Press "Enter" to skip to content

Вилма Русковска по втор пат отвора истрага за АД МЕПСО

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција по втор пат најавува истрага за АД МЕПСО. Првиот пат по објавување на Ревизорскиот извештај за оваа институција пред две години и денес по допрен глас, односно откако од ветрот се распадна фасадата вредна 11 милиони евра.

Откако под налет на посилен ветер падна дел од фасадата на АД МЕПСО, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција реши да отвори истрага по допрен глас. Оттаму најавија дека ќе испитуваат дали квалитетот на градбата е соодветна со барањата содржани во јавната набавка, како и за тоа дали надзорот бил извршен согласно професионални стандарди.

Ова е втор пат Обвинителството под палката на Вилма Русковска да најави истрага за АД МЕПСО. Првиот пат беше лани, кога ИРЛ правеше истражување за наодите во Ревизорскиот извештај за оваа институција и од Обвинителството за гонење на организиран криминал ни одговорија дека „издале наредба до соодветни инстиуции за прибирање на информации“.

„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  кој постапува по предметот во врска со Конечниот извештај по извршена ревизија кај оператор на електропреносен систем на Македонија АД за пренос на електрична енергија има издадено наредба до релевантни институции за прибирање на податоци.Предметите се во предистражна постапка и обвинителството не може да споделат повеќе детали“,  соопштија за ИРЛ по писмен пат од ова обвинителство на 11 јануари минатата година.

ИРЛ уште лани објави дека Државниот завод за ревизија во извештајот констатира дека за проектот Реконструкција на фасадата поранешниот директор „работел неодговорно, несовесно и не ги заштитил интересите на компанијата“. Државниот завод за ревизија овој извештај уште по објавувањето (во февруари 2018) го доставило до Јавното обвинителство. Но, Русковска реши да отвори истрага дури откако ветрот ја одлепи милионската фасада.

Фото: Распаднатата фасада на АД МЕПСО по ветерот завчера

Планот, фасадата на МЕПСО да се преоблече во барок почнува да се реализира во март 2012 година кога е распишан конкурс за идејно решение и кога Груевски го гради милионскиот проект Скопје 2014.

На 31 декември 2013 година склучен е договор со најповолниот понудувач, односно на тендерот е избран А.Д. „Бетон Штип“, кој понудил цена од 9 милиони евра. Градежните работи требало да завршат за 18 месеци, почнувајќи од февруари 2014 до јули 2015 година. Но, „Бетон Штип“ неколку пати го пробивал рокот и тој е продолжуван со два анекс договори во 2016 година.

„Рокот за изведба од 18 месеци претставува еден од суштествените услови на договорот за јавна набавка, и дека со двата Анекси, рокот за изведување на работите од 18 месеци е продолжен за дополнителни 12 месеци, а работите не се завршени и објектот не е предаден во употреба до денот за известување од извршената ревизија, односно повеќе од 24 месеци по истекот на првично зададениот рок“, пишува во ревизорскиот извештај.

Барокната фасада ја изведуваше фирмата „Бетон Штип“, за која од буџетот се платени над 11 милиони евра. „Бетон Штип“ градеше седум објекти од проектот „Скопје 2014“ за вкупна вредност од 55 милиони евра.  По падот на Владата на Груевски почнува и банкротот на штипски „Бетон“ , а пред неколку месеци се отвори и стечај за оваа компанија.

Во сопственичката структура на „Бетон“ од Штип беа компаниите на Јордан Камчев, со кои имаше поврзаност и Сашо Мијалков: ТИМ ДОО, Езимит ДООЕЛ Штип, како и „Ексико“ и Орка Холдинг кои се предмет на истрага на СЈО во случајот „Империја“.

Од Обвинителството на Русковска денес изјавија дека предметот е распределен кај надлежен јавен обвинител кој издал наредба  до МВР за обезбедување и вештачење на севкупната документација за реконструкција и адаптација на зградата на АД МЕПСО.

Поврзани стории

МЕПСО трошела милиони евра за ски центри, барокна фасада и адвокати

 

Поранешното раководство на МЕПСО под истрага, непотизмот продолжува

 

 

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »