Press "Enter" to skip to content

Италијанците од Дрисла од Шилегов бараат втора шанса за депонијата

По седум години поминати без да инвестираат ниту едно евро од ветените 73 милиони, сопствениците на италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, на средба со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов барале да добијат уште една шанса да ја модернизираат депонијата. Италијанците затропаа на вратата на градското собрание откако Шилегов најави дека новоформирана комисија ќе избере нов приватен партнер на Градот кој ќе инвестира во депонијата.

Италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“ во понудата која ја достави до Град Скопје на јавниот повик во 2012 година, вети десетици инвестиции во вредност од 73 милиони евра, но досега ништо од ова не е исполнето. Објаснувањето на раководството на Дрисла беше дека инвестиции нема, затоа што судската постапка за доделување на концесијата била во тек од 2012 година, па до сега.

ИРЛ минатата недела испрати прашања до Управниот суд, колку вкупно тужби и жалби имало за Дрисла и дали е донесено конечно решение. Од судот ни одговорија дека според последната пресуда од јули минатата година,  Град Скопје ќе треба повторно да избере нов приватен партнер за стопанисување со јавното претпријатие Дрисла. Според одлуката на судот, Град Скопје ќе треба од компаниите кои во 2012 година се пријавиле на тендерот уште еднаш да донесе одлука кој ќе стопанисува со Дрисла.  На тендерот во 2012 година понуди поднеле три компании, италијанската „ФЦЛ Амбиенте“, германската „Шолц“ и австриската „АСА Интернешнел“.  Жалбата врз која е донесена оваа пресуда е од германската компанија „Шолц“ која исто така учествуваше на првиот тендер за избор на приватен партнер за модернизација на оваа депонија. Според податоците кои ги добивме од Управниот суд компанијата  „Шолц“ се жалела на одлука на Град Скопје донесена во јануари 2017 година за по втор пат да ја избере италијанската компанија за стопанисување со Дрисла.

„Предмет оформен по тужба на SCHOLZ AG против Одлука за избор на приватен партнер / содружник за вложување во Јавно претпријатие за депонирање на комунален отпад  ДРИСЛА Скопје бр.07-539/1  донесена во повторна постапка од 26.01.2017 година од страна на Совет на Град Скопје. Тужбата е заведена под У6.бр.186/17. Со мериторна пресуда од 06.10.2017 година, тужбата е уважена и Одлуката е поништена и извршен е избор на приватен партнер / содружник за вложување во Јавно претпријатие за депонирање на комунален отпад  ДРИСЛА Скопје. Против вака донесената пресуда вложена е жалба, која со пресуда УЖ-3.бр.678/18 е уважена, пресудата на Управниот суд У6.бр.186/2017 е преиначена и предметот е вратен на повторно постапување на Град Скопје“, информираа од Управниот суд.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, пред неколку дена најави дека во градското собрание веќе во постапка е формирање нова комисија која ќе треба повторно да одлучи која од компаниите ќе ја добие Дрисла. Комисијата ќе има членови претставници од Град Скопје, од Министерството за животна средна и од други институции. Градоначалникот очекува за многу скоро време комисијата да си ја заврши работата и на Советот на Град Скопје да му понуди да избере нов концесионер со што до крајот на годината би требало да заврши целиот процес и да почне имплементацијата на современата технологија која од Дрисла конечно би направила модерна депонија.

Шилегов за ИРЛ вели дека „мора да се бира од постоечките понуди и не може да се распише нов конкурс на кој ќе се пријават и други компании, затоа што Градот ќе треба да се плати огромна отштета на италијанската компанија“.

Италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“ во понудата која ја достави до Град Скопје на јавниот повик во 2012 година, вети десетици инвестиции во вредност од 73 милиони евра, но досега ништо од ова не е исполнето.  Меѓу ветувањата беше и нов инсенератор (печка за согорување медицински отпад) и производство на струја. Иако ништо од ветувањата не беше исполнето, сопствениците на италијанската компанија пред еден месец формирале компанија за производство на струја.

Компанијата  –„МК Енерџи Груп ДОО“  е регистрирана на 10 декември минатата година “.  Како приоритетна дејност е наведено производство на електрична енергија, а управители се Доменико Ферацоли, сопственик на ФЦЛ Амбиенте и Алесандро Д`Амато-директор на „Г.Енит ЛТД.“

Компанијата регистрирана во Лондон е формирана во јули 2015 година, а сопственикот Д`Амато се појавува како директор на уште девет активни компании.

ИРЛ испрати прашања до сопствениците на „ФЦЛ Амбиенте“ какви се плановите за новата компанија, но досега не добивме одговор.

БЛОКАДА НА ДРИСЛА

Депонијата Дрисла деновиве се најде на тапет и поради согорување на енормни количини на медицински отпад, а според граѓаните тоа допринесува за загадување на воздухот во Скопје.

Директорот на депонијата Горан Ангелов, минатата недела во интервју за телевизијата „1 тв“, тврдеше дека Дрисла не загадува и дека деновиве печката за согорување отпад не работи затоа што филтерот бил во дефект.

Граѓанското движење за  чист воздух најави дека утре во 12.05, 15 минути е го блокира влезот на депонијата. Во најавата за блокадата која ја имаат објавено на Фејсбук, тие имаат неколку барања за кои даваат рок од 15 дена да се исполнат, во спротивно најавуваат блокада и тужба до Градот.

„Да се смени правилникот за извршување инспекциски надзор, усогласувајќи го со ЕУ нормативи (диоксини, формалдехиди, фурани). 2. Во најбрз можен рок да се донесат правилници за индустриски емисии и воведување најдобри производствени пракси за тој сектор. Раскинување на договорот со италијанската фирма-концесионер, поради неисполнување ништо од договореното.“, се барањата на активистите.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »