Press "Enter" to skip to content

Владата од СЈО прави опашка на ОЈО – бомбите ќе станат неупотребливи

Катица Јанева и останатите обвинители, и тоа под услов да бидат избрани, ќе добијат и шеф и лимитирани ингеренции. Со закон на владата СЈО повеќе нема да е независна институција, туку обвинителство кое ќе биде под управата на Државното јавно обвинителство водено од Љубомир Јовевски. 

Во сите случаи за кои СЈО поднесе обвинение до 30 јуни 2017 година како докази можат да се користат прислушуваните разговори. За истрагите и предметите отворени по овој датум ќе мора да бараат други докази. Ова го предвидува Предлог Законот за Јавното обвинителство кој денес беше изгласан на владина седница, а со кој се регулира статусот, автономијата и надлежностите на СЈО.

Членот 105 од Законот за Јавното обвинителство пропишува: „Материјалите од незаконското следење на комуникациите специјалното јавно обвинителство може да ги обработува најдоцна до 15 септември 2020 година и истите може да се користат како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година“.

Тоа значи дека во истрагите кои беа отворени за лидерот на ДУИ Али Ахмети за пропаднатиот попис, или пак предметот „Пациент“ во кој е осомничен вицепремиерот Бујар Османи, бомбите нема да бидат доказ. Иако од нив СЈО ги црпеше клучните аргументи како основа за отворање на истрага.

Понатаму, под знак прашање се доведуваат и истрагите за случајот „Хармонија“ во кој е осомничен екс градоначалникот Стевчо Јакимовски, потоа истрагата за поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески осомничен во предметот „Подарок“. Како и други случаи кои се во истрага и предистражна постапка во кои се осомничени Жарко Луковски, директор на Т-мобиле, пратеникот Антонијо Милошоски и други.

Основа за изготвувања на овој закон, како што е наведено во соопштението од Министерството за правда, беа двата извештаи на експертскиот тим на Прибе.

Според Предлог-законот прислушуваните материјали кои не се предадени во судовите ќе се чуваат во СЈО една година по сите правосилно завршени судски постапки. За изгласување на законот во Собранието потребна е поддршка од 80 пратеници. Од ВМРО ДПМНЕ побараа лидерска средба за новиот предлог закон.