Шефицата на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева поднесе оставка, која ќе се активира кога партиите ќе се договорат за нејзиниот наследник и ќе го донесат новото законско решение.
„Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Еве, денес ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја“, пишува во соопштението од Катица Јанева.
Во оставката се наведува дека и’ било чест што и’ служела на државата и била на чело на исклучително професионален обвинителски тим со кој испишале историја.
„Треба да бидеме горди затоа што претставуваме симбол за бескомпромисна борба против највисоките облици на организиран криминал и корупција“, смета Јанева.
Повлекувањето на Јанева е изненадување, со оглед дека таа во интервју за „Независен весник“ во април годинава најави дека планира повторно да конкурира за специјален јавен обвинител.
„Јас ќе конкурирам доколку се изгласа новиот закон за јавно обвинителство, односно на конкурсот за избор на специјален јавен обвинител. На тоа имаат право сите обвинители што ги исполнуваат условите предвидени со предлог- законот. Сметам дека ги исполнувам условите и ќе поднесам документи. Нема да се откажам. Секако, јас не можам да влијаам врз изборот, тоа е работа на Советот на јавни обвинители“, изјави Јанева за „Независен весник“.
Јанева беше на чело на Специјалното јавно обвинителство од септември 2015, оставката ја поднесе 2 месеци пред истекот на мандатот и еден час по апсењето на бизнисменот и шоумен Бојан Јовановски.
Во нејзиниот мандат беа покренати повеќе обвиненија против функционери на ВМРО ДПМНЕ, за кривични дела кои произлегоа од содржината на незаконското следење на комуникациите. Но, само за неколку од случаите има правосилни пресуди. Еден од нив е случајот „Тенк“, во кој на две години затвор беше осуден поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега и доби азил во Будимпешта.