Press "Enter" to skip to content

Борбата со корупција на мускули и под притисок на ЕУ

Измените во Законот за спречување на корупција и судир на интереси по долго одложување и силен меѓународен притисок, денеска беа изгласани во Собранието. Министерката за правда, Рената Дескоска, се пофали дека законот е европски, а комисијата ќе биде силна и со проширени надлежности.

Се прошируваат надлежностите во делот на контролата врз финансирањето на политички партии, членовите на Антикорупциската ќе имаат можност за увид во банкарските сметки на функционерите и директен пристап во најмалку 64  бази на податоци кои можат да помогнат во детално испитување на имотната состојба на избраните и именувани фунцкионери.

Една од контроверзните новини со овој закон предвидува само државни инстутуции и невладините организации да можат да поднесуваат преставки до Комисијата. Досега тоа го можеа и сите граѓани. Првиот состав на Антикорупциската и воедно единствениот оценет како ефикасен во историјата на таа комисија, успеа да и ја зголеми видливоста на оваа институција токму поради тоа што успеа да ги анимира граѓаните и јавноста да пријавуваат случаи кај нив.

Власта и опозицијата се обвинуваа меѓусебно за доцнењето на Законот. За власта, опозицијата бојкотирала, за опозицијата власта одложувала. Но, како што ИРЛ и претходно пишуваше, најголема нервоза поради одложената борба со корупцијата покажала меѓународната заедница, особено Европската унија.

Носењето на Законот за спречување на корупцијата пропадна кон крајот на декември 2018. Извори на ИРЛ во дипломатскиот кор говорат дека притисокот станал жесток. Изминатите денови Европската унија почнала да испраќа и писма до македонските претставници на институциите и министерствата надлежни за спроведување на реформите во правосудството.

„Партнерите на Македонија се многу сериозни кога велат дека владеење на право мора да има,  борба со корупција мора да има, и ние тоа нема да го заборавиме како обврска на власта бидејќи видовте и сами дека корумпираноста и криминалот скоро ја доведоа Македонија до амбис, па и граѓански немири, ако сакате“, вели висок дипломатски службеник во една европска институција кој ги следи реформите во сферата на владеењето на правото и којшто сакаше да остане анонимен.

ЕУ со писма ја потсетувала власта дека ветиле реформи во правосудството

Забелешки има во реформите кои треба да ги опфатат и другите институции, од оние надзорните како Државниот ревизор, па до Дирекцијата на финасиската полиција.

Помина повеќе од една година откако Собранието го објави огласот за избор на нов Главен државен ревизор уште во декември 2017 година. Собранието на Република Македонија каде што се бира ревизорот даде кусо образложение дека немало доволно кандидати. Но, освен ова, досега не се покажани институционални напори да се убрза овој процес. Со институцијата во моментов раководи заменик главен ревизор кој има ограничени овластувања и надлежности.

Европската комисија лута за одложувањето на реформите за финансовата полиција

ИРЛ Македонија дојде до допис од Европската комисија во којшто од македонските институции се бара објаснување и за законските измени за финаниската полиција.

На пример, законските измени за работата на Финансиската полиција треба да и дават поголеми овластувања за поефикасно гонење на криминалот. ИРЛ дознава дека Финасиската полиција од август 2018 година чека од Владата за да им ја одобри новата систематизација којашто има премногу случаи, а едвај се снаоѓа со персонал и не може никого да вработи. Одобрението стигнало деновиве, Министерството за информатичко општсетво веќе потпишало, а следната недела, кога ќе се врати од пат, ќе потпише и министерот за финасии Драган Тевдовски.

Историја на (не)борбата со корупцијата

„Стана срам да кажеш дека си бил министер, затоа што веќе од она што сме сведоци последниве години навистина народот во право е кога дефинитивно нема доверба дека некој бил чесен“, вака пред три години поранешниот министер за  финансии Џевдат Харајдини даде илустрација за широкоприсутната висока корупција на трибина посветена на работата на Антикорупциската комисија.

Повеќе од една деценија Македонија имаше членови на Антикорупциската комисија кои никогаш не видоа проблем и во, напати очигледниот судир на интереси. Како на пример, имотот и фирмите на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Се сеќавате на киријата која што странски инвеститор му ја исплаќаше на Миле Јанакиевски? Тој тврдеше дека само залепил бел лист А4 формат и напишал дека изнајмува дел од семејната куќа во Прилеп на оглас, а големиот странски инвеститор во коишто преговори учествувал и самиот едноставно случајно го видел огласот низ прилепските сокаци и решил да го изнајми. Антикорупциската комисија воопшто не постапуваше по ова прашање. Како и по многу други. Речиси и ништо не се сработи, а ова беше  редовно известувано во сите меѓународни и домашни извештаи.

СДСМ на чело со Зоран Заев ја постави високо во својата партиска, а подоцна, како влада и во својата владина агенда. Но, од преземањето на власта имаше проблеми да се формира Антикорупциската комисија, а „обезглавени“ беа и други тела чија улога е да вршат надзор врз извршната власт. Во овие речиси две години, немаше Антикорупциска комисија да ги разгледа можните судири на интереси и во аферите кои ја допреа и оваа влада, како вработувањата на родини, пријатели и сопружници од страна на генералниот секретар на владата Драги Рашковски. Или, пак, аферите за непотизам и можна корупција во случаите на доделувањето поголеми државни зделки кои ги вклучуваа и братот на премиерот Зоран Заев, проблематичниот тендер за реагенси во Министерството за здравство, тендерите на вицепремерот Кочо Анѓушев и бројните контроверзни вработувања во јавната администрација на локално и национално ниво.

Во последните три месеци, за прв пат откако во јуни 2016 година стана премиер, Зоран Заев се соочи со прашања на недоверба во намерите за борба со корупција, прашањата кои наидоа на неочекуван притисок во јавност и во јавниот дискурс успеаја да се наметнат еднакво како и промената на името.

Неколку случаи отворија сомнежи за искрената политичка волја на оваа власт за вистинска борба со корупцијата и органзираниот криминал. Меѓу нив се и  обвинувањата за мек третман на осомничените високопрофилни лица од интерес како Сашо Мијалков, Јордан Камчев, Миле Јанакеивски, Кирил Божиновски и други, но и промените во Кривичниот законик кои маскирани како “технички детаљ“ навестија можна амнестија на вмешани  во висока корупција и органзиран кирминал.

Во својот говор одржан минатиот викенд ден по прогласувањето на уставните измени во парламентот, Зоран Заев во своето обраќање и даде значаен простор на борбата со корупција од аспект на нужност при евроатланските интеграции.

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »