Директорот на ФЗО, Ден Дончев на денешната прес-конференција во Владата ги отфрли обвинувањата изнесени од страна на поранешната сопственичка на ДИАМЕД Вера Ивановска, која поднесе кривични пријави против Дончев и министерот за здравство, Венко Филипче за оневозможување на продажбата на „ДИАМЕД“ на шведската компанија „ДИАВЕРУМ“.
Дончев рече дека во 2013 година Министерството за здравство спровело тендерска постапка за доделување концесија за дијализа, која дотогаш била правена во рамки на јавното здравство. Концесиите ги добиле Систина и ДИАМЕД Македонија, а притоа биле отфрлени легитимни странски инвеститори.
„На овие две приватни фирми им се гарантира минимална цена од 90 евра по дијализен третман, додека претходната цена во јавното здравство изнесувала околу 70 евра по третман. Двете фирми ја превземаат од јавното здравство и функционалната опрема за дијализа без никаков надоместок“, вели Дончев.
Дончев додаде дека доколку Министерството за здравство од било кои причини го раскине договорот сега, државата ќе треба на концесионерите да им плати 28 милиони евра оштета. Според пресметките кои тој ги изнесе денеска, за 20 годишното времетраење на концесијата, Диамед ќе оствари најмалку 200 милиони евра приход од ФЗО. Дончев обвини дека ДИАМЕД, на кумот на Никола Груевски, Ристо Новачевски во периодот 2014 до 2017, му исплаќала плата од над 10 милиони денари, надоместоци од околу 17 милиони денари, разни готовински исплати од речиси 9 милиони денари, а преку картичка на Диамед Македонија, Новачевски подигнал 12 милиони денари од банкомат.
Дончев рече дека кога претставници на „ДИАВЕРУМ“ која е шведска компанија за дијализни услуги, во јануари 2018 година оствариле средба со Министерството за здравство и ФЗО и ја објавиле својата намера да ја купат „ДИАМЕД“, тој ги информирал дека компанијата „ДИАМЕД“ е под истрага за начинот на приватизација на центрите за дијализа.
„Им препорачавме и вербално и писмено преку Амбасадата на Шведска, дека МЗ и ФЗО имаат намера да започнат истрага и ревизија околу начинот на кој е приватизирана дијализата. По ова, „Диаверум Шведска“ се повлекуваат од намерата за купување на „Диамед“,“ тврди Дончев.
И покрај овие предупредувања, „ДИАВЕРУМ“ во 2018 година ја купил компанијата „ДИАМЕД“.
„Сакам да потенцирам дека државата не прави никакви пречки при превземањето. Диаверум префрлува 2,5 милиони евра на сметка на Вера Иванова во банка во Северна Македонија и 9 милиони евра на сметка на банка во Монако. Државата добива потврда од Монако дека истиот ден кога се префрлени парите на сметката во Монако, Ристо Новачевски на свое име отвора банкарска сметка во истата банка во Монако. Брзо потоа, по барање на државните институции 2.5 милиони евра на сметката на Вера Иванова во Скопје и 9-те милиони на сметката во Монако се замрзнати бидејќи се води предистражна постапка,“ додаде Дончев.
Прес конференцијата на Ден Дончев се случува откако вчера поранешната сопственичка на „ДИАМЕД“ Вера Иванова поднесе кривична пријава за Дончев и министерот за здравство Венко Филипче, дека влијаеле на шведската компанија да не ја купи „ДИАМЕД“, со што и нанеле финансиска штета.