Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО ИНТЕРВЈУ) Брзанов: Непотизмот и корупцијата ги бркаат младите лекари повеќе и од платите

Системот на заслуги не се почитува и тоа кај самите студентите ја намалува самодовербата за планирањето на нивната иднина во Република Македонија.

Автори: Деница Чадиковска и Давид Илиески

Егзодусот на младите, штотуку дипломирани студенти по медицина може да ја доведе медицинската гранка во Македонија до колапс. Податоците од Лекарската комора укажуваат на тоа дека од 2010-2017 година, Р. Македонија ја напуштиле 1207 лекари. Повеќето од нив се млади лекари до 35 години, доба во медицината која се смета за најпродуктивна. Ова беа податоците коишто „Клубот на млади лекари“ од Скопје ги сподели на неделата на студенти по медицина „Студентите по медицина, нашите идни лекари“, што беше и повод да разговараме со еден од основачите на Клубот на млади лекари, доктор Никола Брзанов.

„Секој лекар мора да биде лидер, затоа што од него и ќе се очекува да раководи со тим и да носи важни одлуки во краток временски период, одлуки од кои зависи нечиј живот“, вака почна разговорот со доктор Никола Брзанов кога прашавме во колку од студентите и специјализантите препознава идни лидери. Тоа не заинтигрира да дознаеме повеќе зошто се формирани.

Во пресрет на овие фрапантни податоци за иселувањата на младите лекари и медицински сестри, како резултат на долгогодишната борба на неколку поединци со неправдите во здравствениот систем, се оформува граѓанското здружение кое цели кон тоа да ги охрабри студентите по медицина да го развиваат својот интелект, вештини и да се самореализираат во Р. Македонија, затоа што овие личности се нашите идни доктори, чувари на нашето и здравјето на нашите најблиски. Но, една од целите кои ова здружение го прави различно е тоа што тие сакаат да се вклучат со што е поголем број млади во борбата против корупција и непотизам во здравството. Како што вели претседателот на Здружението, Никола Брзанов, “без систем на заслуги кој може да произлезе само од функционирање на принципите на владеењето на правото“, не можеме ништо да промениме.

Погледнете го видео интервуто на тимот на младинскиот проект „Крик“ кои што во моментов работат под менторство на новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија. Но, освен што ги учат техниките на истражување корупција, работа со бази на податоци и проверка на факти,  тие самите продуцираат и своја содржина со поддршка на ИРЛ бидејќи гласот на младите да се изразат слободно и на храбар и смел начин којшто ги одразува потребите на нивната генерација. Подолу прочитајте ја целата сторија во пишана форма.

 

Дали фактот што медицината е една од најкорумпираните професии во Македонија, ги обесхрабрува студентите?

Да, дефинитивно се сложувам. Голем број на истражувања со години укажаат на тоа дека медицинската гранка во земјава е една од најкорумпираните професии. Самиот тој општествен факт неминовно влијае и на самочувството на студентите, лекарите и здравсвените работници. Да, тие чувствуваат дека ова е еден систем во кој тие не можат реално да ги спроведат своите замисли. Затоа што системот на вредности не се почитува, кај самите студентите самодовербата за планирањето на нивната иднина во Република Македонија е намалена .

Кога сме веќе кај непочитување на системот на вредности, колку е полесно или потешко да добиеш специјализација доколку некој од вашето блиско семејство е лекар или специјализант?

Бидејќи системот на заслуги не се почитува доволно, не би можел да кажам дека дефинитивно специјализациите ги добиваат оние кои ги заслужуваат. Не секогаш е тоа така. Дури и синот на професорот во Австрија ќе биде помогнат од својот татко, меѓутоа има ситуации во кои што специјализациите се добивани по никакво вреднување и по комплетно субјективна проценка и сето тоа доведува до еден неодржлив систем како долгорочна стратегија на Република Македонија.

Соња Граждани, студент по медицина и ко-основач на Клубот на млади лекари на трибина за политиките за млади во здравството каде што претставници на Клубот на млади лекари дебатираат со премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и претставници на други две здруженија. (Фото: долу)

Може ли да направите една споредба помеѓу платите во јавното и приватното здравство?

Еден од најголемите недостатоци во системот на вреднување на трудот во јавнотоздравство е не израмнетоста на платите и кај оние што работат најтешки процедури и кај тие што едноставно одбрале за цел ден дане прегледаат ниту еден пациент. Во приватниот сектор доста појасно се наведени можностите за зголемување на основнатаплата. Владата најави нови можности, односно јавно – приватни партнертства во здравството, но земајќи го впредвид недовербат во институции и нивото на корумпираност во РМ, овие проекти треба да се спроведуваат со максимум транспарентност и широки јавни дебати.

Вашите интерни истражувања и анкети покажуваат дека со уписот на Медицинскиот факултет, студентите се запишуваат и на курсеви по германски јазик. Зошто Германија е една од најпосакуваните дестинации на студентите?

Невработеноста во Германија е со рекордно ниска стапка од 3,4 %, од друга страна голем број од тие 1207 лекари, веќе специјализираат или работат како специјалисти во Германија. Односно најверојатно и не постои невработен лекар во Германија. Сето тоа ги охрабрува и студентите по медицина да почнат да размислуваат за тоа што им недостасува тука, односно доверба во системот на вредности при добивање специјализација, вработување, едукација…

Значи причините за отселување може да кажеме дека ни се добро познати, дали Вие гледате некаква волја и иницијатива кај министерот за здравство Венко Филипче да го промени сето ова?

Министерот Венко Филипче покажа иницијативи со кои што демонстрираше дека би сакал да допринесе за поодржлив здравствен систем, меѓутоа ние како Клуб на млади лекари мислиме дека би требале да бидеме повклучени во креирањето и одлучувањето за здравствените политики, бидејќи ние како граѓанско здружение треба да бидеме коректив на власта. Направени се некои иницијтиви, меѓутоа состојбата во здравството е толку лоша, што најверојатно мора да се размислува и да се делува долгорочно.

Кога би позборувале за студентите, дали може да кажеме дека тие се доволно мотивирани и ангажирани во активностите на Клубот на млади лекари, или пак голем дел од нив се веќе обесхрабрени?

Ние имавме еден проект во кој што пробавме да вклучиме што повеќе студентите и дефинитивно можам да кажам дека има многу способни студенти, меѓутоа целата општествена состојба неминовно влијае и кај студентите. Тие се плашат да се изреализираат самите себеси, студнтите не се навикнати на граѓански активизам, тие не се навикнати на волонтеризам.

Меѓутоа дефинитвно лоциравме определен број на лидери меѓу студентите кои што верувам дека понатаму може да се вклучат активно во Клубот на млади лекари.

Никола Брзанов од Клуб на млади лекари (средина), Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“ (десно) и Соња Топузовска (лево) на трибината која беше дел од еднонеделниот настан во организација на клубот „Студентите по медицина, нашите идни лекари“.

Овој напис е дел од иницијатива на ИРЛ „Граѓани против корупција“ – неформална и волонтерска иницијатива. 

Истражувачката репортерска лабораторија – Македонија се формираше со цел да создава партнерства со новите граѓански гласови кои се стремат не само да ги подобрат состојбите во владеењето на правото и борбата  со корупција, туку и да ги охрабруваат граѓаните да им се придружат во борбата за праведно општество со еднакви можности за сите. Во рамки на промовирањето на нашите заеднички напори за иста цел, но во различни сфери на делување ИРЛ Македонија цели да ја запознае јавноста со овие нови гласови. Младите новинари Деница Чадиковска и Давид Илиевски, автори на првата младинска емисија „Крик“ и со други млади истомисленици имаат заедничко здружение за поддршка на младите во медиумите, го интервјуираа д-р Никола Брзанов, претседател на „Клубот на млади лекари“, уште еден партнер на ИРЛ за помагање на процесите во сферата на владеењето на правото.

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »