до 14 ноември 2018 година. Одлуките се носени подоцна и резултатите се објавени во февруари, кога таа веќе заминува.  Стефани Арсовска добила 70.000 денари за нејзиниот проект, потврдуваат од Министерството од каде што не замолија да не испуштиме пред бројот 70,000 да пишеме „само“, сугерирајќи дека не станува збор за големи пари. Но, тогашното истражување на емисијата 360 степени кое се бавеше со контроверзите околу делењето пари во културата, за проектот на Стефани Арсовска пишува дека иако е најниско бодуван во нејзината категорија, сепак добил средства.

„Кога се носела одлуката за мојата апликација не сум била ангажирана во Министерството, ниту пак,како било сум можела да учествувам во одлучувањето и да влијаам врз одлуката, што значи дека не постои никаков конфликт на интерес.“, вели  таа.

Сокол

Филип Андов наречен Сокол им е познат на многумина во Скопје од вечерните излегувања и дневните кафе-пиења по скопските кафулиња. Чест гостин е во ресторанот „Дион“ на скопскиот кеј каде што во викендите се забавува на забавна и турбо фолк музика. Таму излегуваат многу видни сегашни и поранешни функционери, лица од естрадата, но и контроверзни бизнисмени и членови на подземјето. На пример, братот на премиерот Зоран Заев, Вице, правеше новогодишен прием за политичари, бизнисмени и новинари токму во „Дион“.

Филип Андов (десно) во друштво со премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски

ВМРО-ДПМНЕ неодамна обвини дека за Андов постојат и кривични пријави за насилство кои стојат во фиока. Неговиот брат е полицаец, а негови добри пријатели се градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски и директорот на зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.

Од списокот којшто ИРЛ – Македонија го доби од владата, ангажманот на Андов, за којшто добиваа месечен хонорар од 30,000 денари, е опишан со следниве зборови: креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје.

Филип Андов (лево) во друштво со директорот на Зоолошката градина Скопје Ѓорѓи Галетановски

Го прашавме кои се неговите компетенции за да биде назначен на оваа позиција, дали можеби партијата помогнала, или пак тоа се должи на неговиот професионален авторитет.

„Мојот ангажман е надворешен, јас не сум вработен во кабинетот ниту во Владата, а моја работна професија е стопанственик во бизнис секторот. Ангажманот за кабинетот на премиерот никако не е поврзан со мојата партиска припадност, а истата никако не влијае врз моите професионални активности кои ги извршувам за Владата“, рече Андов за ИРЛ.

Не е познато на какви бизниси мисли, но во Скопје е познат како поранешен локален менаџер на кафулиња, а се пробал и како угостител – претприемач. Од Владата во нивните одговори не кажаа како во Кабинетот се воделе во изборот на советници и дали системот на заслуги одиграл некаква улога и каква.

Зошто се важни овие прашања

Клиенталистичкиот однос на администрациите во делењето државни работи и зделки со години е критикувано од страна на Европската комисија. Владата на СДСМ навести крај на праксите на партизација на сите институции кои доведоа до опаѓање на квалитетот на живот, иселување на младите и колапс на економијата.  Се вети и крај на фрустрациите на квалитетните кадри кои не можат да се натпреваруваат со вештини и идеи на пазар на труд кој според угледни домашни и меѓународни институции беше критикуван дека е под диктат на центрите на моќ во партиите.

Советничкиот кабинет на премиерот Зоран Заев содржи видни професионалици, но и мноштво лица чиј што професионален бекграунд отвори прашања за непочитување на начелата на системот на заслуги.

Меѓу 63-цата вработени и хонорарно ангажиран советници и соработници има и сериозни луѓе. Но, доминантно, на списокот се лица кои отвараат  прашања дали нивните компетенции одговораат на висината на задача – да се советува и да се влијае на одлуките на Претседателот на Владата.

„Тие позиции по непишано правило се даваат на луѓе со професионален багаж и автортитет во областа во која треба да советуваат. Во Македонија се чини дека овие позиции постојат за да се ухлебат партиските послушници“, ќе рече Денко Малевски, првиот министер за надворешни работи на Македонија и универзитетски професор кој од скоро стана дел од советничкиот тим на претседателот Стево Пендаровски

Читајте утре: Новинари и водители на фолк фестивали во советничкиот тим на премиерот. 

Кој му дели памет на премиерот: Мистериозен советник за ЕУ, новинар и водител на списокот советници на Заев

Сторијата е дел од соработката помеѓу НОВАТВ и ИРЛ Македонија во рамки на проектот на НЕД за унапредување на состојбите во сферата на владеењето на правото.