Press "Enter" to skip to content

Избор на истражувачките новинари: Предлози до Заев за операцијата „Метла“

Патни трошоци, тендери доделени на фирми блиски до функционерите на власта, вработувања на роднини во државни институции, градоначалници кои парите на граѓаните ги трошат за свое луксузирање, нетранстранспарентното трошење на буџетски пари.

Ова се само дел од аферите кои изминативе две години ги открија новинарите. Откако минатата недела Антикорупциската комисија утврди дека дел од функционерите на СДСМ и ДУИ влијаеле при вработувањето на нивните роднини, премиерот Зоран Заев најави метла. Дел од семејствата на функционерите се повлекоа од работните места, а големата „чистка“ на Заев се очекува по завршувањето на вториот круг од претседателските избори.

Ако премиерот заборавил кој му го наполни дворот со ѓубре или се уште не одлучил од кај да почне да го чисти, да го потсетиме што открија новинарите. ИРЛ Македонија ги праша колегите од повеќе медиуми кои известуват за корупција и криминал да одберат по еден скандал којшто го откриле, а кој илустрира злоупотреби кои одамна требало да подлежат на санкции.

Зоран Димитровски – „Фокус“

Добро е што премиерот Заев вели дека ја сфатил порака од граѓаните и дека ќе се поправи, но не верувам во помпезни најави на „метли“ и чистки, кои се популистички метод за ловење гласови. Во рамките на партијата, Заев може да си прави чистки, да менува функционери или да бара тие да се повлечат од позициите на кои што се во државата, зашто лошо работеле, немаат резултати или постои сомнение за нивно учество во корупциски афери. Тоа треба дa биде редовно политичко прочистување, а не кампањска „метла“. Но Заев се покажа прилично толерантен кон функционерите од својот политички табор, дури во една прилика изјави дека доколку се откаже од најблиските соработници, ќе нема со кого да работи!

Сепак, во општествата каде што владее правната држава, власта и премиерот треба да покажат политичка волја институциите на контрола и ревизија, финансиската полиција, управата за јавни приходи, како и органите на прогонот – обвинителството, да си ја завршат работата професионално и да ги изведат пред лицето на правдата оние што се огрешиле пред законите.

Од крупните афери на актуелната власт кои треба да се расчистат е тендерот за реагенси во здравството од 32 милиони евра, за кој наводно постојат предистражни дејствија во обвинителството, но до денешен ден нема ништо од тоа, иако станува збор за флагрантен обид, фатен од новинарите, да се намести добитникот на тендерот, што не може да се изведе без знаење и одобрение од министерот Венко Филипче. Друга е бегството на Груевски за кое премиерот вети дека за три недели истрагата ќе открие како тој избегал во Будимпешта и дури потоа ќе се бара одговорност, кривична и политичка, ако постои. Шест месеци минуваат оттогаш и нема ништо од истрагата, а нема ниту политичка, а не, пак, кривична одговорност од надлежниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е вистинската адреса одговорна за бегството, зашто луѓето од УБК се надлежни да откријат дека Груевски подготвувал бегство.

Не видовме одговорност ниту за скандалозната распределба на парите од Фондот за иновации на луѓе и фирми блиски до функционери од власта. И во овој случај обвинителството отворило предмет, односно предистражни дејствија, но се уште нема обвинителска одлука дали ќе има официјални истраги и прогон. Важно е да се знае по чија сугестија фирмите поврзани со вицепремиерот Кочо Анѓушев, пратеникот Хари Локвенец и други тогаш добија пари од Фондот. Наивно е образложението на директорот на Фондот Јован Деспотовски дека не се проверувала сопственоста на фирмите кога се одлучувало за тоа дали ќе добијат пари, туку нивните развојни планови и сл.

Наташа Стојановска – Телевизија 24

Недомаќинското работење на дел од градоначалниците и луксузирањето покажува дека партиите треба прво добро да одлучат кого бираат за нивни кандидат, а граѓаните кому даваат доверба на избори. Но, од друга страна се отвора и прашањето дали власта има механизми со законски измени да го спречи луксузирањето. Ова особено по објавата на ТВ 24 дека градоачалникот на Струга, Рамиз Мерко си купува луксузно возило од 67 илјади евра и уште повеќе откако тој во интервју за ТВ 24 вели дека сакал да купи уште поскап автомобил.

На дрзок начин со ваков однос уште повеќе покажува дека ја потценува јавноста, а не слушнавме никаква осуда од неговата матична партија. Ова уште повеќе што опшрината е во долгови од 4 милиони евра и за да се исплати тој долг, владата од буџетот ќе им даде пари на задолжените општини, а во конкретниот случај гледаме градоначалникот како продолжува да се луксузира посочувајќи дека него не му доликувало да се вози во шкода, туку морал да се вози во Ауди А6.

Таквиот однос на градоначалникот не смееше дополнително да биде награден од владата која му обезбеди пари за да може тој да продолжи да се луксузира. А при тоа има општини кои не беа во долгови и не добија пари. Дали на ваков начин се наградуваат оние кои недомаќински работеле? Сметам дека со оглед на ниската свесност кај голем дел од функционерите потребно е да има ограничување во она што може да го трошат особено при набавката на вакви луксузни возила или слични трошоци.

Марија Митевска – Радио Слободна Европа

Владата и премиерот Зоран Заев ветија целосна транспарентност. Една од мерките кои ги преземаа е и алатката за отчетност на трошоците на носители на јавни функции. Според последното истражување за трошоците на министрите по ресторани се покажуваат големи разлика во сумите. Некои трошат илјадници евра, а други или не трошат воопшто или незначителни суми од неколку стотина евра. Но, не е доволно само да се знае колку пари, туку и како парите биле потрошени. Кога по слободен пристап до информации се обидовме да дојдеме до деталите како еден од министрите кој е шампион по трошењето на државните пари по ресторани добивме одговор дека немаат кадар да постапат по барањето. Со тоа се создава впечаток дека властите сакаат од јавноста да го сокријат трошењето на народните и дека недомаќински постапуваат со буџетот, а дополнително го заобиколуваат и законот кој налага да бидат транспарентни. Граѓаните имаат право да знаат за секој министер, градоначалник или носител на јавна функции како до денар ги потрошил нивните пари. Воедно имаме и министер за транспарентност и очетност кој вети дека сите носители на јавни функции на локално и централно ниво ќе даваат детален отчет. Не е прв пат да добијам образложение дека се нема кадар или пак нема електронска архива и со тоа не може да се обезбеди бараната информација. Само со целосна транспаретност и очетност пред се од министрите граѓаните ќе имаат доверба во нивната работа.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »