Press "Enter" to skip to content

Хаос во почитувањето на мерките за безбедност од КОВИД 19 во погоните на дел од странските инвеститори

ИРЛ открива како дел од големите фабрики – странски инвеститори работат со проблематична примена на безбедносни протоколи. Работници од „Џојсон Сејфти Системс“ сведочат дека на работа доаѓале нивни колеги кои го прекршувале правилото на самоизолација, па дури и лица во постојан семеен контакт со лица вратени од ризичните земја. Сомнежите се дека раководството знаело за тоа, но мерки не се преземале. Во првите недели откако се откри и првиот заболен, тие работеле без заштитини ракавици и маски.

На 26 февруари во Македонија беше регистриран првиот случај на Ковид-19. Оттогаш помина еден месец. Клуч на врата ставија сите образовни институции, со работа прекинаа угостителите и затворените деловни центри, а голем дел од бизнис секторот е десеткуван, односно вработените работат од дома. Вонредната состојба ги принуди да ги запрат машините и дел од индустриските капацитети.

Од оние кои продолжија со работа во три смени е и фабриката „Џојсон Сејфти Системс“, лоцирана на 4 километри од Кичево. Во неа работат над 1000 луѓе од Кичево, како и од Македонски Брод, Пласница и околните села. Производството на воздушни перничиња и по донесените владини мерки продолжи да се одвива со истото темпо.

Во Македонија фабриката почна со работа во 2014 година како американска инвестиција, а веќе во 2016 година за сума од 920 милиони долари ја купи кинеската автомобилска компанија „Нингбо Џојсон Електроник“.  Компанијата од самиот старт има привилегирана позиција, кога тогашната влада во 2015 година и додели државна помош во форма на грант за отворање на работни места, како и ослободување од даночни обврски во период од 10 години и царински давачки.


ВАЖНО: АКО ВО ВРЕМЕ НА КОВИД-19 ЗАБЕЛЕЖИШ НЕПРЕВДА, НЕПОЧИТУВАЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА, ЗЛУПОТРЕБИ ОД РАЗЛИЧЕН ВИД ИЛИ САКАТЕ ДА СПОДЕЛИТЕ КАКО КОВИД 19 ВЛИЈАЕ НА ВАШИТЕ ЖИВОТИ ОД СОЦИО-ЕКОНОМСКИ АСПЕКТ, ПИШТЕ НИ ВО ИРЛ ОВДЕ. ВАШАТА ПРИЈАВА ЌЕ СТАСА БЕЗБЕДНО И АНОНИМНО.


Како што се ширеше корона вирусот во Македонија и се зајакнуваа мерките наметнати од Владата за заштита од корона вирусот, така растеше и стравот во сите фабрики во кои производството не застана и каде во една смена работат по неколку стотици работници. Таков беше случајот и со фабриката од Кичево, кога минатата недела на социјалните мрежи работниците споделуваа фотографии со кои алармираа дека менаџментот не презел никакви мерки за заштита од ширењето на коронавирусот. Работниците  обвинуваа дека речиси еден месец работеа без заштитни маски и ракавици и за време на процесот не се почитувала препораката од најмалку 1,5 метри за растојание помеѓу вработените.

„Немаме никаква заштита. На линиите кадешто работиме сме еден до друг и така по околу 300-400 луѓе во една смена. За време на пауза за јадење повторно сме многу луѓе во една просторија “, раскажува еден од вработените.

Дополнителен страв влеваше заедничкиот превоз, кој продолжи да функционира исто, со целосно пополнети автобуси и комбиња. Во редакцијата на ИРЛ овој случај го пријавија десетина работници, по што нашите репортери решија да го погледнат одблиску. Интервјуиравме повеќе од 10 работници кои со нас зборуваа лично, но во оваа публикација ќе се појават анонимно поради страв од губење на работното место.

„Ние сме мал град, а половина од градот вади леб од оваа фабрика. Ако се појавиме јавно да критикуваме, ќе останеме без работа“, вели еден од нашите соговорници.

Најголемата грижа дошла на почетокот на минатата недела, кога разбрале дека нивни колешки не се придржувале на правилото за самоизолација. Една од вработените во текот на смената соопштила дека нејзиниот син пред еден ден се вратил дома од Швајцарија, а таа и нејзините две ќерки продолжиле редовно да одат на работното место, иако живеат во ист дом со дојденецот и веќе имале контакт по неговото враќање во земјава. Швајцарија според Светската здравствена организација е на листата на вискоризични земји.

„Се крена паника во смената кога разбравме дека тие продолжиле да доаѓаат на работа нормално, наместо да се самоизолираат и да го известат менаџментот.  Се реагираше веднаш, им кажаа да не доаѓаат две недели на работа, но тие веќе беа во контакт со целата смена од 300-400 луѓе. Сега може само да се надеваме дека ниту тој ниту тие нема да појават симптоми. Во спротивно во ризик е ставен половина град“, раскажува нашиот соговорник.

Фотографија направена минатата недела додека втората смена чека ред за влез во фабриката

Истиот ден од менаџментот на фабриката одлучиле да направат нова шема при предавањето на смените, па така, „ризичната“ прва смена морала просториите да ги напушти од споредните врати, а работниците од втората смена чекале надвор се додека не им се каже дека можат да влезат. Фотографијата која деновиве кружи по социјалните мрежи е направена за време на предавањето на смените тој ден.

„Оттогаш не чуваат да не се сретнеме со другите смени, оти ако недај Боже се заразиме, барем да има друга смена што ќе може да работи“, додава еден од соговорниците.

Вработените сведочат дека биле и предупредени за објавите кои ги споделуваат на социјалните мрежи.

„Еден по еден не повикуваа и прашуваа зошто сме ја споделиле објава што се однесуваше на фабриката, а беше критичка. Сега стравувам за моето работно место, не смееме ништо да кажеме“, дополни еден од вработените.

Владата донесе мерки и препораки кои се однесуваат и на приватниот сектор, а со цел спречување на ширењето на коронавирусот.  Во тие мерки е и ослободувањето на родител со дете до 10 годишна возраст, но во оваа фабрика не се применува ниту таа мерка. Иако, неколку мајки се пријавиле дека сакаат да ја користат бидејќи нивните сопрузи работат во секторите кои не се опфатени со оваа владина мерка.

„Прво пуштија еден список да се потпишеме, сите што  треба да се ослободиме за да седиме дома со децата. А потоа, ни соопштија, ако ја користиме оваа мерка нема да ни се исплати целата плата, па се откажавме. Сега се снаоѓаме кој може ќе го чува детето, некогаш е и само“, вели една од вработените.

ИРЛ за сите овие обвинувања од вработените побара одговор од компанијата, но оттаму ни рекоа дека согласно нивната деловна политика не одговараат на новинарски прашања. Ни упатија отворена покана кога сакаме да ја посетиме фабриката и да се увериме за сите мерки за заштита од Ковид-19 кои досега ги презеле. Рекоа дека имаат постојани контроли од Државните инспекторати и досега пет пати имале инспекциска посета.

Архивска фотографија (24 јуни 2019) Посета на фабриката од министерот за странски инвестиции Елвин Хасан

Тоа го потврди и директорот на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу, на прашања на ИРЛ на вчерашната прес конференција. Тој изјави дека наодите му се чудни, но сепак ќе ја задолжи подрачната единица во Кичево да спроведе дополнители проверки.

„Тоа што го кажав на претходниот прес, се однесува на декларитивна изјава од самиот работодавач кој потенцира дека ќе нарача 50 илјади маски. Тој во моментот располага со 5 илјади маски. Тие маски се, сите знаеме, за кратка употреба. Бидејќи се повторуваат претставките за оваа компанија, подрачната единица во Кичево, ќе врши секојдневен надзор на оваа компанија. И тоа во различни делови од денот, за да можеме да ги утврдиме овие факти. Се разбира, ако не се применуваат препораките од Владата, ќе се санкционира таа компанија “, рече Хавзиу.

Работниците велат дека построги мерки за заштита биле преземени изминативе два дена, кога им биле поделени маски и ракавици, а намален е и бројот на патници во автобусите, па сега секој работник седи сам на едно автобуско седиште.

На интернет страната на „Џојсон Сејфти Системс“ нема никаков контакт од фабриката во Кичево. Имаат контакт од производствените капацитето во Америка, Кина, Јапонија и Германија, но не и од македонските погони. Прашањата ги испративме на маилот кој го најдовме откако од Централниот регистар извадивме тековна состојба и каде како сопственик е компанијата „Ки Сејфти Системс Луксембург“ од Луксембург.