Press "Enter" to skip to content

Чадиковски на Глобалната конференција за медиумска слобода: Реформите во медиумскиот сектор во Македонија се заглавени

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, директорот на ЗНМ Драган Секуловски и директорката на Советот на етика во медиумите Марина Тунева изминатите два дена учествуваа на Глобалната конференција за медиумска слобода во Лондон.

Конференцијата на која свои ставови и гледишта презентираа претставници на невладини и меѓународни организации, новинари и политичари од регионот е поделена на четири дела: – заштита и гонење во случаите на напади против новинарите – вклучувајќи ја и неказнивоста; националното законодавството, градење доверба во медиумиуте и спречување на дезинформациите и самоодржливост на медиумите.

На панелот за Западен Балкан, со кој беше отворена Глобалната конференција за медиумска слобода се обрати Чадиковски во својот говор ја објасни состојбата на медиумите и слободата на говорот во Северна Македонија.

Како главен проблем со кој се соочуваат новинарите во државата и кој ја попречува слободата на изразувањето тој ја истакна неказнивоста на случаите на напади врз новинарите.

„Тоа е проблем кој се провлекува веќе подолго време и се плашиме дека може само да поттикне понатамошни напади врз нашите колеги“, рече Чадиковски.

Претседателот на ЗНМ, како проблематична точка го спомена и неспроведувањето на медиумските реформи во државата.

„Дел од најважните процеси како што се изборот на членовите на новиот Совет на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис се уште се заглавени во Парламентот, а тие претставуваат два главни предуслови за реформирање на овие две институции. Во моментов имаме одредено ниво на слобода на говор каде секој зборува слободно, но морам да нагласам дека сепак независноста на медиумите сé уште се наоѓа под знак прашалник поради фактот дека имаме мал коруптивен медиумски пазар. Во земја со 2 милиони жители, на пазарот функционираат околу 150 радиодифузери, помалку од 10 печатени медиуми и стотици онлајн медиуми. Сите овие медиуми функционираат на медиумскиот пазар кој годишно не вреди повеќе од 25 милиони евра. Во една ваква средина едноставно е невозможно да се зборува за одржливоста и слободата на медиумите“, истакна Чадиковски.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »