Српскиот новинар и основач на Центарот за истражувачко новинарство КРИК Србија минатата ноќ беше приведен и задржан на аеродромот во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, под изговор дека бил на црна листа, по што е депортиран во Србија. Службените лица не одговориле од кои причини е на таа црна листа и која држава го ставила на истата. Дојчиновиќ во Абу Даби требаше да биде говорник на конференција на Обединетите нации за глобална борба со корупцијата.
“Ова е страшно”, вели Дру Саливан, главен уредник на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција чијшто член е Дојчиновиќ. “Кога сте домаќин на најголемиот собир за борба против корупција и им забранувате на поканетите новинари да присуствуваат, тоа покрева сериозни прашања за посветеноста во борбата против корупцијата”.
Дојчиновиќ требаше да зборува на конференција на панелот “Глобални закани и меѓународна соработка: нови пристапи во справувањето со прекуграничниот криминал, перењето пари и организираниот криминал”.
Низ годините Стеван откри криминал и корупција кои ги преминуваат границите. Потоа, на неговиот пат да зборува за вистината за моќните, тој буквално беше стопиран на границата”, вели директорот на OCCRP Пол Раду.
Стеван Дојчиновиќ е еден од водечките истражувачки новинари во регионот и пошироко. Тој и неговиот тим во Србија работат под постојани притисоци и закани од страна на власта и организираниот криминал. Дојчиновиќ соработува со Истражувачката репортерска лабораторија на повеќе прекугранични истражувања.