Press "Enter" to skip to content

Киндер јајцето го избра новиот заменик претседател на Антикорупциската комисија

Киндер јајцето одлучи кој ќе биде заменик претседател, а преполната сала новинари и сниматели навести дека новиот состав на Антикорупциската комисија ќе има сериозен притисок да ги исполни ветувањата за транспарентност и отвореност кон јавноста. За прв пат по повеќе години, на редовна седница на Антикорупциската комисија влегоа камери.

На лотарија со Киндер јајце баџанакот на Талат Џафери, Нури Бајрами, избран за заменик претседател

На почетокот на седницата, веднаш по утврдување на дневниот ред започна изборот за заменик претседател на комисијата. Начинот на бирање беше невообичаен, но, според комисијата, овозможи да се исклучи секоја можност за надворешно влијание врз изборот за заменик на претседател. Секој од членовите на комисијата, освен претседателката, извлекоа едно од шесте стари кутивчиња за играчки од Киндер јајца. Во секое кутивче имаше по едно ливче, од кои на пет од нив пишуваше „член“, а во една од кутивчињата се наоѓаше добитното ливче на кое пишуваше „заменик“. Со изборот на заменикот претседател по пат на случаен избор, пред очите на медиумите во просторијата, комисијата направи дополнителен чекор во духот на транспарентното работење.

Среќниот добитник на наградното Киндер јајце беше Нури Бајрами, кој веднаш беше прогласен за заменик претседател, што предизвика бурни реакции и смеа од страна на присутните во просторијата.

Поради реакцијата на присутните, Бајрами побара збор и им се обрати директно на новинарите:

„Навистина е случаен избор и треба да се почитува. Шоуто да заврши и да се вратиме на работење.“

Веднаш по изборот на новиот состав на комисијата на 8ми февруари, јавноста беше разбранувана од веста дека жената на Нури Бајрами, е сестра на жената на претседателот на Собранието – Талат Џафери. Како одговор на оваа информација, Талат Џафери се изјасни дека не гледа ништо спорно во изборот на неговиот баџанак и дека тој е избран преку транспарентен процес.

Фото: ТВ 24

Како една од точките на дневниот ред на седницата беше најавено дека ќе се разгледа ставот на комисијата во однос на прашањето дали постои судир на интереси помеѓу членот на комисијата Нури Бајрами и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Пред да стигнат до точката за разгледување на случајот за избор на Нури Бајрами, тој беше прогласен за заменик претседател, на што медиумите имаа сатирична реакција дека би требало веднаш да се прејде на точката за можно постоење на судир на интереси.

Но, комисија утврди дека не постои судир на интереси во конкретниот случај на изборот на Нури Бајрами за член на Антикорупциската комисија, бидејќи според член 8 од Законот за спречување корупција, баџанаците Нури Бајрами и Талат Џафери, не се во блиско сродство. Од друга страна тие констатираа дека законите не се до крај прецизирани и јасни, поради што Државната Комисија ќе го искористи своето право да спроведе антикорупциска проверка.

Бајрами им се обрати на новинарите, укажувајќи на тоа дека во ниеден оглас не може да се постави посебен услов кој би ги спречил кандидатите да аплицираат поради нивните блиски роднински врски:

„ Ако комисијата процени дека било кој од нас е пристрасен, може да се реагира. Јас не сум тука по партиска линија и не сум тука да пливам во политички води, во последниве 10 години бегам од тоа. Следете не и држете ме за збор, за мене нема блиски, нема роднини и нема пријатели, готово и не може никој да влијае. Ако се открие таква работа намерно, не е проблем оставка. Не сум тука да градам кариера, при крај на работниот век сум и само сакам тоа искуство што го имам, негде да го дадам.

Имаше пропусти колку сакате, требаше да има прашања за нас, не само опширни прашања. Дали требаше јас да се изјаснам на начин да дигам рака и да речам – јас сум баџанакот. Јас конкурирав бидејќи беше јавен оглас и имав доверба дека сите тие присутни фактори, навистина ќе го спроведат тоа до крај.“

Од март 2018та година, Антикорупциската комисија немаше кворум за работа и одлучување. Пет од вкупно седум членови на Комисијата си поднесоа оставки, затоа што беа фатени како си исплаќале патни трошоци кои според закон не им следувале.

Новиот состав на Антикорупциската комисија на 8ми февруари положи заклетва дека совесно и одговорно ќе си ја врши работата и дека во борбата со корупција ќе го почитува уставот и законите, откако Македонија скоро една година немаше вакво тело.

Голем број од новинарските прашања на денешната прва седница беа насочени кон дилемата за евентуално постоење на влијанија и притисоци од страна на функционерите, при вработување на нивните блиски во државни компании и институции. Во изминативе неколку месеци на површина испливаа голем број вакви случаи, што предизвика бурни реакции во јавноста. Комисијата денес одговори дека до нив во изминативе неколку денови не е стигната ниедна претставка за вработување на блиски лица од страна на функционери, но и покрај тоа, законот отвара можност за самите да проверат и по анализата , јавноста ќе добие информации. Бидејќи постојат многу случаи кои треба да бидат разгледани, претседателката на комисијата, Билјана Ивановска даде предлог да се започне по азбучен ред.

Во однос на пријави кои се досега пристигнати до Комисијата, има околу 60 предмети за пријава на корупција, но комисијата ќе се води по принципот на приоритет. Тие додадоа дека се што е досега дојдено до јавноста и предизвикало некаков сомнеж, ќе биде разгледано.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »