Press "Enter" to skip to content

Агенцијата за медиуми ќе поведе нова постапка против „1ТВ“

Нова постапка против „1ТВ“ ќе поведе Агенцијата за медиуми бидејќи Јасминка Јовановска, новоизбраниот член во Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации е сопруга на еден од сопствениците на „1ТВ“, потврди директорот на агенцијата Зоран Трајчевски за ИРЛ откако објави агенцијата Макфакс. Постапката ќе биде отворена во петок, на наредната седница на Советот на Агенцијата.

Според членот 38 од Законот за аудио и аудиовизуелните медиуми, „политички партии, државни органи, јавни претпријатија, носители на јавни функции и членовите на нивните семејства не може да вршат радиодифузна дејност, ниту да бидат основачи, соосновачи или да добиваат учество во сопственоста на радиодифузерите“.

Според податоците од Централниот регистар, сопственик на телевизијата „1ТВ“, е фирмата „БМЈ медија груп“, а директор е Јасна Мандиќ. Сопственици на „БМЈ медија груп“ се Јасна Мандиќ и Миле Јовановски-таткото на Бојан Јовановски.

Во овој случај или Јовановски како сопруг на Јасминка Јовановска треба да се откаже од сопствеништвото во телевизијата или таа да се откаже од јавната функција.

ИРЛ денеска објави дека Јасминка Јовановска е еден од седумте кандидати кои биле пријавени на огласот од Собранието, но ниту еден друг кандидат не ги исполнувал условите, па само таа била избрана за член во Комисијата. Претходно Јовановска работела како раководител на секторот за социјална заштита во Министерството за труд и социјална политика.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиуми и претходно поведе постапка против „1ТВ“ бидејќи Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, на јавните настапи се претставува како сопственик на телевизијата иако формално-правно не е, но оваа постапка не беше изгласана од страна на Советот.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »