Тимот на ИРЛ ја освои првата награда за истражувачко новинарство на Европската Унија за 2019 година за сторијата „Урбани атентатори“.
Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство ги додели амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир во хотелот Александар палас во Скопје.
„Оваа награда има за цел да ја препознае специфичната работа на истражувачките новинари и промовира слобода и одговорност. Слобода да се истражува и пишува за прашања од јавен интерест без страв од казна или притисоци. Одговорност, затоа што има одговорност и кај новинарите, особено кај истражувачките новинари да ги применуваат највисоките професионални и етички стандарди во нивната работа и да се осигураат дека нивната работа е детална, авторитетна и заснована на факти и може да се спротивстави на секоја критика“, рече амбасадорот Гир.
Во сторијата „Урбани атентатори“ низ пребарувањето на стотици документи во државните институции и дигиталните архиви, тимот на ИРЛ откри како во само пет години се изградија десетици бетонски чудовишта во населбата Тафталиџе, како се менувал Деталниот урбанистички план и кои познати имиња од градежниот бизнис заедно со поранешниот градоначалник на општината Карпош го купија молкот за овој криминал во медиумите и во институциите.
Главната уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска, рече дека мултидисциплинарниот пристап беше карактеристичен при изработка на сторијата, на која освен новинарскиот тим работеа млади режисери, млади аниматори и истражувачи и најважно од се беше прашањето, не само што ќе понуди ИРЛ како медиумски продукт, туку и како граѓаните ќе дадат своја поддршка.
„Драго ни е што неколку клучни институции во борбата со корупцијата, како Антикорупциската комисија, Финансиската комисија помогнаа во време кога не беше толку лесно некој да се одважи да помогне за да ја собереме таа колекција од илјадници документи преку кои се работеше оваа приказна“, изјави Цветковска.
Сторијата на ИРЛ е поделена во три дела: Текст со сите документи и податоци, видео сторија, како и интерактивна мапа на која се гледаат сите промени во Тафталиџе пред и по донесување на ДУП-от за Тафталиџе во 2016 година. Новинарката Деница Чадиковска рече дека за да биде комплетна новинарската приказна многу креативност беше вложен и во начинот на комуникација со јавноста.
„Најголемиот предизвик со кој се соочивме кога ја изработувавме оваа сторија, покрај наоѓање на сите информации и сите документи, беше како волку комплексна сторија да ја претставиме на начин на кој што би ја разбрал секој граѓанин. Вложивме многу ресурси за тоа да го направиме, многу креативност и се надевам дека сте задоволни од продуктот“, изјави Чадиковска.
Централна политичка личност во наградената сторија е поранешниот градоначалник на општината Карпош, Стевчо Јакимовски. Јавното обвинителство против него води неколку истраги, а само за еден предмет има обвинение. Новинарката Маја Јовановска од тимот на ИРЛ рече дека се надева дека илјадниците документи кои новинарите ги обезбедија при изготвување на приказната, ќе бидат мотив и за обвинителството да истражи како насилно се бетонираше Тафталиџе.
„Како што тимот на ИРЛ за половина година успеа да ги собере документите за да направи рецепт за успешна истражувачка приказна, верувам дека на Јавното обвинителство ќе му биде потребно многу помалку време за да ги собере состојките и доказите за да изготви едно квалитетно обвинение за сите инволвирани во „Урбани атентатори“, изјави Јовановска.
Втората награда за истражувачка сторија за 2019 година им припадна на Снежана Лупевска, Миомир Серафиновиќ и Билјана Николовска автори на серијалот истражувања, дел од емисијата „Код“ со наслов „Кичевски убиства – осуден на доживотна казна и прогласен за виновен за убиство што не го сторил“.
Третото место, односно наградата за истражувачка сторија со извонреден квалитет ја доби Петар Клинчарски од редакцијата „360степени“ за сторијата „Денационализацијата заглавена во корумпираност и неспособност на институциите“ .
За изборот на наградените истражувања задолжена беше тричлена жири-комисија составена од Весна Никодиновска од Македонскиот центар за медиуми, како претседател на жири комисијата, Милица Шариќ од Центарот за истражувачко новинарство на Србија и Марина Костова уредник во Сакам да кажам. Тие разгледуваа 11 стории кои го минаа процесот на пред селекција од 24-те кои пристигнаа на конкурсот .
Севкупна цел на ЕУ наградите за истражувачко новинарство е да ги промовираат извонредните постигнувања на истражувачките новинари од Западен Балкан и од Турција, како и да ја подобрат видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во овие земји кај јавноста. На годинешниот конкурс со вкупен фонд од 10.000 евра можеа да аплицираат новинари од Македонија со стории од кој било формат објавени во текот на 2019 година .