Press "Enter" to skip to content

Хибридни војни: Кој дозволи да се ’хакне‘ изборниот ден

Што имаат заедничко нападите врз Тајм и ДИК на изборниот ден и нападот врз веб-страницата на Фондот за иновации две недели пред изборите? Како потфрлила заштитата на ДИК? Што правеле институциите за безбедност за време на нападот? Дали целта била дефокус или вистински упад во системот? ИРЛ и „Само прашај“ прават реконструкција на клучните настани пред и по изборниот процес. 

На веб-страницата на Бирото за јавна безбедност во САД може да прочитате како изгледа зашитата на изборната инфраструктура и што прават органите на системот за да ја одржат максимално безбедноста на изборниот ден. САД и европските држави имаат процедури и правила за заштита на изборниот процес.

Во таа инфраструктура, покрај заштитата на избирачките места и слично, спаѓа и заштитата на критичната дигитална инфраструктура, односно веб-страниците и апликациите за гласање и следење на изборниот процес.

Македонското Биро за јавна безбедност нема своја веб-страница. Хакерскиот напад врз веб-страницата на Државната изборна комисија на самиот изборен ден, како и обвинувањата за технички слабости на апликацијата отворија прашања за начинот на којшто институциите го штитат изборниот процес. На прашањето коешто ИРЛ го испрати до МВР да праша какви се безбедносните протоколи за изборниот ден – одговори не добивме.

Во разговор со сите вклучени страни и релевантни институции, како и со посебни експерти за сајбер безбедност, ИРЛ и Само прашај направија реконструкција на клучните настани пред и по изборниот ден, кои отвораат сомнежи за институционална пропусти и негрижа за безбедноста на изборниот процес.

Автори: Сашка Цветковска, Давид Илиески
Дополнително известување: Дајана Лазаревска, Лила Караташева
Илустрации: Лука Блажев

Што навистила се случи на изборниот ден

Денот на изборите, 15 јули 

21:10: Првиот напад

Паѓа веб-страницата на Државната изборна комисија, којашто е основниот извор за следење на изборните резултати. Новинарите и јавноста не можат да добијат никаква информација од ДИК со часови.

„Страницата едноставно престана да работи. Не можевме да знаеме дали е технички проблем или е напад. Нештата почнаа да стануваат чудни кога тајм.мк објави дека е цел на хакерски напад. Ние реално не знаевме што воопшто се случило со сајтот и дали е напад или технички пропуст од следниот ден, со што се остави голем простор за шпекуланти кои во име на разни центри на моќ би искористиле ваква прилика за поткопување на веродостојноста на изборните резултати, вели Марија Митевска од Радио Слободна Европа. 

21:15 ДИК пријавува во Дуна компјутери

ДИК пријавиле во „Дуна“, компанијата одговорна за електронскиот систем за внесување и пренесување на статистиките од изборите, мислејќи дека проблемот е во апликацијата. Од таму им одговориле дека паднала веб-страницата. Додека одговорните во ДИК панично вртеле во „Дуна“, никој не забележал дека проблемот е со целата веб-страница на ДИК, а не само со страницата изборни резултати којашто функционира како посебна платформа.

Ова значи дека ако паднела само апликацијата, останатата содржина на сајтот ќе била сѐ уште достапна, а само платформата со резултатите би била недостапна. Во ДИК владеела вистинска паника, а никој не знаел што точно да прави.

Од „Дуна“ велат дека тие се обиделе да им објаснат дека проблемот е во нивниот сервер. Апликацијата каде што се внесуваат изборните резултати е поставен во засебна мрежа од онаа што ја гледа јавноста, независна од страницата на ДИК, и е поставена од страна на компанијата „Дуна“. Ги упатуваат да проверат во нивните сервери.

ДИК оперира со сопствени сервери, донација од двата меѓународни донатори, американската владина агенција УСАИД и и Меѓународната федерација за изборен систем – ИФЕС, во вредност од 200.000 долари добиен. Новите сервери влегlе во употреба пред околу 2 месеци.

„Ние веднаш им кажавме дека е напад и дека нема врска со апликацијата. Потоа се јавија од А1 Австрија да пријават невообичаено голем сообраќај во секунда“, вели Александар Пајковски од Дуна компјутери. 

21:40 Нападот го прекинала А1 Австрија, потфрлила заштитата на ДИК

Иако ДИК е претплатена на заштита којашто треба да ги отфрли брзо ваквите напади ако се случат и да го врати серверот на хакнатиот сајт што поскоро во функција. Нападот е прекинат во моментот кога меѓународната телекомуникациска компанија А1 Австрија интервенира.

„По безуспешниот обид А1 Македонија да се справи со проблемот, А1 Австрија се оние кои реагираат и го блокираат нападот“, вели Владо Васиљевски, раководител на одделението за информатичка технологија во ДИК. 

22:10 Тајм се враќа, ДИК не

По самo еден час од затворањето на кутиите, поради нападите е успорена цела процедура за внесување на гласовите дигитално. Фокусот на граѓаните и медиумите е целосно променет по она што, според сите партии, беше мирен и успешен изборен ден и покрај предизвикот за одржување избори во услови на пандемија.

Твитот на Тајм со кој тие први на јавноста ѝ откриваат што точно им се случило се шири пребрзо на социјалните мрежи. Во исто време, на прес-конференција, претседателот на ДИК Оливер Дерковски ќе рече само: „Ние сме под хакерски напад“, додека основачот на Тајм, Игор Трајковски, во својот твит ќе објасни и каков е тој напад.

„Под DDoS сме, ИП адреси од цела планета“, вака основачот на агрегаторот Тајм ќе го соопшти нападот врз нивната веб-страница. За ИРЛ, истиот напад ќе го опише како еден од „најагресивните напади што кога било им се случиле“. 

Агрегаторот Тајм бил нападнат со повеќе од 20 милиони ИП-адреси. Но, во ова време е веќе опоравен и достапен за корисниците. Веб-страницата на ДИК не работеше и во следните 12 часа на денот по изборите. Доцнеа резултатите, ливчињата се пребројуваа рачно, а конечните резултати се споделуваа со новинарите преку Гугл-фолдери.

ДИК и Тајм со иста заштита и сервери на иста мрежа

„Поради природата на нападот, нашиот безбедносен систем Cloudflare воопшто не успева да го детектира нападот“, вели Васиљевски од ДИК. На прашањето зошто тајм.мк успева да го врати сајтот да продолжи нормално да функционира онлајн, а ДИК не успева, Васиљевски обвини дека тоа е резултат на технички пропусти со апликацијата. Спротивно на него, претседателот на ДИК Оливер Дерковски вели дека апликацијата функцонирала беспрекорно.

„Тоа се невистини, апликацијата беше функционална“, рече тој во вчерашното гостување во телевизијата Алфа.

Со помош на специјални дигитални алатки за проверка на информации за домејни и сервери, ИРЛ утврди дека и Тајм и ДИК користат иста заштита од DDoS напади од позната американска компанија Cloudflare.

Игор Трајковски појасни дека овие напади ја заобиколиле заштитата од Cloudflare и биле директно насочени кон ИП-адресите на веб страницата. И покрај другите заштити кои ги користат серверите на Тајм, напаѓачите успеале да ги направат штета.

Од ДИК не знаеја да одговорат каква заштита купиле, бидејќи постојат различни степени на безбедност коишто ги продава компанијата.

16 јули, ден по изборите

12:30 ДИК пријавуваат во полиција откако МВР ги прашале кога ќе пријават

Државната изборна комисија дури следниот ден го пријавува нападот во полиција, откако МВР самите се јавиле да ги прашаат дали и кога ќе пријават, потврдија и од МВР за ИРЛ. ДИК не даде одговор зошто толку време чекале за да пријават во полиција.

Обвинувањата за изборни нерегуларности и партиските приговори минуваат во сенка на сајбер скандалот со ДИК.

Скап и опасен напад којшто може да се купи на „Dark Web“

ИРЛ разговараше и се консултираше со сите вклучени страни во институциите и компаниите кои беа цел на овој напад. Сакавме да го утврдиме карактерот на нападот. Со помош на двајца експерти чијашто специјалност е сајбер безбедноста, сакавме да дознаеме што би можел да значи овој напад и како е изведен. Имињата на овие лица ќе останат познати на редакцијата од безбедносни причини.

Што е „DDoS“ или дистрибуиран напад за одбивање на услугата

Постојат различни компјутерски напади, но овој конкретен напад се нарекува „DDoS“ или на македонски – Дистрибуиран напад за одбивање на услугата. Овој напад има една цел, а тоа е да го оптовари системот со барања за пристап до серверот.

Се случува кога хакерите се обидуваат да ги преплават серверите зад веб-страницата која е цел на нападот за да дојде до што е можно поголем сообраќај сѐ до моментот кога веб-страницата не може да го издржи тоа и станува недостапна за корисниците. Нападите „DDoS“ најчесто работат преку мрежа на ботови – голема група на дистрибуирани компјутери кои делуваат заедно и истовремено спамираат веб-страница или давател на услуги од којшто бараат податоци.

Како е направен овој напад

Постојат два начини: со сопствена инфраструктура која подразбира и своја бот-мрежа или, пак, услугата да се купи на „Dark Web“. Тоа е она место на интернетот каде што одат оние кои сакаат да останат анонимни и често се користи за илегални активности. На пример, таму може да купитe ’премиум акаунт‘ од хакиран нетфликс, да купите ботови, да тргувате со оружје, па и да нарачате хакерски напад. Најчесто се плаќа во криптовалути и тешко е да се следат ваквите трансакции.

