Поранешниот градоначалник на Велес, Славчо Чадиев, и бившиот претседател на Советот, Александар Колев, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување додека раководеле со општината.
Обвинителството до Судот во Велес поднесе обвинение против двајцата за незаконско користење на службени возила за приватни цели.
Првообвинет е екс градоначалникот Чадиев кој му дозволил на Колев спротивно на Правилникот за користење на службените возила и со усно одобрение во период од февруари 2014 до август 2016 да користи две возила на општината за лични потреби.
Александар Колев е обвинет дека злоупотребувајќи ја службената освен што незаконски ги користел автомобилите, тој ставал гориво од општинската каса.
„Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598,00 денари, за кои била извршена исплата од сметката на оштетената општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно потпишани од обвинетиот“, пишува во обвинението.
Поранешниот градоначалник Чадиев за ИРЛ изјави дека обвинението е неосновано, а е поднесено по анонимна пријава.
„Каква е таа усна наредба? Утре некој ќе каже Чадиев ми рече да крадам или да се фрлам во Вардар и после ќе ме обвинат за тоа?“, вели Чадиев.
Тој додава дека имало одлука на Советот на општина Велес како и на кој начин да се користат службени возила и дека постапувал по нив.
„Како можам јас да му дозволам на претседателот на Советот да користи службени возила, кога со имотот располага Советот, а не градоначалникот. Градоначалникот дава отчет за својата работа на Советот“, изјави Чадиев за ИРЛ.
Второобвинетиот Александар Колев не одговори на нашите повици и СМС пораки за да даде коментар за обвинението.
Актуелниот градоначалник Аце Коцевски за ИРЛ изјави дека обвинението е поднесено врз основа на информации кои веднаш по доаѓањето на функцијата во октомври 2017 ги доставил до Обвинителството во Велес.
„Јас веднаш по доаѓањето во општината до Обвинителството доставив десетина информации и иницијативи за испитување на работата на поранешното раководство. Овој случај е еден од нив. Добро е што конечно почнаа да се процесуираат. Се надевам дека ќе се истражат и другите сомневања кои ги доставивме до обвинителите во Велес“, изјави Коцевски за ИРЛ.
Чадиев вели дека пред два месеца бил повикан во Обвинителството за даде исказ за овој случај и дека против него има и други истраги за злоупотреба на службената положба во време кога бил претседавач на Советот на општина Велес, како и за време на неговиот мандат како градоначалник.
Чадиев беше градоначалник на Велес еден мандат од 2013 до 2017 година.