Италијанската компанијата „ФЦЛ Амбиенте“ која е концесионер на Дрисла во првите пет години требаше да инвестира 73 милиони евра. Иако досега од најавените инвестиции нема ништо, Италијанците заедно со партнери од Лондон пред еден месец отворија фирма за производство на струја
До 2016 година депонијата Дрисла ќе стане модерна европска депонија и ќе работи по стандардите на италијанската депонија „Белведере“. Оваа изјава на Коце Трајановски, поранешен градоначалник на Скопје дадена во 2013 година се уште може да се најде на веб страницата на Градот.
Италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“ која во 2013 година ја доби концесијата за да управува со депонијата вети дека од Дрисла ќе направи модерна депонија. ќе постави нова постројка за согорување на медицински отпад, автоматизирана пералница за камионите, нова механизација за работа и голема административна зграда. А, откако се заврши со овие инвестиции на Дрисла да се произведува и електрична енергија.
Кога македонската делегација во 2013 година ја посети депонијата Белведере во Италија доби ветување дека „Дрисла“ ќе биде претворена во еколошки парк. Скоро една третина од отпадот во Скопје најавија дека ќе биде трансформиран во енергија што е доволно за да се употреби за работа на една цела фабрика.
ИТАЛИЈАНЦИТЕ ОД ДРИСЛА ВЛЕГУВААТ ВО БИЗНИСОТ СО СТРУЈА
Дел од најавената идеја за модернизацијата на Дрисла беше да се затвори половина од 35 хектари од депонијата со еден вид пластеници и така да се создадат услови органскиот отпад да испушта гас-метан кој подоцна ќе согорува и од топлинската енергија ќе се произведува електрична енергија. Според договорот „ФЦЛ Амбиенте“ требаше да инвестира вкупно 73 милиони евра за време на првите пет години од преземањето.
Поминаа осум години сопствениците на „ФЦЛ Амбиенте“ не исполнија ниту едно од ветувањата. Нема нова механизација во Дрисла, нема инсенератор (печка за согорување медицински отпад), ниту пак автоматска пералница за камионите.
Но, и покрај сето ова, компанијата „ФЦЛ Амбиенте“, заедно со уште една компанија „Г. Енит ЛТД“ регистрирана во Лондон, на 10 декември минатата година во земјава регистрираа нова компанија – „МК Енерџи Груп ДОО“. Како приоритетна дејност е наведено производство на електрична енергија, а управители се Доменико Ферацоли, сопственик на ФЦЛ Амбиенте и Алесандро Д`Амато-директор на „Г.Енит ЛТД.“
Компанијата регистрирана во Лондон е формирана во јули 2015 година, а сопственикот Д`Амато се појавува како директор на уште девет активни компании.
ИРЛ испрати прашања до сопствениците на „ФЦЛ Амбиенте“ какви се плановите за новата компанија, но досега не добивме одговор.
УПРАВЕН СУД ЗАГЛАВЕН ВО ЖАЛБИ
На првиот повик за концесија на Дрисла во 2012 година се пријавија три компании – германската „Шолц“, италијанската „ФЦЛ Амбиенте“ и австриската АСА Интернешнел.
Во јануари 2013 градската власт соопшти дека најповолна понуда имала италијанската „ФЦЛ Амбиенте“. Австриската компанија веднаш се откажа од борбата, но германската „Шолц“ поднесе тужба до Управниот суд. Од тогаш па до сега, двете компании меѓусебно се жалат и тужат на секоја одлука што ќе ја донесе Судот.
Директорот на Дрисла, Горан Ангелов во интервју за „1тв“ неуспешноста во работењето и неисполнувањето на договорените обврски и инвестиции ја препишува токму на судот.
Управниот суд е генератор на ова што се случи. Од таму си играат пинг понг. Цело време се расправа по жалбите, де на германската компанија „Шолц“ која се жали зошто „ФЦЛ Амбиенте“ добила концесија, па потоа концесионерот се жали зошто била уважена жалбата на конкуренцијата. И се така во еден магичен круг. Убеден сум дека наскоро се ова ќе заврши и ќе почне инвестициски циклус од она што италијанската компанија го вети за Дрисла, изјави Ангелов.
КОЈА Е КОМПАНИЈАТА КОНЦЕСИОНЕР НА ДРИСЛА
Како што пред неколку години објавија „БИРН“ и порталот „НОВА ТВ“, според документите од италијанскиот регистер на трговски друштва, „ФЦЛ Амбиенте“ е формирана на 14 февруари 2012 година или само три дена пред тие и нивниот конзорциумски партнер – големата италијанска фирма „Униеко“ да ја дадат својата понуда.
„ФЦЛ Амбиенте“ е во сопственост на мрежа на компании на фирмата „Ферацоли С.П.А.“, која според трговскиот регистар е мала компанија и работи како „финансиски посредник“, а во 2012 година имала обрт од 310.744 евра и профит од 7.715 евра.
Без искуството на „Униеко“ во екологијата и градежништвото, како и профитите и обртите поголеми од 500 милиони евра, „ФЦЛ Амбиенте“ не би можела да го обезбеди договорот за скопската депонија.
Па сепак, се чини, дека Униеко, освен со учеството на тендерот, нема понатамошна улога во проектот за Дрисла. Компанијата дури не се појавува ниту како сопственик заедно со „ФЦЛ Амбиенте“ во новата фирма за јавно-приватно партнерство, која е наменски формирана за да ја води депонијата.
Новата фирма „Дрисла ДОО“ е во сопственост на Град Скопје и компанијата „ФЦЛ Амбиенте МК ДООЕЛ“, која, пак, е во целосна сопственост на „ФЦЛ Амбиенте“. Фирмата има 80 проценти сопственост во депонијата, додека градот има 20 проценти.
ШИЛЕГОВ НАЈАВУВА ИЗБОР НА НОВ КОНЦЕСИОНЕР ЗА ДРИСЛА
Градоначалникот Петре Шилегов за новинската агенција „Мета“ најави дека во Градот во тек е постапка за формирање на комисија која ќе треба да направи повторна евалуација на првичните понуди за концесија и ќе се избере нов концесионер за Дрисла. Тој очекува за многу скоро време комисијата да си ја заврши работата и на Советот на Град Скопје да му понуди да избере нов концесионер со што до крајот на годината би требало да заврши целиот процес и да почне имплементацијата на современата технологија која од Дрисла конечно би направила модерна депонија.
На прашањето на ИРЛ, како Градот ќе избере друг концесионер, кога во Управниот суд се уште се води постапка за доделувањето на концесијата, Шилегов не објасни, но рече дека очекува целата постапка да заврши многу брзо.