Press "Enter" to skip to content

Изборот на Нина Ангеловска: Шанса за младите или естрадна кабинетска корекција

Нина Ангеловска денеска ја имаше првата прес конференција како министерка за финансии. Се појави заедно со човекот којшто самиот сакаше да биде министер за финансии. Кусо време Заев имаше двојна функција, кога освен што беше на чело на Владата го покриваше и секторот финансии. Но, кога веќе не можеше да биде и премиер и министер и’даде шанса на Нина Ангеловска. Ангеловска за себе вели дека е вистински човек за таа позиција бидејќи на Министерството му недостасувало добар менаџер.

Пишуваат: Сашка Цветковска, Деница Чадиковска

Долго најавуваната кадровска метла на премиерот Зоран Заев не донесе некакви драстични новини. Контроверзните кадри, како Садула Дураки на пример, не само што поминаа неказнето, туку се дограбија и до поголеми позиции, во неговиот случај – вицепремиерско столче. Со секоја презентирана смена на директори или министри, администрацијата на коалицијата на СДСМ и ДУИ беше повеќе критикувана отколку фалена.

Од друга страна, лица во власта чиј што мандат не беше спорен во јавноста, беа тргнати од своите позиции. Драган Тевдовски, поранешниот министер за финансии, е еден од овие луѓе. Додека министеруваше, не изостануваа реакции ниту за неговата работа. Се шпекулираше дека не е омилен помеѓу крупниот бизнис или дека не ја разбира визијата на СДСМ за стопанството, но и дека е повеќе теоретичар отколку вешт макроекономист. Во секој случај, Тевдовски беше генерално оценет како пристоен и чесен функционер.

Високи партиски извори од раководството на партијата, во разговор со двајца новинари на ИРЛ тврдеа дека Зоран Заев има сопствена визија за макроекономските процеси.

„Многу се почитуваат со Тевдовски и работеа одлично заедно, но мислам дека во одредени делови не се наоѓаа во делот на визијата. Претседателот има одредени идеи кои што сака да ги примени, се разбира со цела стручна помош од луѓето во Министерството”, вели висок функционер во СДСМ.

Вистинските причини за неговата смена остануваат непознати, но неколку месеци пред Зоран Заев да ја најави Нина Ангеловска позната како Нина Групер (по името на компанијата чиј што основач е таа), јавноста беше во благ шок кога Заев самиот себеси се најави како министер за финансии и премиер истовремено. Антикорупциската комисија пресече дека постои конфликт на интерес. Почна потрагата по нов министер. Во конкуренцијата се споменуваа имињата на актуелната гувернерка Анита Бежовска Ангеловска и Татјана Штерјова. Победи Нина Ангеловска.

Мерит во предизвикот

Нина Ангеловска во саботата во Собранието со 64 гласа „за“ и 18 „против“, беше избрана за нова министерка за финансии. Таа е млад и неспорно успешен претприемач. Еден од основачите на компанијата “Групер”- прв македонски онлајн сервис за купони. Но, од нејзиното богато резиме, отсуствуваат значајни искуства и ангажмани во сферата на монетарната политика, како и работа во финансиски институции. Изборот на Ангеловска, премиерот Зоран Заев го “продава” како шанса за младите, како конечно вклучување на невклучените во процесот на носење одлуки.

Нина Ангеловска која ја предлагам има 31 година. Сакам да испратам порака до младите, да го наоѓаат своето место насекаде, на сите работни позициии, па дури и на вака високи позиции кои нашата земја може да ги понуди. Во 2013 ги започнала докторските студии во 2016 е доктор на науки по организациски науки и управување при УКИМ. Стекнатото знаење го применува во пракса и го основа првиот веб-сајт за групни попусти „Групер.мк“. Доживува огромен успех, станува лидер на пазарот и се стекнува со голем број признанија, рече Заев за Ангеловска.

Противниците претежно ја дебатираат нејзината младост. Имаше и шовинстички напади. Поддржувачите, пак, пропагираа дека треба да се даде шанса на младите. Малкумина зборуваа за системот на заслуги и компетенции според којшто некој добива шанса да води еден од најмоќните ресори во владата и да управува со парите на граѓаните.

Директорката на „Имиџ ПР“, Ангела Пеева Лауренчиќ за ИРЛ вели дека не разбира зошто се крева толкава прашина за Нина Ангеловска.

„Таа и не е толку млада. Се работи за успешна жена која доаѓа од реалниот сектор и која е млада и амбициозна. Го оставила својот бизнис на страна за да работи за државата. Зошто и се суди пред да испорача резултати? Пораката која се испраќа со нејзиниот ангажман како министерка е убава. Ангеловска одлучила да гриза и да се бори, а такви успешни и амбициозни луѓе нам ни се потребни“, вели Лауренчиќ.

Се зборуваше многу за нејзината возраст, но досега никој не ги адресираше прашањата за нејзиното искуство и квалификации во еден од најсериозните сектори во земјава.

Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси Интернешнл“ како главен проблем го посочува непостоењето на систем на компетенција.

„Не ја познавам, не сум ја запознала новата министерка за финансии. Дали ќе одолее на политичките влијанија е прашање на интегритет. Ако не и се допаѓа како се носат одлуки може и ќе си замине. Во државава се е политика и со ова се прави импровизација. Во однос на тоа дека е млада, ние сме имале и премиери на 29 години, на најважната функција. Проблемот е што не изградивме систем на компетенција“, вели Тасева за ИРЛ.

Нина Ангеловска раководи со успешна мала фирма со 12 вработени, со приходи кои одат до 370,000 евра минатата година и профит од 120,000 евра. Сега во раце го има буџетот на Република Северна Македонија.

Новинарот на ИРЛ на денешната прес конференција во Влада, упати прашање до Ангеловска за нејзиното искуството во макроекономијата, имајќи предвид дека менаџирање со буџет на мала фирма и менаџирање со буџетот на државата, едно од друго, многу се разликува.

Ангеловска одговори дека е свесна дека е поразлична од профилот на луѓе кои досега ја воделе оваа одговорна функција. Не се осврна на дилемите поставени во јавноста околу нејзината експертиза во работа со финансиски инситуции. Рече дека затоа ќе имала тим, а таа ќе менаџирала.

„Знам дека макроекономијата е исклучително сложена област и никој досега не раководел со една институција сам, во однос на тимот кој ќе стои позади мене, односно кој ќе работи заедно со мене. Зборуваме за менаџирање на институција која бара брзи одлуки базирани на добри информации и добра анализа, а во менаџирањето сметам дека сум се покажала и теоретски и практично“, додаде Ангеловска.

Дополнително известување: Влатко Чаловски, Давид Илиески

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »