По антикорупциската комисија која во петокот објави црна листа на вработени роднини на функционери чии вработувања ќе се испитуваат, денеска и премиерот Зоран Заев излезе со изјава дека и кај нив се прават анализи за вработувањата. Дали Владата или пак партијата(СДСМ) прави анализа, премиерот не беше јасен.
„Правиме детална анализа. Се работи за личен однос и лична одговорност на одредени поединци. Начинот на конкурирањето, фер и транспарентната правична постапка во делот на вработувањата е дел од анализа чии извештаи ги очекувам неделава. Штом ги добијам извештаите, веднаш ќе ги споделам со јавноста“, рече Заев.
Тој најави дека дел од функционерите најавиле дека нивните блиски ќе се повлечат од институциите, но не кажа ниту едно име. Остави на совеста и одговорноста на функционерите кои се инволвирани во овој скандал.
„Тоа е лош пример иако се работи за мала бројка, а токму функционерите треба да бидат добар пример како да се однесуваат граѓаните. Ако ние им наложиме нешто ќе потврдиме дека е тоа надвор од закон, етика или слично. Се работи за личен чин кој очекувам тие да го направат. Правиме детална анализа. Се работи за личен однос и лична одговорност на одредени поединци“, изјави Заев.
Антикорупционерите на седница во петокот објавија список со 18 државно вработени роднини на пратеници и функционери, кои комисијата ги избрала пребарувајќи ги информациите што медиумите ги објавуваа во изминатите неколку дена. Претседателката на комисијата Билјана Ивановска најави дека во рок од 60 дена за овие вработување ќе биде донесена одлука.
ИРЛ се обиде телефонски да исконтактира некои од функционерите чии роднини се тазе вработени во државната администрација, но никој не крена слушалка, ниту пак одговори на смс пораките.
На листата со спорните вработувања кои ќе се истражуваат, се најде и вработувањето на ќерката на Талат Џафери, Бесија Џафери која е вработена во ЕЛЕМ. За неа ќе одлучува нејзиниот тетин Нури Бајрами, како еден од членовите на Антикорупциската комисија.
Денешната изјава на Заев ја најави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во интервју за Топ Тема на Телма. Тој рече дека премиерот Заев ќе ги повика сите инволвирани во овие сомнителни случаи да се повлечат од своите позиции, со цел да се прекине оваа практика што цела деценија е воспоставена во Македонија.
Неколку дена пред изјавата на Топ Тема, Манчевски имаше сосема поинакво мислење:
„Денеска е чудно што било кој симпатизер на оваа власт се вработува и во јавни институции. 10 години на сите членови на СДСМ им беше забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор. Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата. Сега има Антикорупциска комисија и сето она за што се смета дека е проблематично треба да се поднесе претставка и да се одлучува по неа“, изјави Манчевски.