Press "Enter" to skip to content

Бојан Јовановски побара увид во доказите за „Рекет“ пред да даде исказ пред Русковска

Бојан Јовановски, првоосомничен за случајот „Рекет“, денес за прв пат беше повикан во Јавното обвинителство да даде исказ пред шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. По еден час распит тој е вратен во затворот во Шуто Оризари, каде што е во притвор од неговото апсење на 15 јули.

По распитот неговиот адвокат, Сашо Дуковски за медиумите изјави дека Јовановски одбил да даде исказ затоа што обвинителката Русковска на првото соочување со доказите го известила дека истрагата против него е завршена.

„Ова до сега во македонското правосудство не се случило. Истиот ден кога го викаат прв пат на распит, го известуваат дека е завршена истрагата. Претходно ниту еднаш не бил известен за доказите против него. Ова е повреда на постапката, ставот на Европскиот суд за човекови права е дека осомничениот треба да биде запознаен со доказите против него и основите за сомневање,“ вели Дуковски.

Дуковски дополнително истакна дека Јовановски ќе даде исказ откако одбраната ќе има можност да изврши увид во предметот. Увидот е закажан за во среда во 12 часот.

„Не се браневме со молчење, ниту некогаш ќе се браниме со молчење. Ќе дадеме исказ иако ова е повреда на правото на одбрана и правен нон сенс. Ние не гледаме на кристална кугла за да знаеме кои се доказите. Не дадовме изјава од разбирливи причини затоа што немаме увид во доказите,“ додава Дуковски.

Утре на распит пред шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска ќе биде донесен и поранешниот шеф на Специјалното јавно обвинителство. Ова ќе биде втор пат како Катица Јанева ќе даде исказ пред Русковска. Првиот пат беше во својство на сведок, а сега како осомничена во случајот „Рекет“.

Изјава од адвокатот на Јовановски, Сашко Дуковски:

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »