Press "Enter" to skip to content

Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец осомничени за рекет

Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција на денешната прес конференција објави дека е отворена истрага против двајца осомничени за случај во кој се инволвирани сопственик на телевизија, бизнисмен и јавен обвинител. Неформалниот сопственик на телевизијaта 1ТВ Бојан Јовановски и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито дејствие, а Јовановски се сомничи и за перење пари. 

Двајцата осомничени преку јавен обвинител од ноември 2018 до април 2019 влијаеле да се олесни положбата на лице кое е под истрага, а за таа услуга добиле 1,5 милиони евра. Предистражната постапка е отворена на 2 мај 2019 по кривична пријава, а откако биле собрани потребните вербални и материјални докази, отворена е истражна постапка.

Обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска откри дека првиот осомничен влијаел врз јавниот обвинител за да се олесни постапката на лицето кое било под истрага, а вториот осомничен ги договарал средбите со лицето под истрага, кое во овој случај е сведок. Двајцата осомничени од сведокот побарале вкупно 8 милиони евра за прекин на постапката против него или 5 милиони доколку постапката не се запре, но се обезбедат олеснителни околности. По исплатата на 1.5 милиони евра тие се посомневале во доверливоста на сведокот и повеќе не остварувале средби.

Првоосомничениот е под истрага и за перење пари, нелегално стекнатите средства тој ги пуштил во оптек како легални и со нив купувал гардероба и плаќал одмори кои ги надминуваат неговите приходи.

Обвинителите за двајцата осомничени побараа мерка притвор и повикаа и други лица кои имаат докази за постапката да ги пријават во обвинителството.

Иако обвинителите одбиваа да го откријат идентитетот на осомничените водејќи се според принципот на пресумпција на невиност, се претпоставува дека станува збор за шоуменот  и неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец, кои денес беа уапсени.

Обвинителите не одговорија на новинарските прашања за тоа за кој обвинител станува збор и дали е отворена постапка и против обвинителот.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »