Press "Enter" to skip to content

Доделени наградите на ЕУ за истражувачко новинарство

Тимот кој ја изработува емисијата „КОД“, Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија и новинарите од „МакФакс“ Кристина Озимец и Васко Маглешов ги добија нарадите на ЕУ за истражувачко новинарство. Наградите денеска им ги додели амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар. 

Првата награда им припадна на Снежана Лупевска, Миомир Серафиновиќ и Билјана Николовска од КОД, емисија која се емитува на телевизија „Телма“ за сторијата „Крадење идентитети на граѓани за криминални цели“.

Лупевска во своето обраќање нагласи дека протагонистот во нивната сторија е пример дека на секого може истото да му се случи.

Во оваа држава тешко е да заврши криминалец во затвор, ама очигледно лесно е да заврши човек што е невин“, вели Лупевска.

Втората награда, Цветковска ја доби за истражувачката сторијата „Тајните играчи од САД позади македонските фејк њуз велешки сајтови“.

Цветковска објасни дека сторијата е дел од серијал истражувања за пропаганда и фејк њус кои пред три години започнале во Западен Балкан, но сега се проширени во Европа, САД и Австралија. Таа нагласи дека вистинските прашања се кој ја финансира пропагандата и каков ефект има таа врз животот на граѓаните.

Ова е наша втора колаборативна работа со медиуми од надвор, а првото истражување на оваа тема беше за „Панама Пејперс“. За да се осврнеме на локалната пропаганда, кога ја објавивме „Панама Пејперс“ во која беше инволвиран и олигархот Орце Камчев, речиси 90 проценти од медиумите известија за скандалот, но не и за овој човек. Тоа се ефектите од пропагандата, тоа се тие лукративни поединци кои врзани со глобални политички и бизнис центри ги туркаат своите интереси во медиумите и тоа најчесто го прават преку неприродните врски со уредниците“, додаде Цветковска.

Третата награда им припадна на новинарите Кристина Озимец и Васко Маглешов од „МакФакс“ за истражувачката сторија „Пратеничките скандалозни суми за патни трошоци“.

Ваквите награди се многу корисни за фелата затоа што е добро да видиме дека нашата работа е препознаена, бидејќи во целата оваа бучава понекогаш и самите го забораваме значењето на оваа професија. Се надевам овие награди ќе бидат и поттик за младите новинари, да работат  истражуваат теми кои се од големо значење, посочи Кристина Озимец.

„Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ на Западен Балкан и Турција има за цел да ги истакне и извонредните постигнувања на истражувачките новинари, како и да ја подобри видливоста на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Tурција.

Поврзани стории:

Тајните играчи од САД позади македонските „фејк њус“ велешки сајтови

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »