Press "Enter" to skip to content

Зошто е сѐ толку скапо

Анализата на трошоците за живот покажува дека последните две години, за време на кризата, односно во 2022 и 2023 година, сѐ поскапи за 25%, а во истиот период приходите на граѓаните пораснале за само 10%, што доведе до колективно осиромашување на нацијата. Меѓу најголемите добитници од кризата се супермаркетите. Прoфитите на 10-те најголеми синџири маркети лани пораснале за 40 проценти повеќе отколку годината пред тоа.

Известува: Александар Јанев; Графика: Лука Блажев;

Помислата „колку е сè скапо денес“ е општиот сентимент на граѓаните секогаш кога влегуваат во продавница. Излегуваме со полупразни кеси, детално проверувајќи ги фискалните сметки што сè сме испазариле за да нè чини толку пари. 

Коренот на овој проблем е инфлацијата која последните две години, кумулативно, ги зголеми трошоците за живот за дури 25%. Изразено во пари, тоа значи дека за сите производи и услуги што претходно сме плаќале по 1 000 денари сега нè чинат по 1 250 денари просечно. И токму ова поскапување е клучно кога граѓаните пробуваат да си објаснат како парите изгубиле вредност и како за исто пари, за разлика од порано, сега купуваат многу помалку. 

„Порано тоа што беше 400 или 500 денари сега е 1 000 денари“, раскажува Борис Рајковиевски и додава дека за разлика од нив, пензионерите, политичарите си ги зголемиле платите за речиси 80% додека тие преживуваат.

„Не знам дали со 1 000 денари дали веќе можеш да завршиш некоја работа“, додава пензионерката Автовска која со нас го сподели само своето презиме.

Веле Спасовски, кој пазари на пазарот во Буњаковец, вели дека тешко се живее. „Пензиите не стигаат за ништо“, се жали тој.

Поскапувањето што се случи само во 2022 и 2023 година е колку зголемувањето на цените за 14 години претходно, вклучувајќи ја и 2008 година, кога почна светската економска криза и последен пат искусивме висока инфлација од 8,3% годишно. За граѓаните улога во поскапувањата имаат повеќе фактори.

„Сè поскапи, сè. Трговци, препродавачи и така сè поскапи“, вели Џевад Мастр за ИРЛ, кого го сретнавме на зелениот пазар Буњаковец.

Најголем дел од парите се трошат на најосновното – храна која веќе за дел од граѓаните станува дури луксуз. 

„Еве, на пример, 300 грама чварки чинат 400 денари“, вели скопјанецот Томислав Јаневски.

Ниво на инфлација од 2008 до 2023 година.

По одделни производи, во ерата на висока инфлација, најмногу поскапи храната за 32,6%, одењето во хотели и ресторани за 28,2%, домувањето и другите режиски трошоци за 23,7%, а транспортот за 20%. 

Генезата на оваа ценовна криза нè враќа до периодот на ковид-пандемијата. Рестриктивните мерки на движење кои ги затворија граѓаните во своите домови доведоа до помала побарувачка на производи. 

Но, кога пандемијата заврши, побарувачката нагло се зголеми што, пак, предизвика и зголемување на цените. Но, само што светот се стабилизира, следуваше нова криза. 

Во 2022 година избувна конфликтот во Украина. Европа и САД воведоа санкции за руските енергенси, односно природниот гас и нафтата. Со тоа кризата се продлабочи, а инфлацијата достигна рекордни двоцифрени стапки и остави разорни последици врз животниот стандард на граѓаните.

Но, оваа ера на висока инфлација конечно завршува. Зголемувањето на цените од месец во месец е забавено. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, трошоците за живот во октомври годинава биле за 3,5% повисоки отколку истиот месец лани. 

На месечно ниво, статистиката овој пат забележа намалување на цените, односно дефлација во споредба со септември, а тоа е она што граѓаните всушност го посакуваат. Но, овој тренд е последица на мерката за ограничување на маржите од страна на државата за одредени основни производи во таканаречената есенска потрошувачка кошница, но ефектот од оваа мерка заврши штом таа престана да важи, кон крајот на октомври. 

Марјан Петрески е универзитетски професор, економист кој концептуално не се согласува со оваа мерка. Тој вели дека главната причина што ефектите од оваа мерка се ограничени е смирувањето на инфлациските притисоци, особено увозната компонента. 

„Проблемот е што ние имаме неповолна пазарна структура. Кај некои пазарни потсегменти немаме чисто конкурентски пазар, односно поблиску сме до некоја олигополска форма, или здружување на неколку големи играчи на пазарот, кои потоа се договараат по која цена ќе го продаваат производот, најчесто наметнувајќи висока маржа“, вели Петрески. 

Според него, замрзнувањето на цените и маржите целеше да ја коригира оваа аномалија на пазарот и успеа во тоа, но само на краток рок. 

„Ова не го решава проблемот во неговата суштина. Наместо тоа, треба да се засили и да се прошири мандатот на Комисијата за заштита на конкуренција и да се санкционира прокартелско здружување на пазарот. Да, тоа е потешкиот пат, ама ете, тоа е пример за структурна реформа која треба да даде долгорочни бенефити“, додава Петрески. 

Само што престана да важи мерката, цените се вратија на старо. И покрај тоа што инфлацијата се намалува, тие веќе се премногу високи. И, најверојатно, никогаш нема да бидат како пред кризата. 

Колку граѓаните ја почувствуваа оваа ценовна криза на сопствен џеб, покажува фактот што во оваа трка растот на просечните приходи не успеал ни приближно да го следи зголемувањето на цените. 

Оттука, сите ние колективно денес сме за 15% посиромашни отколку во 2021 година пред почетокот на оваа криза, затоа што наспроти растот на цените, кој изнесува 25%, просечните приходи ни пораснале за само 10%. Тоа значи дека реалната вредност на парите се намалила за 15%. 

Но, некои граѓани осиромашиле повеќе од други затоа што социјалните разлики подразбираат и различни потреби за трошење. Така, најсиромашните 10% од граѓаните, дури 85% од својот буџет го трошат за храна, каде што поскапувањето беше и најголемо, додека пак најбогатите за храна трошат само третина од парите, а многу повеќе за рекреација и култура, облека и обувки, хотели и ресторани.

Кога ги внесовме овие податоци во „Калкулаторот за лична инфлација“ што го изработивме, произлезе дека животот на најсиромашните граѓани во последните две години поскапел за 32%, додека пак трошоците на најбогатите им пораснале за 20%. 

Најсиромашните 10% од граѓаните осиромашиле за 32% додека најбогатите 10% од граѓаните осиромашиле за 20%.

КАЛКУЛАТОР ЗА ЛИЧНА ИНФЛАЦИЈА

Калкулаторот за лична инфлација прикажува колку поскапел животот на граѓаните во екот на ценовната криза во 2022 и 2023 година, во споредба со периодот пред ценовната криза.
Упатство за употреба на калкулаторот за лична инфлација
1. Внесете ги вашите месечни трошоци за живот за поединечните ставки.
2. Ставките кои не се опфатени во 11-те категории на калкулаторот, може да ги внесете во „Разно“.
3. Вкупен месечен буџет: Вашиот вкупен месечен буџет се пресметува според трошоците кои ги внесовте во калкулаторот.
4. Поскапување: Поскапувањето за секоја ставка поединечно се пресметува врз основа на кумулативната инфлација во секоја категорија. Податоците за зголемување на трошоците за живот се преземени од Државниот завод за статистика.
5. Вкупно поскапување: Прикажува колку ви се зголемени трошоците во апсолутен износ.
6. Вкупен процент на лична инфлација: Личната инфлација калкулира колкаво е поскапувањето на вашите трошоци за живот. 

Во недостиг на официјални податоци за стапката на сиромаштија, затоа што Државниот завод за статистика дури сега ги објави податоците за 2021 година, една студија на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ открива дека поради кризата со храна и енергија дополнително 13 илјади граѓани паднале под прагот на сиромаштија, влошувајќи ја просечната стапка за 0,7 процентни поени, на 19,9%.

Друг феномен што се појавува секогаш кога имаме значително поскапување на производите е дека килограмот повеќе не е килограм, а литарот не е литар. 

Ова е начин на маневрирање на производителите со количините во обид делумно да го сокријат поскапувањето. 

На овој проблем неодамна предупредија од Државниот пазарен инспекторат кој при контроли утврдил манипулација на потрошувачите, затоа што некои производи се прикажуваат дека се од литар, а всушност имаат помала количина. 

Итри локални профитери 

Улогата на домашните производители и трговците во движењето на инфлацијата е клучна, иако властите често знаат да ги обвинуваат надворешните фактори и се повикуваат на увезена инфлација бидејќи Македонија е увозно зависна земја во секој поглед. 

За супермаркетите ова беа години на високи цени. И високи профити. До нив стигнале преку повисоки профитни маржи. 

Светската банка се занимаваше со проблемот на нефер трговски маржи во земјава и во своите извештаи анализираше до кој степен тие влијаат на зголемувањето на инфлацијата. 

„Ако погледнеме истражувања за земји членки на ЕУ и ако ги разгледаме маржите во Македонија, ова што се случи изминативе години поради несовршената конкуренција, видовме големи зголемувања на маржите, односно профити, кои не можат да се објаснат или да се оправдаат со што било што се случува на пазарите во моментов, освен со монополистичка или олигополистичка позиција. Односно, фалинки на пазарот што им одат во прилог на мал број од учесниците на пазарот, а одат на штета на голем дел од граѓаните, најмногу на најранливите сегменти од населението“, изјави неодамна Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист на Светската банка.

Бруто-профитна маржа е разликата помеѓу набавната и продажната цена на производите. Таа кај некои маркети во просек е околу 12%, но кај други е и тројно повеќе, до 37%. 

Бруто-профитна маржа е разликата помеѓу набавната и продажната цена на производите. Таа кај некои маркети во просек е околу 12%, но кај други е и тројно повеќе, до 37%.

Листата на производи со набавни и продажни цени кај овие маркети до која дојде ИРЛ покажува дека маржите одат од 10% кај јајцата, 13% кај лебот и млекото, 19% кај јогуртот, 21% на сирењето, 31% на кашкавалот, додека највисоки се кај зеленчукот, и тоа 42% кај доматите, 50% краставиците и гравот, 55% кај компирот, до 70% кај боранијата и сл. 

Сите маркети ја надминуваат границата од 10% што државата ја наметнува со мерки кога сака да го заштити стандардот на граѓаните.

Властите годинава донесоа и Закон за нефер трговски практики, но тој не ограничува маржи. Со законското решение е опфатена листа од над 2 500 земјоделски и прехранбени производи чиј рабат ќе биде ограничен на 10 отсто, со што се очекува намалување на цените во малопродажбата. Покрај ограничен рабат, Законот предвидува трговците да не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полици. 

Десетте најголеми синџири маркети низ Македонија во 2023 година заедно инкасирале приходи од една милијарда и 60 милиони евра и направиле профит од 36 милиони евра. Тоа е за 40% поголема добивка отколку во 2022 година.

Но, патот на малопродажната цена има и неколку други попатни станици – од производител, преку преработувачи или големопродажни компании, дистрибутери, па сè до полиците во супермаркетите и продавниците. 

На секој чекор, од растење и преработка до пакување и транспорт, има актери што додаваат свои трошоци и профит. Тоа значи дека секој нов чекор во синџирот ја зголемува цената што ние, потрошувачите, ја плаќаме.

Земјоделството „овена“ и покрај истурени милијарди за субвенции

Дека оваа земјоделска земја ризикува да остане без храна и стана целосно зависна од увоз, а со тоа и исклучително подложна на глобалните ценовни шокови, покажуваат поразителни факти за намалување на производството. И покрај политиката на енормно субвенционирање на земјоделството последните 20-ина години, почнувајќи од 2006 до денес, сите влади потрошија над 1,5 милијарди евра за таа намена, но ефектите изостануваат. 

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани сме увезле храна во рекордна вредност од над 1,08 милијарди евра. Во истиот период извозот на храна од земјава бил околу 600 милиони евра, и овој јаз помеѓу увозот и извозот од година во година постојано се продлабочува.

Македонија, која има потреба од околу 300 илјади тони пченица годишно, минатата година произвела 215 илјади тони, што е речиси третина помалку од потребното. 

Го анализиравме земјоделското производство на житните, индустриските и градинарските култури последните десет години, и речиси без исклучок кај сите е евидентирано огромно намалување. 

Производството на пченица лани, на пример, е за 25% помало отколку во 2014 година, кај компир за 8%, грозје за 24%, пченка за 5%, домати за 27,5%. За периодот од една деценија единствено зголемување на производството има кај пиперките, и тоа за 41%, со што лани се набрани 247 илјади тони. 

Инфлацијата се враќа во нормала

Последните податоци за движењето на инфлацијата покажуваат дека таа се враќа во рамките на прифатливото ниво, помеѓу 2% и 3%. Идеално е кога таа се движи во овие рамки зашто така има време постепено да се усогласат цените и платите, односно властите да планираат соодветни мерки за паралелно да го штитат стандардот на граѓаните. 

Инаку, монетарните власти очекуваат натамошно намалување на инфлацијата. Народната банка веќе во два наврати ја намали основната камата и со тоа ја олабави монетарната политика за да поттикне поголемо кредитирање и трошење. 

Просечната инфлација оваа година ќе се намали на 3,5%, а за наредната година се проектира дополнително да се спушти до 2,5%. На среден рок, Народната банка проценува во 2026-2027 година натамошно стабилизирање на нивото од околу 2%, а главни ризици и натаму се цените на примарните производи кои се под влијание на геополитичките случувања. 


 

 

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.