Press "Enter" to skip to content

МЕПСО трошела милиони евра за ски центри, барокна фасада и адвокати

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори предистражна постапка за МЕПСО врз основа на ревизорскиот извештај за финансиското работење на оваа компанија. Се истражува работењето на поранешното раководство додека директор беше Синиша Спасов, кадар на ВМРО-ДПМНЕ од 2012 до 2016 година. Истрага води и Управата за финансиска полиција за барокната фасада и реконструкцијата на дирекцијата на МЕПСО која достигна цена од 11 милиони евра, а се уште не е докрај завршена.

Ревизорскиот извештај беше објавен лани во март, а иницијатива за отворање на истрага ја потегна Владата, која е сопственик на МЕПСО. Во ревизорскиот извештај се обелоденети сомнителни тендери, договори за кои постојат индиции дека се коруптивни, сомнежи за злоупотреба на милиони евра државни пари и злоупотреба на службената положба на тогашното раководство.

Поранешниот директор Синиша Спасов за ИРЛ тврди дека работел законски и домаќински, но тоа не го покажува и ревизорскиот извештај.

Синиша Спасов во друштво со Никола Груевски

Барокна фасада од 11 милиони евра

Реконструкцијата на фасадата на дирекцијата на МЕПСО е една од сомнителните инвестиции за која ревизорот констатира дека раководството работело неодговорно, несовесно и не ги заштитило интересите на компанијата.

Планот, фасадата на МЕПСО да се преоблече во барок почнува да се реализира во март 2012 година кога е распишан конкурс за идејно решение и кога Груевски го гради милионскиот проект Скопје 2014.

На 31 декември 2013 година склучен е договор со најповолниот понудувач, односно на тендерот е избран А.Д. „Бетон Штип“, кој понудил цена од 9 милиони евра. Градежните работи требало да завршат за 18 месеци, почнувајќи од февруари 2014 до јули 2015 година. Но, „Бетон Штип“ неколку пати го пробивал рокот и тој е продолжуван со два анекс договори во 2016 година.

Рокот за изведба од 18 месеци претставува еден од суштествените услови на договорот за јавна набавка, и дека со двата Анекси, рокот за изведување на работите од 18 месеци е продолжен за дополнителни 12 месеци, а работите не се завршени и објектот не е предаден во употреба до денот за известување од извршената ревизија, односно повеќе од 24 месеци по истекот на првично зададениот рок“, пишува во ревизорскиот извештај.

Поранешниот директор Синиша Спасов, признава дека имало потешкотии при реконструкцијата. Тој во негова одбрана тврди дека се обидувал да ја турка работата, но безуспешно.

Од моја страна по одлука на УО, Службата за внатрешна ревизија со посебно овластување беше задолжена да врши внатрешна посебна контрола на законитоста, економичноста и ефективноста на Договорот за јавна набавка. И по повеќе опомени до моментот на напуштање на функцијата, не добив извештај за наведеното. Заради тоа не бев во можност да преземам одредени дејствија во насока на разрешување на одредени закочувања“, вели Спасов.

За барокната фасада од буџетот се платени над 11 милиони евра. Дали се сите оправдани истражува Обвинителството за организиран криминал и Финансиската полиција.

Вработените во МЕПСО во реновираниот објект се вселија пред неколку месеци, дури 5 години од почетокот на градежните работи. Со оглед на повеќекратното доцнење, досега не е направена пресметка и МЕПСО нема донесено одлука за наплата на казна, ниту наплата на банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот.

Дирекција на МЕПСО во Скопје

Новото раководство на МЕПСО на чело со директорот Сашо Василевски за ИРЛ вели дека „До сега работите не се завршени во целост, но интересот на МЕПСО е заштитен со банкарска гаранција која е депонирана од изведувачот“.

Бетон Штип“ градеше седум објекти од проектот „Скопје 2014“ за вкупна вредност од 55 милиони евра. Најголеми тендери има добиено за ФИНКИ – 12.804.035 евра, МЕПСО – 10.579.065 евра и за заедничката зграда на Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј – 9.064.807 евра.

По падот на Владата на Груевски почнува и банкротот на штипски „Бетон“ , со месеци е во лоша финансиска кондиција, вработените не земаат плата, а во бизнис круговите се зборува дека фирмата е можно да замине под стечај.

Во сопственичката структура се компаниите на Јордан Камчев, со кои има поврзаност и Сашо Мијалков: ТИМ ДОО, Езимит ДООЕЛ Штип, како и „Ексико“ и Орка Холдинг кои сега се предмет на истрага на СЈО во случајот „Империја“.

Платиле најсовремен софтвер, кој никогаш не го искористиле

Освен градежните инвестиции, предмет на истрага на Финансиската полиција се и парите дадени за имплементација на современ компјутерски систем – БИС систем, кој никогаш не е ставен во функција.

Купен е со пари од заем од Светска банка, а целта била модернизација на фирмата со цел да добие целосен интегриран информациски систем. Договорот со фирмата изведувач е склучен во март 2014 година во вредност од 615 илјади евра, кога почнал да тече и гаранцискиот рок од две години. Во тој период фирмата која го имплементирала софтверот била должна да ги отстрани сите недостатоци за да функционира системот. Но, тоа не е сторено.

Дури во март 2016 година кога Секторот за финансии ја изготвувал годишната сметка, увидел дека БИС системот не дава точни и веродостојни податоци. За овој проблем бил информиран Управниот одбор кој формирал работна група за да спроведе интерна истрага каде затаила имплементацијата на системот. Било констатирано дека имал бројни недостатоци, а бидејќи гаранцијата од две години истекла, фирмата изведувач немала никаква обврска кон МЕПСО да им дава дополнителна помош.

Поради нефункционалност на БИС, МЕПСО и натаму користи систем за сметководство од постара генерација, за кој нема можност за одржување и надградба, кој не може да следи застареност на побарувањата и обврските, материјалната евиденција, како и генерирање соодветни анализи и извештаи. Системот што с е користи не остава трага за тоа кога и од кого се внесени, променети или избришани податоците во системот, што создава ризик за точноста на внесените податоци“, пишува во ревизорскиот извештај.

Екс директорот Спасов вели дека додека тој бил директор не успеал да открие кoј бил одговорен за „фрлените“ 615 илјади евра за овој софтвер.

„Управниот одбор поради големи сомненија формираше работна група со цел проверка на усогласеност на добиениот производ со специфицираниот при набавката и утврдување на функционалност на истиот. До денот на моето заминување од функцијата, не успеа да се постапи“, вели Спасов.

Ревизорот во својот извештај препорачува МЕПСО да го стави во функција БИС системот и да утврди евентуалната одговорност кај свои вработени. Со оглед дека и за БИС системот има предмет во Финансиската полиција, новото раководство не открива многу детали.

МЕПСО

Во име на МЕПСО се трошеле пари и за ски центри

Во ревизорскиот извештај се обелоденува дека МЕПСО влегол и во градежниот бизнис и почнал да гради објекти кои немаат никаква врска со дејноста пренос на електрична енергија. За изградба на четири ски центри –Галичица, Јабланица, Берово и Плачковица се вложени вкупно 517 илјади евра, а направени се трошоци за донации за даночно поттикнување во износ од 1,1 милион евра за изграден и предаден Сноу борд парк во СК Пониква на општина Пробиштип.

Екс директорот Спасов и за овие инвестиции се однесува само како да бил потписник на желбите на Владата, а не директор кој носел одлуки и планови. Се правда дека овие проекти не биле негова идеја, туку на тогашната Влада.

Новиот директор Василевски вели дека, по препорака на ревизирот, Владата одлучила МЕПСО повеќе да не се расфрла со пари за објекти или проекти кои не се поврзани со струјата.

Исти адвокати земале пари и во МЕПСО и во ЕЛЕМ

МЕПСО е преплавен со тужби од правни и физички лица во висина од 37,5 милиони евра, а како тужител се јавува во повеќе постапки во износ од 12 милиони евра.

Најголемите тужби се меѓусебни фирми со други претпријатија во државна сопственост. Односно МЕПСО го тужи ЕЛЕМ за вкупен износ од 6 милиони евра. ЕЛЕМ, пак, го тужи МЕПСО за 34 милиони евра. А, МЕПСО исто така го тужи МЖ Транспорт за 1,8 милиони евра.

ИРЛ од МЕПСО и ЕЛЕМ доби податоци за исплатените суми за адвокати од 2007 до 2018 година. Во овој период од МЕПСО за адвокатски услуги се одлеале околу 280 илјади евра.

Од ЕЛЕМ вкупно 1.17 милиони евра. Од нив околу 460 илјади евра за домашни адвокати и нешто над 700 илјади евра во 2017 година за адвокатската куќа Curtis, Mallet – Prevost, Colt @ Mosle LLP.

На врвот на адвокатите со најмногу пари е а Никола Додевски, кој за овој период од 11 години од МЕПСО и од ЕЛЕМ искеширал околу 200 илјади евра. Тој во некои години бил ангажиран како адвокат и за ЕЛЕМ и за МЕПСО. Одби да одговори на прашањето на ИРЛ како е биран токму тој да биде адвокат на овие две државни компании. 

Адвокатот Никола Додевски со Никола Груевски пред Кривичниот суд

Ревизорот испрати препорака дека овие трошоци за адвокати се неоправдани, со оглед дека станува збор за компании чиј сопственик е државата. Според информациите на ИРЛ направени се првите чекори, односно раководствата на ЕЛЕМ и МЕПСО почнале разговори тужбите да се решат вонсудски.

Спасов се врати во ЕЛЕМ, другите директори се уште се во МЕПСО

Поранешниот директор Спасов по напуштањето на МЕПСО се врати на своето старо работно место како инжењер во ЕЛЕМ. Директорите во неговиот мандат, Ненад Јовановски, Сашо Т. Василевски и Катерина Глигорова, и натаму работат во МЕПСО. И тие исто како и Спасов се потписници на одлуките кои ги носел Управниот одбор во времето за кое се однесува ревизорскиот извештај.

Синиша Спасов се сомнева во вистинитоста на ревизијата, со оглед дека во периодот кога е вршена тој веќе не бил во компанијата и се сомнева дека на ревизорите им биле презентирани сите документи. Тој уверува дека работел законски и домаќински, со оглед дека од 2012 до 2016 година сите финансиски извештаи без забелешки биле одобрени од Владата на Никола Груевски.

Кога го прашав дали е член на ВМРО-ДПМНЕ, ми врати со прашање.

„А, морам ли да одговорам“?

Како ќе работи новото раководство на чело со директорот Сашо Василевски, избор на СДСМ, ќе покаже некој иден ревизорски извештај. Мандатот му почна со расипнички тендери за фотелји од телешка кожа и сомнителни вработувања на роднини и партиски кадри од СДСМ и ДУИ.

Овој проект е финансиран од UK aid преку Владата на Обединетото Кралство; со тоа што ставовите презентирани во истиот, не секогаш ги одразуваат официјалните политики и ставови на Владата на Обединетото Кралство.“