Press "Enter" to skip to content

Институт за демократија: Речиси 120,000 граѓани исполнувале услов за директори во одбори во државни тела

Лесно е да го вработиш, тешко е да ги избркаш ако не работат, ова отприлика би можела да биде сумираниот заклучок од анализата на Институтот за демократија кој ги објаснува слабостите во законите и постапките кои уредуваат назначувања во управните и надзорните  одбори.

Ниски и преопшти критериуми:  Речиси 120,000 граѓани исполнувале услов за членови на управен одбор на државно

Скоро 6% од вкупното население во државата е погодно да стане член на управен одбор на некое јавно претпријатие. Или, доколку на некоја семејна веселба имате 30 гости статистички барем еден од нив, или двајца, исполнуваат услови да се членови на управен или надзорен одбор на некое јавно или државно претпријатие, вака анализата ги илустрира слабостите во системот кои потоа овозможуваат лесен продор на кадри од партиите.

Според нив, законите кои ја регулираат работата на јавните претпријатија предвидуваат премногу општи услови за едно лице да стане член на одборите на овие организации. Или, од кандидатите се бара да се државјани на Македонија, да имаат високо образование и најмалку пет или три годишно искуство (во зависност дали аплицираат за претседатели на управни одбори, односно менаџери или за членови на бордот). Од кандидатите не се бара да имаат некакви вештини, ниту пак се бара конкретно образование или искуство во дејноста на државното тело или компанија.

За да се стане директор на некое јавно претпријатие условите се малку построги. Наместо 3 годишно работно искуство, се бара 5 годишно искуство. И толку. Останатите услови се исти како и за член на управен одбор, односно, потребно е да сте државјанин на РМ, да имате високо образование и да не сте осудуван. Што значи дека можете да конкурирате за директор на јавно претпријатие иако претходно сте работеле само во семејна фирма за продажба на автомобили, ако сте биле шалтерски работник во некоја институција или банка или ако сте биле агент за продажба на недвижнини, се вели во анализата.

Исто така, ако работат лошо, членовите и менаџерите не можат да бидат отпуштени бидејќи Законодавецот такво нешто не предвидел.

Во анализата се опфатени 173 јавни органи, како и 48 закони и подзаконските акти со кои се регулира назначувањето на членови на управни одбори и директори на јавните претпријатија, претпријатијата во целосна државна сопственост, независните регулаторни тела, државните органи и органите на државна управа.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »