Press "Enter" to skip to content

Додека институциите се караат кој да го води орото, квалитетот на нафта се контролира од оние кои ја продаваат

Се паркирате на бензинска пумпа да го наполните резервоарот на вашиот автомобил со гориво. Од звучникот на малиот екран вграден во апаратот за полнење гориво се слуша новата реклама, “Горива со највисок квалитет. Целосно задоволен Европскиот и Македонскиот стандард”. Со овие зборови продавачот ви го гаранира најдоброто за вашиот автомобил и околината.

Вашите автомобили не се единствените кои користат горива како извор на енергија. Голем број од домаќинствата се греат на масло, а индустријата е еден од најголемите потрошувачи на нафта. Но, без разлика за што се употребува, квалитетот на горивата во нашата држава е контролиран од самите продавачи.

Или во превод, дел од оние кои продаваат, се истите кои го проверуваат квалитетот. Па, така, се што граѓаните имаат се нивните гаранции.

Окта и Макпетрол се единствените со акредитирани лаборатории

Проверката на квалитетот на горивата може да ја вршат само фирми кои претходно имаат добиено акредитација од Институтот за акредитација во Македонија кој има меѓународни договори со Европската и Светската организација за акредитација.

Македонија во моментов има две лаборатории кои имаат акредитација од Институтот за акредитација во Македонија. Ова се единствените лаборатории во државата кои се овластени да вршат проверка на квалитетот на горивата кои се продаваат. Едната лабораторија ја има Окта, рафинерија која со две третини од вкупниот пазар е најголем снабдувач на гориво во земјава. А втората на Макпетрол, фирма која со 126 станици ја има најголемата мрежа во државата.

Нафтената индустрија иако претставува еден од најголемите загадувачи на животната средина, повеќе од една деценија е оставена самата да си го контролира квалитетот на горивата. Квалитетот кој директно влијае на цената, е во рацете на оние кои заработуваат милиони од овој бизнис.

Лабораторија за проверка на нафта и нафтени деривати на Макепетрол

Какви се процедурите

Од државниот пазарен инспекторат, институција која треба да врши надзор врз фирмите кои работат во нафтената индустрија, велат дека во досегашното работење се соочувала со голем број на проблеми.

Во моментов процедурата за проверка на квалитетот на нафтата и нафтените деривати при вршење на инспекциски надзор е следен – Инспектори од Државниот пазарен инспекторат земаат примерок од горивото и го носат во акредитирана лабораторија каде се врши проверка на горивото. ДПИ најчесто соработува со лабораториите на Окта и Макпетрол, но од таму велат дека исто така се случува да користат и лаборатории надвор од нашата држава.

 “Во ситуација кога треба да се врши проверка на гориво од Макпетрол, тоа се прави   во лабораторијата на Окта и обратно. Но, ДПИ во некои ситуации за да се осигура дека ќе добие релевантни резултати проверката на квалитетот ја вршат во лабораторија надвор од државата”, од директорот на ДПИ, Стојко Пауновски.

Владата го реши, па не го реши проблемот

Кон крајот на јуни оваа година, премиерот Зоран Заев заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски и директорката на Бирото за метрологија, Мерита Мустафа ја промовираа ново набавената мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафта и нафтени деривати.

Премиерот Зоран Заев на промоцијата на лабораторијата истакна дека ова претставува дополнителна грижа за квалитетот на готовата и дека истото не треба да постои никаков сомнеж за стандардите и резултатите на лабораториите кои до сега вршеле проверка.

„Инспекторатот, со мобилната лабораторија на Бирото за метрологија, ќе соработуваат на терен, во ад хок мониторингот на квалитетот на горивата, и ќе имаат можност веднаш да преземат мерки, согласно нивната надлежност, доколку наодите на лабораторијата потврдат нарушување на стандардите и квалитетот на нафтените деривати“, рече премиерот Зоран Заев на презентацијата на лабораторијата.

Лабораторијата е набавена преку Бирото за метрологија, институција под надлежност на Министерството за економија, исто како и Државниот пазарен инспекторат. Бирото за метрологија е институција која треба да обезбеди одржување и развој на метролошките системи во државата.

Премиерот Зоран Заев, директорот на ДПИ Стојко Пауновски, мин. за економија Крешник Бектеши и директорката на биро за метрологија Мерита Мустафа на промоција на мобилната лабораторија

Директорката на бирото за метрологија, Мерита Мустафа на презентацијата рече дека лабораторијата произлегла како потреба за зголемување на ефикасноста во работењето на Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат, како институции кои имаат тесна соработка во овој сегмент.

Дополнително, Директорот на Државен пазарен инспекторат, Стојко Пауновски се заблагодари на Владата што за потребите на државниот пазарен инспекторат преку Бирото за метрологија успеавме државата за прв пат набавува лабораторија за проверка на течните горива.

Иако мобилната лабораторија беше најавена како нова соработка меѓу Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат, таа сега претставува спор меѓу две институции од исто министерство кој ја одлага нејзината употребата.

Ако ја преживее “тепачката” лабораторијата можеби и ќе проработи

И по пет месеци, мобилната лабораторија што Владата со којашто владата се пофали не е во функција. Таа стои во просториите на Министерството за економија, а Бирото за метрологија ја користи на дневна основа.

Од таму велат дека тие се уште ја калибрираат лабораторијата, односно вршат подесување на инструментите и се во процедура за добивање на акредитација за лабораторијата. Вработени од Бирото за метрологија во разговор со ИРЛ вели дека таа ќе започне со работа откако ќе добие акредитација.

„Луѓето од Биро за метрологија кои ја поминаа обуката за користење на лабораторијата сега вршат проверки на горива за да може истата да дава точни резултати. Добиените резултати се испраќаат во меѓународни лаборатории каде се споредуваат, а по овој процес лабораторијата ќе добие акредитација за работа“, велат вработени во Бирото за метрологија во разговор со ИРЛ.

Мобилната лабораторија пред седиштето на Биро за метрологија

Од државниот пазарен инспекторат поднеле предлог одлука до Владата, лабораторијата да биде дадена на трајно користење во инспекторатот. Во барањето е наведено дека ДПИ како орган кој врши контрола на квалитетот на производот, тие се оние кои треба да управуваат со оваа лабораторија.

ИРЛ дознава дека точката била ставена на владина седница, но непосредно пред почетокот на седницата, по барање на министерот за економија, Крешник Бектеши, истата била тргната. Во писмото од Влада испратено до Државен пазарен инспекторат до кое што дојдовме се потврдува дека Бектеши лично побарал да се одложи разгледувањето на точката со која Инспекторатот бара да им се предаде лабораторијата.

„Владата на предлог на м-р Крешник Бектеши, министер за економија го одложи разгледувањето на Информавијата за престанок и за давање на трајно користење на движна ствар на Државниот пазарен инспекторат“, стои во писмото испратено до ДПИ. 

Моќна алатка во рацете на институциите

Сите ја сакаат за себе. Извори за ИРЛ од бизнисот со нафта и нафтени деривати тврдат дека очекувана е ваквата расправија бидејќи оној којшто ќе ја има, ќе има голема моќ и контрола врз компаниите со мултимилионски профити. Не било кој сектор, туку оној кој што е во топ три сектора заедно со фармацијата кои што користат најмногу пари од државни тендери.

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека лабораторијата треба да започне со работа што е можно поскоро, а за тоа да се случи потребно е да не се чека акредитација. Тие сметаат дека лабораторијата треба да ја користат тие затоа што така ќе се гарантира дека лабораторијата ќе се користи за вистинската намена.

„Потребно е инспекторите од Државен пазарен инспекторат да може да излезат на терен без претходно да треба да најават на друга институција каде ќе се врши надзор. Така ќе може да обезбедиме брза и ефикасна проверка на квалитетот на горивата“, вели директорот на ДПИ, Стојко Пауновски во разговор со ИРЛ.

Тој појаснува дека според него потребно е оваа лабораторија да се користи за брзи проверки на терен со цел успешно фаќање на оние кои тргуваат со квалитетот за поголема заработка.

Бирото за метрологија се уште нема донесено правилник за управување со оваа лабораторија. Нивниот предлог е откако лабораторијата ќе ги добие потребните акредитации, надзорот да го врши Државниот пазарен инспекторат заедно со тим од Бирото по претходно направен регионален план за каде ќе се врши надзорот. Од друга страна од Државниот пазарен инспекторат велат дека ова ја усложнува работата.

Новинарите на ИРЛ го побараа министерот за економија, Крешник Бектеши да објасни каде настанало недоразбирањето меѓу овие две институции кое го кочи работењето на лабораторијата. Министерот Бектеши рече дека е запознаен со проблемот, но дека за сега останува на одлуката која вели дека Бирото за метрологија треба да управува со лабораторијата.

Лабораторијата е набавена од Бирото за метрологија и во одлуката стои дека тие се оние кои ќе управуваат со неа. Државниот пазарен инспекторат има право на користење на оваа лабораторија, но под поинакви услови или не онака како што тие сакаат.

Додека да се реши овој спор, граѓаните ќе точат гориво кое што е проверено како квалитетно токму од оние кои заработуваат од продажба на истото. 

Оваа истражувачка сторија е подготвена од новинарот Давид Илиевски, како дел од активноста „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција" поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »