Press "Enter" to skip to content

Незнајни соработници му помогнале на Груевски да издаде книга

Фотографијата на премиерот-бегалец  го привлекува вниманието на Саемот на книгата.  Докторатот на Никола Груевски е поставен на штандот на „Ѓурѓа“ заедно со други контроверзни изданија, како автобиографијата на Адолф Хитлер, за која што критичарите низ годините предупредуваа дека не е дозволиво хитлеровата идеологија да се продава насекаде, па и по супермаркети.  Книгата на Груевски е всушност неговиот докторски труд „Искуства за иднината“.

Автори: Деница Чадиковска и Давил Илиески

Љубопитни за тоа како граѓаните реагираат на новоиздадената книга на Никола Груевски, поминавме некое време пред штандот на „Ѓурѓа“, кој се наоѓа на крајот од салата „Борис Трајковски“. Дел од посетителите доаѓаа на штандот исклучиво со намера да ја набават новата книга, а дел само љубопитно ги прелистуваа страниците. Имаше и такви кои срамежливо погледнуваа кон камерата, па како да се фатени дека прават нешто погрешно, веднаш си заминуваа. Едно е сигурно, ниеден минувач не остана рамнодушен на контроверзното издание на книгата поради која поранешниот премиер, бараше одложување на затворската казна.

Во разговор со Никола Костески, основач и сопственик на „Ѓурѓа“, дознавме дека иако бројот на посетители на саемот е значително помал за разлика од други години, досега ниеден нивен наслов не доживеал толку голем интерес кај читателите, притоа рушејќи ги сите рекорди на продажба на поединечен наслов.

„Убеден сум дека додека трае саемот  и последниот примерок од книгата за која станува збор, ќе има свој сопственик. Причините за тоа, веројатно, треба дополнително да се истражат“, додаде Котевски за ИРЛ, откривајќи дека во моментов работат на подготовка на издание на англиски јазик.

Млад посетител на штандот кој заинтересирано ја гледаше книгата ни откри зошто сака да ја купи:

„Мислам дека книгата е добра и треба да се купи. Ова е еден од најуспешните  и најпаметни политичари што сме ги имале. Успехот е дискутабилна работа, но за најпаметен, дефинитивно“.

Се фали со економијата, најавува мемоари

Во книгата „Искуства за иднината“ која е всушност докторскиот труд на Груевски, тој се пофали дека едно од клучните нешта кое го обележува неговиот ангажман како премиер е комплетниот позитивен пресврт на земјата во однос на привлекување на странски инвестиции. Но, се фали и со реформи во образованието кои да не биле, немало да успее книгата.

Груевски  открива дека неговиот план книгата да биде издадена во јануари 2019, бил неуспешен поради тоа што морал да пребегне во Унгарија.

Груевски кој се соочува со неколку обвиненија, пред изрекување на пресудата за случајот „Тенк“, бараше одложување на затворската казна под изговор дека му е потребно дополнително време да ја заврши актуелната книга. Барањето му беше одбиено, а само неколку дена пред датумот за пријавување во затворот, тој нелегално ја напушти државата и пребегна во Унгарија каде доби политички азил.

„Можам само да се заблагодарам на институциите на Република Унгарија, кои проценија дека има доволно причини да добијам заштита преку доделување на политички азил во согласност со меѓународните конвенции и унгарското законодавство како земја членка на ЕУ и НАТО.

Без тоа, оваа книга, немаше да биде во Вашите раце.

                                                                                                                                     Авторот, 

                                                                                              Будимпешта, април 2019 година

Ќе издавал  и мемоари

За крај тој додава дека дел од лицата кои му помогнале ќе останат непознати за да не им создаде непријатности, но дека со Божја помош, јавно ќе им се заблагодари при издавањето на неговите Мемоари или во друга соодветна прилика.

Никола Груевски никогаш не сакаше јавност. Како што неговата книга се продава без него, така и неговиот докторски труд се бранеше без јавност. Иако секој докторски труд е јавен, новинарите беа спречени да влезат на одбраната на неговиот докторат.

Прочитајте поврзани стории.

Виктор и Никола: Историја на една долга врска од интерес

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »