Press "Enter" to skip to content

Бојан Јовановски не даде исказ, со Брза помош изнесен од Обвинителството

Со возило на Брза помош првоосомничениот во т.н случај „Рекет“, Бојан Јовановски, денеска беше изнесен од Обвинителството за организиран криминал каде што требаше пред Русковска да дава исказ.

Јовановски беше изнесен на носилки до возилото на медицинската екипа која пристигна во Обвинителството дваесетина минути по доаѓањето на Јовановски.

Кратко потоа, адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски пред медиумите изјави дека Јовановски не дал исказ, бидејќи состојбата постојано му била влошена.

„Се случи непријатна сцена, нешто што се случува последните 40-50 дена откако е во притвор. Почна да повраќа и колабираше, не беше контактибилен. Дојде Брза помош и однесен е во болница. Обвинителството како и јас не сме лекари, но она што го видовме не беше воопшто пријатно. Секој човек заслужува право на живот. Јас сметам дека му треба адекватна медицинска нега, без оглед што сторил. Не случајно е сега однесен итно во болница и не случајно до сега барем 20 пати бил на лекар“, изјави Дуковски.

Јовановски е првоосомничен во случајот „Рекет“ и е во притвор во Шутка. Одбраната, поради влошена здравствена состојба бараше ослободување од притвор, но Апелацискиот суд не го уважи барањето.

Иако се уште нема обвинение, според досегашните изјави од Обвинителството, Бојан Јовановски, преку тргување со влијание издејствувал преку поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, ослободување од притвор на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“ и можност за спогодба.

Јанева е третоосомничена во предметот „Рекет” за злоупотреба на службена положба и овластувања. Јовановски, заедно со Зоран Милески – Кичеец, се осомничени за примање награда за противзаконито влијание.

Во меѓувреме адвокатката на поранешната специјална јавна обвинителка, соопшти дека Катица Јанева нема да дава исказ пред Русковска, односно одлучила да се брани со молчење.

Рокот за поднесување обвинение за т.н „Рекет“ истекува в четврток, бидејќи веќе е завршена постапката за увид во доказите.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »