Јасминка Јовановска, мајка на сопственикот на 1тв, Бојан Јовановски во петокот на седница на Собранието е изгласана за нов член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации. Пратениците во петокот на седница ја донесоа одлуката Јовановска за член на оваа комисија. Извори во редовите на пратениците кои одлучуваа, велат дека препораката за Јовановска дошла лично од Александар Кирацоски, генерален секретар на СДСМ и пратеник во Собранието. Ова го потврдија и пратеници од СДСМ и пратеници од Комисијата за избори и именувања од двете партии.
„Од ВМРО-ДПМНЕ бевме само јас и Лилјана Кузмановска и ние не гласавме за предлогот“, вели Илија Димовски, пратеник и дел од Комисијата за избори и именувања. Тој вели дека не знаел дека Јовановска е во роднински врски со Бојан Јовановски. Пратеници од СДСМ во разговор со ИРЛ, исто така, тврдеа дека не знаеле за кого станува збор.
Според биографијата поднесена во Собранието, Јовановска работела како правник во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје. Од 1998 година е вработена во Министерство за труд и социјална политика на работно место раководител на секторот за социјална заштита.
ИРЛ по смс порака и мејл ја контактираше Јовановска. Ја прашавме како дознала за огласот, по чија препорака била номинирана, што ја прави квалификувана за оваа позиција и дали смета дека партијата (СДСМ) има улога во нејзиниот избор? Јовановска ни одговори дека во наредните денови ќе добиеме одговори на прашањата кои и ги поставивме.
ИРЛ се обиде телефонски да го исконтактира и Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, но тој ни го одби повикот. Потоа му испративме и смс порака со прашања. Го прашавме на чиј предлог е избрана Јовановска и дали и како е квалификувана за таа позиција. До објавување на текстот одговори не добивме.
Според Законот за слободен пристап до информации, членовите на оваа комисија се бираат на предлог на Владата.
Комисијата која според закон би требало да брои пет члена (претседател, заменик претседател и три члена, според интернет страницата има само еден член Валентина Фидановска и претседателот Блерим Исени.
Огласот за избор на заменик претседател и двајца члена Собранието го распишало на седница на 19 јануари. На огласот се пријавиле вкупно 7 кандидати, од кои Собранието донело одлука само Јовановска да биде избрана за член. Според Илија Димовски, само двајца кандидати ги исполнувале условите.
Според огласот, кандидатите кои се пријавиле треба да се државјани на Република Македонија, да имаат најмалку 240 кредити според ЕКТС или пак VII/1 степен Правен факултет. Во огласот се бара кандидатите да не се членови на политичка партија и да поседуваат еден од петте меѓународни сертификат или уверение за завршен англиски јазик не постар од пет години.
Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од крајот на април минатата година е оставена само со два члена.
Комисијата со години имаше недоверба кај граѓаните и новинарите, затоа што речиси секогаш по поднесените жалби одлучуваше по партиска директива. Поранешниот претседател на Комисијата Ѓорѓи Сламков кој во април си поднесе оставка за претседател беше избран по два мандати како претседател во Антикорупциската комисија која се соочуваше со жестоки критики за својата инертност и партизираност.
Бојан Јовановски или познат како Боки 13 во јавноста е познат како водител, шоумен и пејач повеќе од 15 години. Пред околу 2 години, Јовановски се вклучува во социо-политичкиот живот. На отворањето на телевизијата 1ТВ која е во сопственост на неговиот татко, а менаџирана од него, му претходи отворањето на граѓанската организација „Меѓународен сојуз за цивилно општество – Скопје“ чијшто прв претседател е Јовановски. На конситутивната седница присуствуваа и екс министерката за труд и социјална политика Фросина Ременски, градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев, а како дел од управниот одбор е и актуелниот заменик-градоначалник на град Скопје и познат бизнисмен, Енвер Малиќи.
Автори: Сашка Цветковска; Александра Денковска-Гоцевска