Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) Пендаровски низ струмичко: Репортажа од изборниот караван

Во своите говори зборува за режимот на Груевски и криминалната фамилија, но и за иселувањето на младите и НАТО и ЕУ. Низ струмичко се шеташе со партискиот претседател на СДСМ и премиер Зоран Заев, а гостин беше и Љубе Бошковски. 

Партиите одбројуваат до првиот круг на претседателските избори, кандидатите митингуваат, а граѓаните ги слушаат нивните ветувања. Кандидатот поддржан од СДСМ, ДУИ и уште 29 партии Стево Пендаровски викендов беше во радовишко – струмичкиот регион. Во неговата агенда беа поголемите села на патот кон Струмица, каде беше главниот митинг. Во Василево пристигна сам, без придружба од политичари, само со неговиот тим за логистика. Со малку засипнат глас од набиената агенда, секојдневните говори и стотиците километри во патувања, но вели и натаму е во добра физичка кондиција да го издржи напорното темпо.

Секоја средба на Пендаровски започнува со интонирање на државната химна. Нема модератор или посебна најава, тој самиот им се преставува на граѓаните и ја објаснува својата програма. Токму тоа е и една од неговите заложби – лице в лице со претседателот.

Говорите ги прилагодува според публиката пред која се обраќа. На жителите од Василево им објаснуваше зошто влезот во НАТО и ЕУ се единствен избор за напредок на државата. Зборуваше за развој и инвестиции во земјоделието, инфраструктурата, за враќање на иселените и младите. Пендаровски ветува демократска, безбедна и правна држава. Во своите говори многу често ги споменува зборовите режим и владеењето на претходната фамилија.

Од Василево караванот на Пендаровски се пресели во соседно Босилово. Таму средбата беше на отворено, па мораше својот говор да го одржи качен на клупа. Овде видливо беше полициското обезбедување, кое го следи претседателскиот кандидат. Бидејќи во помалите места политичари доаѓаат само за избори, некои од нив го овековечија говорот на Стево Пендаровски. По получасовната средба во Босилево, следната дестинација беше Ново Село.

Пред вратата на Домот на културата Пендаровски го чекаа премиерот Зоран Заев и кандидатот за градоначалник Никола Андонов, каде заедно со претседателските ќе има избор и за прв човек на општината. Сите присутни стоечки го поздравија доаѓањето на тројцата гости, а во публиката како засилување дојде и советникот на Заев и претседател на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски. Зоран Заев овде е на свој терен, но сепак призна дека има трема пред своите струмичани.

Говорот на Заев беше подолг од тој на Пендаровски. Зборуваше и како претседател на СДСМ и како премиер, но и како поддржувач на претседателскиот кандидат.

Последна дестинација беше Струмица. Таму во првиот ред беа сопругата на Заев, министри и претседатели на коалиционите партнери. Во публика симпатизери и членови на СДСМ, но без партиски обележја. Се е во знакот на кампањата „Заедно напред“.

Во својата Струмица пред говорот Заев направи селфи, за да го овековечи како што рече историскиот момент. Како и на други митинзи и овде вети просечна плата од над 500-тини евра во 2020 година, безбедна држава во НАТО и почеток на преговори за ЕУ во јуни, со силна економија и бројни инвестиции. На ниту еден митинг не беше споменат третиот кандидат Блерим Река, но затоа за Заев неизоставни се опонентите Мицкоски и противкандидатката Силјановска.

Ова е втор обид на Пендаровски за избор на Претседател на државата. Во 2014 година изгуби од Ѓорѓе Иванов во вториот круг. Во неговиот имотен лист пишува дека не поседува недвижен имот, а има две возила.

Околу 22 часот обично завршува официјалниот работен дел од кампањата на Пендаровски. И веќе се прават планови за следниот ден. До вториот круг има набиена агенда во уште многу села и градови и уште многу говори, ветувања и средби со луѓето кои треба да го дадат својот глас за некој од тројцата кандидати.

Утре: Гледајте ја репортажата од митингот во Велес на кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска, додека во четврток следи репортажа од кампањата на Блерим Река поддржан од партиите Алијанса на Албанаците и БЕСА.