Press "Enter" to skip to content

Црквата „Св. Константин и Елена“ на чекор да стане стечајна маса, Минчо Јорданов побара банкрот поради долг од 1,1 милион евра

Стотици фирми и граѓани донираа пари за изградба на црквата „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје. Црквата се уште не е изградена, а фондацијата „Св. Цар Константин“ преку која се собираа парите е пред стечај. Постапка за стечај поднесе изведувачот, градежната фирма Бетон од Скопје на бизнисменот Минчо Јорданов, поради неисплатен долг од 1,1 милион евра.

Пред точно осум години во центарот на Скопје, на улицата „Македонија“ беа удрени темелите на црквата Св. Константин и Елена. Со амин на Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и со првата лопата на тогашниот премиер Никола Груевски. Црквата требаше да биде изградена за три години. Но, и натаму земјиштето е оградено со тараби, а изведувачот градежната фирма А.Д. Бетон од Скопје побара стечај за фондацијата Св. Цар Константин која ја финансираше градбата.

Фондацијата на Бетон му должи 1.098.000 евра за градежни работи на верскиот објект. Барањето за отворање стечај е поднесено во септември, назначен е стечаен управник, а судско рочиште е закажано на 11 ноември.

„Основ за поведувањето на постапката е неспособност за плаќање – неликвидност на должникот Фондација Св. Цар Константин Скопје. Долгот на должникот спрема доверителот предлагач е од нотарски платен налог кој е правосилен и е во фаза на извршување, а износот на долгот е 67.570.171 денари“, велат за ИРЛ од Основниот суд Скопје 2.

Судот оценил дека се исполнети условите за отворање на стечајна постапка и донел решение за замрзнување на имотот и сметките на фондацијата. ИРЛ остана без коментар од сите инволвирани страни: МПЦ како сопственик и должник, Фондацијата како инвеститор и Бетон како изведувач на градежните работи.

Ова е прв случај во кој МПЦ се јавува како должник во стечајна постака, а неизградената црква и земјиштето ќе влезат во стечајна маса.

Желбата на Никола Груевски

Црквата беше идеја и желба на поранешниот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Уште пред да се издаде дозволата за градба беа задушени протестите на граѓаните кои сметаа дека не треба да се гради црквата.

Договор за отуѓување на земјиштето во центарот на Скопје за изградба на црква

Сопственик на земјиштето на кое се гради црквата е МПЦ. Станува збор за 2.230 метри квадратни во строгиот центар на главниот град, кои во 2012 година МПЦ ги купила со непосредна спогодба од државата. Земјиштето го платила по 1.800 денари за метар квадратен или вкупно 65.268 евра.

Трансформацијата на Маврово инспирирана од Банско

Дозвола за отуѓување на земјиштето по оваа екстремно ниска цена дало Јавното правобранителство, а договорот е склучен со Министерството за транспорт и врски и тогашниот министер Миле Јанакиески. Црквата беше впишана во Детален урбанистички план кој го донесе општината Центар во време на Владимир Тодоровиќ.

Откако земјиштето е префрлено на име на МПЦ, со потпис на г.г. Стефан се формира фондацијата Св. Цар Константин, а како основачки влог е ставено земјиштето.

Договор за основање на Фондацијата „Св. Цар Константин“ со потпис на Поглаварот Г.Г. Стефан

Во име на Бога или во име на партијата

Првата донација на фондацијата е од МПЦ која на сметката на фондацијата префрлила 1 милион евра. А, за да се соберат потребните пари за изградба на црквата беа организирани три донаторски конференции. Првата во декември 2012, потоа пролетта 2013 и последната во декември 2014 година. Настаните се пренесуваа во живо на телевиите како добротворен чин кој се прави во име на Бога и на верата. Присуствуваа луѓе од бизнис елитата, банкари, политичари и свештеници од врвот на МПЦ, а преку овие донаторски конференции се собраа околу 2 милиони евра.

Во прилог целата листа на донатори која ИРЛ ја доби од Министерството за правда

Од годишните сметки на фондацијата „Св. Цар Константин“ доставени до Централниот регистар на РМ може да се види дека во 2012 година единствени приходи се милион евра кои како донација ги уплатила МПЦ. Во 2013 година фондацијата има приходи од 1.650.000 евра, во 2014 – 700.000 евра приходи. Како што опаѓа моќта на ВМРО-ДПМНЕ, така се намалуваат и донациите. Во 2015 година нема донаторски конференции и има 280.000 евра приходи. Во 2016 година се пријавени 28.000 евра, а во 2017 година 160 евра. Последната година за која што фондацијата поднела финансиски извештај е 2018 година, кога има приходи од само 32 евра.

ИРЛ објави истражување како МПЦ со партиска поддршка собра 2 милиона евра за црквата на улица „Македонија“. На списокот на донатори се вкупно 440, меѓу кои најголемиот е ЕВН, со 500,000 евра. Од нив 258 се од приватни фирми, шест донатори се државни институции и 176 се физички лица.

Донаторските конференции се организираа во хотелот „Александар Палас“. Според сведоштво на еден од бизнисмените, во организацијата помагале Стопанските комори, а целата „донаторска“ операција била водена од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. На донаторските вечери на масата пред секој гостин бил поставен готов договор за донација, во кој бизнисменот требал само да ја впише сумата.

Тајната вечера: Како МПЦ со партиска поддршка собра 2 милиона евра за црквата на улица „Македонија“

Најголем донатор од градежниците е градежната компанија „Гранит“ која шти дала 244.000 евра донација. „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан издвоила 128.500 евра. Компанијата “Бетон“ на Минчо Јорданов, која што воедно и ја гради црквата, уплатила 95.000 евра. Познатата фирма „Бауер БГ“ која изгради десетици згради од проектот Скопје 2014 донирала 85.000 евра. „Жикол“ донирал 37.700 евра. Сега притворениот бизнисмен Орце Камчев, дал повеќе донации од различни фирми во кои што во тоа време компании кои се дел од холдингот „Орка“ во негова сопственост: млекарницата „Здравје Радово“, „Жито полог“ Тетово, болницата „Аџибаден Систина“, Земојделскиот комбинат „Пелагонија“ – Битола, „Орка холдинг,“, Градежното претпријатије „Бетон“ – Штип, сите зеадно со вкупно 58.000 евра.

Црквата се уште е во изградба/ Фотографија од 2 ноември 2020

Државни институции кои донирале се: АД МЕПСО 66.000 евра, потоа ЈП Јасен со 3.200 евра, Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи – 2.800 евра, Совет за унапредување и надзор на ревизијата – 600 евра, Институт за земјоделско инженерство и инженерска сеизмологија 500 евра и државната агенција МИА донирала 100 евра.

Меѓу донаторите од оваа група се и лица кои важеа за блиски во круговите на братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков. Компанијата „Пелистерка“ на Цветин Панделески кој што во моментов е во притвор за случајот „Империја“, донирала 10.000 евра. Компанијата„Дивелоп груп“ во тоа време во сопственост на бизнисменот Александар Ивановски којшто едно време беше и ортак во хотелот „Мериот“ со Мијалков, дал исто толку пари.  „Тинекс“ на Владимир Тодоровиќ.

Илустрација на насловна фотографија: Лука Блажев

 

Бетонизација на Маврово

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »