Бугарските власти го возвраќаат ударот кон новинарите чии истраги доведоа до отворање на скандалот „ApartmentGate“ во кој беа вклучени неколку членови на бугарската влада, вклучувајќи го и новиот министер за правда и шефот на Антикорупциската комисија.
Првите истраги кои беа објавени во март покажаа дека членови на високи позиции во владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) купувале луксузни недвижнини далеку под пазарната цена.
Кратко време откако скандалот беше објавен, функционери на вискои позиции почнаа да поднесуваат оставки еден по друг, а бугарскиот обвинител, Сотир Цацаров, објави дека започнал истрага за сомнителните набавки.
Но, пред три недели, беа објавени нови стории на поратлот „Бивол“ кој прв ја објави сторијата, во кои и Цацаров е вмешан во истата шема.
По ова, на 2 јуни во весникот „Труд“ се појави анонимен натпис во кој се тврди дека двајца новинари на „Бивол“, Асен Јорданов и Атанас Чобанов исто така купиле недвижнини под пазарната вредност. Ова е прво објавување на било каков напис во „Труд“ кој е поврзан со аферата „ApartmentGate“.
Весникот напишал дека Чобанов добил куќа на село која била голема 100 метри квадратни, а за тоа не платил ништо. За случајот на Чобанов, весникот како доказ објавил лажен имотен лист.
За Јорданов пак, пишувало дека во 2015 година купил 1000 квадратни метри скапо земјиште во шума за што платил само 100 лева.
Во реалноста, Чобанов имотот го купил пред 18 години за 8.000 лева, а Јорданов не купил скапо земјиште во шума, туку напуштено парче земја кое во 1980 години било фарма за биволи.
По ова, минатата недела полицаецот Николај Горанов ги информирал Чобанов и Јорданов дека извештај од сторијата објавена во „Труд“ по електронска пошта бил испратен до Директоратот на националната полиција и како резултат на тоа против двајцата новинари била отворена истрага.
Извештајот кој бил испратен до полицијата наводно бил составен од Граѓанското здружение БОЕТС, добро позната и наградувана невладина организација од областа на антикорупцијата. Но, во изјава на нивната веб страница, БОЕТС негира дека го поднеле извештајот. БОЕТС поднеле жалба дека во овој случај нивниот идентитет бил узурпиран.
Според членот 209 од Бугарскиот Кривичен законик, анонимните пораки не се легитимна причина за да се започне истрага.
Оттогаш, двајцата новинари се обидуваат да дознаат повеќе детали за истрагата, како на пример кој број е случајот и кој обвинител дал наредба за да се отвори овој случај. Според Чобанов, овие информации вообичаено им се презентираат на оние кои се предмет на истрага. Но во овој случај новинарите не добиле одговор ниту од полицијата, ниту од портпаролката на Обвинителството.
Во четвртокот минатата недела, Јорданов бил повикан на разговор во полиција каде три часа бил испрашуван од полицаецот Горанов. На разговор бил повикан и Чобанов, но тој бил надвор од државата.
Во изјава за ОССРП тој вели дека обвинителот Цацаров ја отворил оваа истрага од одмазда, но и за да ги заплашува новинарите на Бивол.