Кој му дели памет на премиерот: Алекс Ружин, Венко Андоновски
27.05.2019
Бројот на надворешни соработници на Зоран Заев порасна на 39 лица. Заедно со редовните сега има вкупно 63 советници. Тоа се две третини од бројката на советници на Никола Груевски, за кој лани владата на СДСМ на јавноста и откри дека за една година потрошил 1,7 милиони евра за 91 советник. Претседателот на владата има постојано вработени државни советници и посебни советници (24) и има право да ангажира неограничен број на надворешни советници. Таквиот советник може да зема еднократен надомест, да биде ангажиран на проект во одреден временски период, но и да биде на списокот на постојани месечни хонорари.
Пишуваaт: Маја Јовановска и Сашка Цветковска
Меѓу новите имиња со постојан месечен хонорар се и универзитетскиот професор од Kaтедрата за македонски јазик Венко Андоновски и Александар Ружин, син на поранешниот дипломат и актуелен професор на ФОН, Нано Ружин. Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ Македонија го побара ажурираниот список со надворешни соработници, односно советници на претседателот на Владата за да следиме дали има промени и какви се ангажманите на овие лица.
Заев има надворешни советници од речиси сите области – од економија, дипломатија, здравство, регионална политика, социјала, односи со јавноста итн. Меѓу нив има домашни и меѓународни истакнати професионалци, но и контроверзни ангажмани.
Советничкиот список на премиерот во јавноста беше често критикуван за компетенциите и за дубиозните врски на одредени советници со лица од бизнисот и подземјето. Голем дел од забелешките се однесуваа на злоупотребата на советничките функции во кабинетите за партиски и лични цели.
Од локална естрада до советник за Бенелукс
Од почетокот на годинава Александар Ружин му стана дипломатски советник на премиерот. Во владиниот одговор пишува дека секој месец тој зема 50,000 денари за да дава совети за „економска, социјална и културна соработка со државите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург) и Франција“.
Александар Ружин има 36 години. Тој е член на Либералдемократската партија (ЛДП), исто како и неговиот татко Нано Ружин кој порано ја вршеше функцијата амбасадор во НАТО. Роден е во Париз во 1983 година. Во тоа време неговиот татко студира во француската метропола. Поседува приватна фирма за продажба на автомобилски гуми и бандажи – „Бенелукс Тунинг“.
Политичките амбиции на Ружин стануваат повидливи по антивладините протести кои почнуваат во 2015 година. Тој често се фотографира на митинзи на тогашната опозиција со високи функционери на СДСМ. ЛДП е дел од опозициското движење, често гледана како привезок на СДСМ. Тој и неговото семејство можат да се видат на фотографии со лидерот на СДСМ Зоран Заев и, почесто, со неговата сопруга Зорица.
Александар Ружин од лево со братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев. Фото: Социјални мрежи
Севкупно, професионалниот бекграунд во сферата на меѓународните односи на Ружин помладиот е кусо речено – скромна. До скоро, тој беше почесто присутен во вестите од естрадата, а поголема популарност стекна како момче на хрватската поп ѕвезда Антонија Шола. „Александар Ружин, македонскиот џет-сетер е сингл“, во ваков контекст до скоро се известуваше за синот на дипломатот. На неговите профили на социјалните мрежи често споделува фотографии од скапи автомобили и патувања, но и од луксузни вечерни излегувања. Пред околу две години тој се проба и како влогер. Заедно со неговата тогашна девојка Елена почнаа да продуцираат лајф-стајл видеа со пораки за љубов и среќа.
Во едно од ретките политички интервјуа кои тој ги има дадено себеси се опишува како некој којшто „уште од студентските денови се интересирал за политичката еволуција“. Во истото интервју за естрадниот портал „Идол.мк“ тој вели дека донел значајни инвеститори од Белгија и Франција“, а пишувал и труд за неговите инвестициски лобирања.
ИРЛ стапи во контакт со Александар Ружин. Го прашавме како дошло до понудата со премиерот, какво е неговото познавање на состојбите со земјите од Бенелукс и Франција, што сторил во својот мандат и на чија иницијатива станал советник на премиерот. Тој самиот ги побара прашањата писмено.
„Со делегација од странство сум, пишете ми ги прашањата“, беше неговиот прв и единствен одговор. ИРЛ чека повеќе од две недели за одговори на овие прашања.
Прашавме и во Владата, а оттаму одговорија кусо неоткривајќи детали за резултите од ангажманот на Ружин.
„Надворешниот соработник Александар Ружин, согласно предметот на договорот е надворешен соработник за Економска, социјална и културна соработка на РСМ со државите на Бенелукс и Франција, за што поседува соодветни знаења и контакти“, велат од Владата.
Татко Ружин (лево) со синот Ружин (десно) и премиерот Заев.
Премиерот има дванаесет надворешни соработници кои работат на проекти или го советуваат за прашања од надворешната и регионалната политика. Меѓу нив има и истакнати имиња како претседателот на Евро-атлански совет Исмет Рамадани. Рамадани беше расположен за разговор да сподели со јавноста што работи.
„Правиме месечни анализи и извештаи поврзани за нашето членство во НАТО кои му ги доставуваме на премиерот. Освен тоа имаме консултации пред официјални средби во земјава или надвор, кога доаѓаат делегации или кога нашите државни претставници имаат состаноци со нивни колеги од областа на одбраната или НАТО“, вели за ИРЛ Исмет Рамадани,претседател на невладината организација Евро-атлантски совет на Македонија кој го советува премиерот за остварување на стратешките определби на РСМ за членство во НАТО.“
Од симбол на лицемиерието кај бившата опозиција до советник на власта
Венко Андоновски е популарен македонски писател. Со години пишува колумни за општествените збиднувања во дневниот весник „Нова Македонија“. Изминатите неколку години во јавноста тој беше критикуван дека му дава суптилна поддршка на Груевски со неговото премолчување на големи афери кои задираа во фундаменталните права на граѓаните како слободата на говор. Андоновски беше еден од оние уметници кои јавно и се заблагодаруваа и ја фалеа министерката за култура Елизабета Канеческа Милевска за што беше критикуван и од еснафот во културата.
„Огромна благодарност до министерството, ретко имаме министерка во Владата која толку се труди за културата на својата земја“, ќе рече Андоновски за Канечска Милевска, министерката која што имаше значајна улога во овозможувањето на продорот на национализмот во културата и во идеолошко-корупцискиот проект „Скопје 2014“.
Во неговите колумни Андоновски се трудеше да одржи привид на критичност, но на социјалните мрежи и во колумните на истакнати јавни личности беше обвинуван дека ги критикува слабите, а не моќните. Тој често пишува за менталитетот на македонскиот народ, а како примери често ги даваше културата на продавачките во маркетите, месарите, тетовираните и слично.
Андоновски е автор на трите дела на биографијата на контроверзниот бизнисмен Ванчо Чифлиганец, кој беше обвинуван за корупција и трговија со влијание од страна на тогашната опозиција, а сега власт – СДСМ. На првите две промоции на животните достигнувања на градежниот могул Андоновски читаше извадоци пред високи функцинери на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Професорот ги напишал „Можеш и ти“, „Ванчо Чифлиганец 60“ и “Филантропијата на професор-доктор Ванчо Чифлиганец“, а на промоцијата на третата книга кај Чифлиганец дојде премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Синот на бизнисменот, Душко, е во подолга љубовна врска со внуката на премиерот од брат, Ева.
Венко Андоновски на промоцијата на третиот том од биографијата на сопственикот на Адора Инжинеринг, Ванчо Чифлиганец. Во публиката се и премиерот, заменик премиер, поглаварот на МПЦ и други високи гости
Андоновски е ангажиран на почетокот на годинава, а договорот му е до крајот на истата. Во владиниот документ пишува дека е ангажиран за проектот со наслов:„Осмислување на структурата и функцијата, изготвување и испитување конкретни можности на терен за отворање на државен Македонски центар за култура во Србија. Тој месечно добива паушал од 40,000 денари. За ИРЛ вели дека неговиот ангажман бил на негова иницијатива. Идејата била стара, но новата влада покажала интерес.
„Сега предложив два проекта, еден од нив и беше предложен и на претходната влада која немаше интерес за тоа и на мое пријатно изненадување, оваа влада покажа интерес за нив“, вели Андоновски за ИРЛ.
Прашан за детали од проектот тој рече дека не може се да открие, оти не се знаело ниту дали ќе успее.
„Станува збор за два меѓународни културни проекти за кои изработив темелни елаборати. Не можам да ги откријам зошто се во фаза на елаборација. Може да се случи ништо од тоа да не биде“, вели Андоновски и порачува да се почека на првите резултати. Иако не сакаше да открие детали, за ИРЛ раскажа дека овие идеи се негови младешки соништа. “Ги носам уште како млад човек, а сега ете доаѓа време кое ми се чини погодно за реализација“, вели Андоновски и вели дека сите уметници ќе имале полза од мистериозните проекти.
Андоновски заедно Чифлиганец (лево)
Андоновски беше дел од уметниците и професори кои се противеа на Договорот со Грција и жестоко ја критикуваа власта.
„И натаму стојам на ставот дека Македонија плати преголема цена за прием во НАТО и ЕУ со промена на името. Но, исто така, не мислам дека на пример, најдобрите наши фудбалери треба да престанат да играат фудбал за репрезентацијата, поради тоа што државата добила додавка во името. Јас минатиот месец платив данок на имот на име РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. Ако не платев, ќе одев во затвор. Значи, ми се допаѓало мене тоа или не, јас сум граѓанин на сегашна Република Северна Македонија“, ни изјави Андоновски.
Да се биде советник
Премиерот самиот може да си ги одбере соработниците. Во изминатите 15 години видливо е опаѓањето на квалитетот во изборот на луѓе кои треба да им дадат ум на премиерите и претседателите кои, што пак, одлучуваат за судбините на сите граѓани.
Професорот Денко Малевски и првиот министер за надворешни работи на Македонија деновиве е актуелен како советник за надворешна политика на претседателот Стево Пендаровски. Малевски важи за виден интелектуалец и познавач на меѓународните односи. Тој беше еден од најпопуларните професори на Правниот факултет при УКИМ.
„Тие позиции по непишано правило се даваат на луѓе со професионалн багаж и автортитет во областа во која треба да советуваат. Во Македонија се чини дека овие позиции постојат за да се ухлебат партиските послушници“, вели Малевски.
Кога германската канцеларка Ангела Меркел реши на Заев да му испрати советник на нивен трошок којшто ќе работи и ќе ја советува владата на Заев за економски политики и реформи во користењето на европските фондови, тие го испратија Валтер Дефа.
„Валтер Дефа е човек што свири пијано, сака старогрчки и игра голф. Тој директорувал со два директорати во Европската комисија, на најголемиот, за даноци и царини, а потоа од 2012 до 2016 и на Директоратот за регионална и урбана политика“, ќе напишат медиумите за бесплатниот германски надворешен советник на Заев.
Продолжува: Има ли систем на заслуги во назначувањето на советници
Сторијата е соработка помеѓу Истражувачката репортерска лаборатирја – ИРЛ Македонија и НОВАТВ во рамки на проект за унапредување на реформите во сферата на владеењето на правото поддржана од НЕД.
Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.
Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.
Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.
Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.
Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.
Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.
Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.
Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.
Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.
Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ.
Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.
Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.
Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.
„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата.
На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.
Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.
Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.
Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.
„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот.
Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.
Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука.
Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.
„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје.
Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:
„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот.
Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.
„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот.
Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.
Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.
Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.
Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.
„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.
На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.
„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.
Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.
„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот.
Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности.
Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.
Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.
На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.
Ѓорѓи Лазов и фирмата „СОС Обезбедување“ биле дел од истрага на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата во предметот „Синџир“ за даночно затајување. Ѓорѓи Лазов призна вина заедно со уште три лица. На 14 мај 2024 година е осуден на условна казна, објави порталот „Призма“.
На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.
„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот.
Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.
„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.
На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.
За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.
„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.
Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.
Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.