Press "Enter" to skip to content

Градската куќа забранета за медиумите, локацијата атрактивна за инвеститорите

ИРЛ побара Градот Скопје да дозволи да влеземе во новата Градска куќа со цел да видиме каква е тазе завршената и скапа зграда за која Коце Трајановски потроши 20,5 милиони евра, а Петре Шилегов ќе ја продава за нешто повеќе од 12 милиони. Градот не дозволи влез за јавноста, барем не засега. ИРЛ ја посети локацијата. Урбанистичкиот план на Градска куќа и предвидел соседи – хотели и деловни комплекси, но и нови улици. Меѓу потенцијалните инвеститори е и заменик градоначалникот Енвер Малиќи кој води спор со државата за земјиште купено под Калето.

Автор: Деница Чадиковска; Видео: Давид Илиески

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на денешната прес-конференција ја сподели својата желба Градската куќа да се наоѓа во централното подрачје, на плоштадот. Шилегов смета дека локацијата на Градската куќа не и доликува на градската администрација и затоа треба да биде продадена. Електронската аукција ќе започне по цена од 12,7 милиони денари. Градоначалникот тврди дека толку средства биле потрошени за изградба на овој објект.

https://www.facebook.com/IRLMacedonia/videos/2340825169567204/

ИРЛ се обиде да влезе во објектот, но дозвола од Град Скопје не добивме. Се упативме кон локацијата на Градската куќа. Барокна фасада и извалкани огледални прозори. Зградата има приземје и пет ката. Местото не е прометно, па единственото лице кое таму го сретнавме беше вработен од ДГ „Бетон“. Човекот се пофали дека зградата е одлична и има многу ефикасна фасада, за која Град Скопје потрошил околу 3 милиони евра.

Локациски објектот се наоѓа веднаш под Скопско Кале и само стотини метри од Владата на Република Северна Македонија. Улицата од која се влегува во зградата се уште не наликува на влез кон домот на градската администрација. Лицето кое го сретнавме таму се пожали дека чекаат улицата да им ја средат, бидејќи не е во нивна надлежност.

Градоначалникот локацијата ја оцени како недолична и отфрлена за градската администрација.

Како дополнителна причина за продажбата, Шилегов го наведе и капацитетот на зградата да ги собере сите 650 вработени во градската администрација. Според Шилегов, таа не може да собере повеќе од 350 вработени.

Градската куќа која се наоѓа веднаш под Кале, почна да се гради во 2011 година како дел од проектот Скопје 2014. При поставување на темелите, тогашниот татко на градот Коце Трајановски најави дека објектот ќе има приземје и пет ката, од кои на четири ката ќе биде сместена градската администрација, а на петтиот кат кабинетот на градоначалникот на Град Скопје.

„Објектот предвидува работен простор за 650 вработени. Канцелариите се од океански тип, со можност за приспособување на просторот во зависност од потребите на Градот“, изјави Трајановски во 2011 година.

Градската куќа требаше да биде завршена во 2015 година, но по истекот на крајниот рок, од кабинетот на Коце Трајановски изјавија дека немаат доволно средства за довршување и граденжните работи ќе бидат привремено прекинати.

Кога Шилегов стана градоначалник на Скопје, тој го наследи долгот од својот претходник, но и се посвети на завршување на Градската куќа која требаше да стане нов дом на целата градска администрација. Февруари, оваа година Шилегов изјави дека подготовките се во завршна фаза и се очекува при крајот на летото тие да се преселат во новите простории. Се набавуваше дури и мебел.

Осум месеци подоцна, таткото на градот се премисли и рече дека Градската куќа нема капацитет за 650 вработени, но и дека локацијата на објектот не и доликува на градската администрација.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека зад продажбата на градската куќа има основан сомнеж за криминал.

„Шилегов новиот купувач на градската куќа ќе го “почасти”, гратис земјиште и нула износ на комуналии“, изјави советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Ирена Попова.

Шилегов контра Бирото за јавни набавки

Електронската аукција за продажбата на Градска куќа ќе започне по цена од 12,7 милиони евра. За изградба на објектот Град Скопје склучил договор со ДГ „Бетон“ од речиси 17 милиони евра. Подоцна беше склучен дополнителен договор од 3 милиони евра за изработка на енергетски ефикасна фасада.

Според податоците од Бирото за јавни набавки кои ги обработи БИРН, Градот Скопје досега има потрошено 20,5 милиони евра за изградба на објектот. На прашање на ИРЛ до Град Скопје во однос на тоа на кој начин се вршела проценката на Градската куќа за да се стигне до цифрата од 12,7 милиони, тие одговорија дека Градот досега има толку потрошено за изградба.

„Почетната цена за продажба на објектот е базирана на сумата на средства која Град Скопје ја има потрошено за изградбата на истиот. Станува збор за нето средствата кои Градот Скопје ги инвестирал во изградбата на овој објект“, велат од Град Скопје.

Шилегов во друга изјава додаде дека нема да дозволи буџетот на Градот да биде оштетен ни за еден денар и дека од целиот овој процес Градот и граѓаните само може да добијат.

За градоначалникот Шилегов недолична и отфрлена локација, за заменикот Малиќи добро место за инвестиции

Ако се погледне деталниот урбанистички план, за околината околу Градската куќа има мастер план кој од оваа локација треба да направи атрактивен деловен кварт. Предвидени се изградби на хотели, деловни комплекси и нови улици.

Пред тринаесет години на кејот на Вардар во близина на скопското Кале требаше да почнат да се градат хотелски комплекси и деловни објекти. Локациите се продадени, но и до ден денес инвеститорите не почнаа со градба. Од 2007 за три парцели се води судски спор. Шест години државата ги тужеше сопствениците, а од 2015 се сменија улогите во судскиот процес и сега газдите на парцелите ја тужат државата.

Ова не е само еден од долгите процеси кои се водат пред македонските судови, во оваа приказна се испреплетени политика и моќ.

Сопственик на две парцели е заменик – градоначалникот на Скопје Енвер Маилиќи и една поседува пратеникот од ДУИ Ејуп Аљими. Тие бараат државата да им врати 2.167.000 евра, односно 1.254.000 илјади евра Малиќи и 913.000 евра Аљими.

Дознајте повеќе за оваа во сторијата на ИРЛ

Пратеник на ДУИ и заменик градоначалник на град Скопје со тужби бараат 2 милиони евра од државата

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »