Press "Enter" to skip to content

Кочо Анѓушев ја презема сопственичката контрола врз фирмите од кои се откажа кога беше функционер

Кочо Анѓушев од денеска повторно е бизнисмен. Десет дена по напуштање на вицепремиерската функција тој се врати на чело на своите компании. Анѓушев промената ја направи и официјално во Централниот регистар и повторно е запишан како управител на компанијата „Брако“ на местото на досегашниот Ратко Ѓорѓиевски.

Анѓушев оставката ја навести уште во ноември, со образложение дека не му е местото во техничка Влада.

„Значи јас имам потреба да седам во Влада сѐ додека Владата има мандат да одлучува. Влада која што нема мандат што нема мандат да одлучува е политичка Влада и во таа Влада јас немам потреба да бидам присутен“, рече Анѓушев.

Поранешниот премиер Зоран Заев не му замери на неговиот заменик што реши да се повлече од вицепремиерската функција, дури и изрази рабирање што се враќа во бизнис секторот.

„Тој е сопственик на многу големи и сериозни фирми во државата кои што вработуваат повеќе од 1.000 наши граѓани и ќе имам целосно разбирање ако сака понатаму да се посвети на своите компании“ – рече Заев.

Анѓушев во Владата беше две и пол години. Веднаш по именувањето за вицепремиер тој се повлече од управувачките функции во неговите компании. Но, сепак Антикорупциската комисија лани во ноември покрена иницијатива против него за судир на интереси во носењето на владината одлука за укинување на царината за јон-литиумски акумулатори, од што директен интерес имала фирмата „Брако“. Владата на чие чело се уште беше Заев оцени дека постапката на Антикорупциската комисија е неоснована и дека нема повреда на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Анѓушев од денеска застанува на чело на Феро инвест, компанијата ко-сопственик на повеќе од 10 други компании, меѓу кои и фирмата Брако.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »