Државата изборна комисија го прогласи Стево Пендаровски за победник на претседателските избори. Тој освои над 58.000 гласови повеќе од неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова. Односно Пендаровски доби 51,6 % од гласовите, а за Силјановска гласале 44,7 отсто од излезените гласачи.
Пендаровски е петтиот претседател на државата, по Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов. Тој беше кандидат за претседател на СДСМ и коалицијата и во 2014 година, но загуби во вториот круг од актуелниот претседател Иванов зад кој застана тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.
На 12 мај официјално завршува вториот мандат на Иванов и во резиденцијата на Водно ќе се всели семејството Пендаровски.
Стево Пендаровски има 56 години, оженет е со Елизабета Ѓоргиевска докторка на Стоматолошкиот факултет во Скопје и татко на средношколецот Огнен.
Пендаровски е професор на приватниот универзитет во Скопје, „Американ Колеџ“. Предава меѓународна безбедност, надворешна политика и глобализација на факултетот за политички науки. Тој пред да се кандидира за претседател, беше национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за членство во НАТО.
Стево Пендаровски ја започнал својата кариера како началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството. Тој беше главен советник за безбедност на поранешниот претседател Борис Трајковски и на претседателот Бранко Црвенковски. Од 2004 до 2005 година беше Претседател на Државната изборна комисија.
Иако никогаш не бил член на СДСМ, во последната деценија тој ги поддржување политиките на партијата и стана нивен кандидат за претседател на изборите во 2014, кога изгуби од Ѓорге Иванов. Тогашната опозиција, СДСМ ја обвини власта на ВМРО-ДПМНЕ за местење на изборите.
СДСМ и Пендаровски кампањата ја фокусираа главно на успешниот Преспански договор, влезот во Нато и интеграциите во ЕУ. Неговиот слоган беше „Заедно напред“.