Целиот извршен одбор на СДСМ, сите шест потпретседатели, генералниот, организацискиот и меѓународниот секретар, како и координaторката на Форумот на жени се разрешени вечерва на седницата на Централниот одбор на партијата. Ова го соопшти лидерот на партијата и премиер Зоран Заев по завршување на седницата пришто упати благодарност до сите за вршењето на досегашните функции.
За нов генерален секретар на партијата е избран Љупчо Николовски и дека тој повеќе нема да биде министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Ветивме промени и се случуваат. СДСМ вечерва демонстираше сериозна одговорност пред граѓаните и сопствената земја. Донесовме одлуки што носат суштински промени“, изјави Заев.
Заев за Николовски рече дека бил еден од поуспешните министри во Владата и дека со ова прави еден чекор назад за да ѝ помогне на партијата.
Разрешени се Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, Цветанка Ласкова координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.
По завршувањето на седницата на Централниот одбор премиерот најави дека следно е реконструкција на Владата.
„Тргнавме од внатре, од моите партиски другари. Никој од нас не е непроменлив. Ќе дојдат нови луѓе, верувам во нив. За реконструкцијата на владата во јуни, еве првпат откривам, ќе биде сменета една третина од неа, што значи, ќе одиме со избор на нова Влада“, рече Заев.
Лидерот на СДСМ рече дека на претседателските избори граѓаните им испратиле кристално чиста порака.
„Граѓаните ни испратија кристално јасна порака – останаа дома. Еден дел дека не се мотивирани за претседателски избори, а еден дел ни испрати порака да се корегираме ако сакаме нивна поддршка“, рече Заев.