Нашите аналитичари велат дека немаат дилема дека овој напад е купен бидеќи за да се изгради таква инфраструктура се потребни многу ресурси, а вакви сервиси се нудат на „Dark Web“ во изобилство. Цената за ваква услуга зависи од обемот и времетрањето на нападот и варира од само неколку стотици, па сѐ до стотици илјади долари.

Тие велат дека обично сајбер напади се прават за да се влезе во серверот со цел да се прават одредени промени или да се преземат податоци. Но, со „DDoS“ напад не можеш да направиш ништо освен да го онеспособиш сајтот или, популарно наречено, да го турнеш. Ова се прави за да се  онеспособи одреден вебсајт со цел да се спречи пристап до услугите на корисниците. Втората цел е создавање хаос или дефокус за да може да се изврши друга операција во заднината.

Игор Трајковски вели дека нападот врз Тајм бил толку агресивен што тие сѐ уште работат да се опорават и веќе второ деноноќие ресурсите на компанијата се насочени само кон поправање на инфраструктурата.

На нападот е можно да му претходел тест

На само 15 дена пред изборниот ден, на 30 јуни Фондот за иновации и технолошки развој во Одделнието за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи ќе пријави хакерски напад.

„Веб-страницата на Фондот за иновации и технолошки развој fitr.mk беше цел на хакерски напад доцна на 28.06 (недела) и во претпладневните часови на 29.06 (понеделник)”, ќе информира ФИТР преку соопштение, за кое ќе извести само еден информативен портал.

Од Фондот за ИРЛ потврдија дека станува збор за ист сајбер напад како оние на изборниот ден.

„Нападот беше од ист тип, или „DDoS“ напад, како нападот врз агрегаторот Тајм.мк и оној на ДИК. Ние не чекавме, сами го саниравме и брзо го направивме достапен, а во полицијата пријавивме веднаш“, велат од ФИТР. 

Од денот на пријавувањето до денес, никој од полицијата не го исконтактирал Фондот и не добиле никаква информација во врска со истрагата.

Институциите молчат

Освен истрагата на МВР којашто е отворена еден ден по денот на изборите, други институциојанлни реакции и официјално појаснување до граѓаните нема.

Државното јавно обвинителсто за ИРЛ рече дека ги следи случаите со нападот, но не одговори дали во услови кога има обвинувања за надворешни напади кои некои лица и медиуми ги нарекуваат терористички, а други ја користат ситуацијата за да ја спорат легалноста и легитимноста на изборите.

Од МВР не одговорија на прашањата на ИРЛ. Началникот на Одделението за компјутерски криминал при МВР Марјан Стоилковски рече дека двете истраги се во тек, и онаа за ДИК и онаа за Тајм, но одби да разговара на другите теми и нѐ упатуваше во Службата за јавни односи на МВР. Ниту службата не одговори на прашањата на ИРЛ и Само прашај.

Контроверзна софтверска набавка: Другиот проблем во изборниот ден

Паѓањето на страницата на ДИК отвори и други проблематични прашања, како постапката за набавка на софтверот за апликацијата за изборни резултати на Државната изборна комисија. Ден по изборите медиумите објавуваа дека набавката била спорна, се направила без отворен натпревар, само со покана до две фирми. „Дуна“ успева да го победи „Ај Воут“ на вториот тендер за софтвер, којшто се распишал на 19 јуни а завршил на 8 јули 2020, една недела пред изборите, кога била одбиена жалбата на „Ај Воут“, фирмата со која ДИК работеше од 2006 година. Истата набавка прво се спровела на почетокот на годинава кога изборите беа закажани за 12 април. Аплицирале истите две компании, но набавката била прекината откако Комисијата којашто одлучувала по жалбите ги прифатила забелешките на „Ај Воут“ дека „Дуна“ не ги исполнува техничките критериуми. Ова ги подгреа шпекулаците дека апликацијата не работела соодветно, а следеа обвинувања за нетранспарентно доделување на тендерот и несериозно работење во процесот на подготовки на ДИК за изборите.

Оваа содржина ја изработи Истражувачката новинарска лабораторија (ИРЛ) во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлјан платформата Само прашајкако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Корекција: 18 Јули 2020
Овој текст беше корегиран по реакција на сопственикот на Тајм, Игор Трајковски. Во текстот пишуваше дека обата сервери, и оној на Тајм и оној на ДИК, се прикачени на телекомуникациската мрежа на А1 Македонија. Трајковски посочи дека нивните сервери не ја користат мрежата на А1 Македонија и се сместени во друга држава. 

Последни приказни на ИРЛ

Човек на човека му е снимка

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.