Press "Enter" to skip to content

Антикорупциската комисија ќе ја гони прекршочно Ирина Пановска, се води предмет и за трговија со влијание во набавка на лекови

Прекршочна пријава ќе поднесе Антикорупциската комисија на в.д. директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис поради тоа што не поднела анкетен лист.

На денешната седница на Комисијата, антикорупционерите кажаа дека Пановска Ставридис досега требала четири пати да поднесе анкетен лист за имотната состојба, бидејќи толку пати и бил продолжен мандатот. Наместо тоа Пановска дури на 19 мај 2019 година поднела четири анкетни листови, иако за прв пат како в.д. директорка на Клиниката била поставена на 4 август 2017 година.

Обвинувања за фаворизирање тендери

На минатата седница, антикорупционерите отворија предмет за Пановска Ставридис за набавка на лекови. Комисијата одлучи да истражува дали в.д. директорката ги прекршила законите при тендерската постапка кога тендердо била фирмата „Д-р Пановски“ која е во сопственост на нејзиниот татко – Златко Пановски.

Овој предмет е отворен по допрен глас, но имало претставка и од доктори кои во пријавата навеле дека Пановска унапредува свои луѓе на раководни позиции со поддршка од министерот Венко Филипче и од министерката Радмила Шеќеринска. Порталот „НОВАТВ“ објави писмо од доктори кои што истото го испратиле до Антикорупциската комисија, а во кое што тие обвинуваат дека Пановска Ставридис „комплетно го сменила Стручниот колегиум кој сега бил инструмент во нејзини раце за да може да набавува скапи лекови од веледрогеријата на нејзиниот татко“.

Ирина Пановска Ставридис (лево) со министерот за здравство Венко Филипче на заедничка прес конференција. ФОТО: Архива СДК

Ирина Пановска Ставридис е ќерка на познатиот скопски бизнисмен Златко Пановски. Тој и неговото семејство ја поседуваат една од четирите најмоќни веледрогерии во земјава –  „Др-Пановски“ заедно со „Зегин“, „Промедика“  и „Еурофарм“. Во јавноста се појавија обвинувања за трговија со влијание за време на поставувањето на директорите во здравствените институции од страна на министерот Венко Филипче, поради повеќе случаи во коишто лица со семејни врски со повеќе веледрогерии се на одлучувачки позиции во повеќе клиники. За случајот којшто го разгледува Антикорупциската комисија, Пановска Ставридис тврдеше дека се доделил тендер на „Др-Пановски“ затоа што тој бил единствен застапник на продуктот од набавката.

Првата антикорупционерка вети борба и со високата корупција во здравството

За високата корупција, трговијата со влијанието и доделувањето на тендери од државните институции, стана збор и на дебатата на емисијата „Топ тема на ваша страна“ во која претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска одговораше на прашањата на новинарите. На прашањето за високата корупција во здравството и трговијата со влијание, Ивановска кажа дека за Комисијата е голем предизвик да ги истражува овие случаи бидејќи трговијата со влијание е многу тешко да се докаже. Дополнителен товар е фактот што законите кои ги регулираат овие области ги носат лицата кои се на власт и кои најчесто вршат трговија со влијание.

„Овој тип на корупција е голем предизвик за нас. Сите тие работи се случуваат врз основа на некое законско решение. Значи нешто му овозможува на некое одговорно лице и да каже јас се повлекувам, вие донесете ја оваа одлука. Проблем е што тие што се на власт сами ги креираат законски решенија. Ние, треба да бидеме како некои детектори и да ги откриваме токму ризиците од ваквата опасност за корупција, одговори Ивановска.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија  вели дека Антикорупциската комисија мора да најде начин да почне да работи на легислативата во која се сокриени овие предизвици.

„Сите законски решенија, каде што власта има дискрециони права кога носи одлуки се потенцијална опасност за корупција. Комисијата мора да почне да работи на овој проблем и да ги открива ваквите случаи во законските решенија“.

Ивановска вели дека веќе постои методологија за решавање и работа на вакви случаи, но таа допрва ќе почне да се имплементира.

Една од главните забелешки упатени на сметката на Антикорупциската комисија е дека работи само нископрофилни случаи на корупција, а не се занимава со високата корупција во институциите.

Наместо со крупни зверки, комисијата се бори со предметите на партиите

Во неколку случаи досега, Антикорупцика експедитивно отовори предмети по пријави доставени од политичките партии за кои веднаш на следната седница донесе одлука дека се лажни. Потрошени ресурси, потрошено време, додека случаите на висока корупција се уште не нашле место на дневниот ред на Комисијата.

Поповиќ вели дека на Комисијата и треба методологија на приоритети за да можат да се бават со висока корупција.

„Во јавноста моментално има впечаток дека комисијата отвора случаи за се што ќе им се даде како претставка. До некаде разбирам зошто е тоа. На пример, антикорупционерите ќе се соочат со многу забрлешки доколку отвораат случаи по приоритет, а за тоа немаат никакво покритие. На пример, медодологија со приоритети, во која ќе биде истакнато дека предупредувања или пак прекршочни пријави за недоставени анкетни листови би доставувале службениците, а членовите на Комисијата ќе се занимаваат со високопрофилните случаи. Во таква ситуација, Комисијата е покриена на поставените прашања од типот, зошто овој случај се уште не е разгледан, да одговори дека според методологијата на приориотети тој случај може да почека“, вели Поповиќ.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »