Обвинителот кој беше јавно критикуван поради контроверзната спогодба со Зоран Милески – Кичеец посака да стане дел од таканаречената елитна обвинителска единица, одделението за гонење организиран криминал и корупција. Две работи ги поматија сметките на амбициозниот гостиварски обвинител. Првата е решителноста на членовите на Антикорупциската комисија да ги истражат сомнежите за корупција во постапувањето во случајот со Кичеец. Втората е тоа што обвинителот Арсим Адеми од Гостивар е најниско рангираниот студент од Академијата за судии и јавни обвинители. Но, и покрај случајот со Кичеец и аргументот на неговиот напредок во Академијата, ништо не било пречка Адеми да биде постојано високо оценуван од своите шефови.
Известува: Маја Јовановска, Илустрација: Лука Блажев
Советот на јавни обвинители в четврток ќе има повторен обид да избере пет нови обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Првото гласање минатата недела пропадна бидејќи немаше кворум и двајца членови токму тој ден имаа неодложни обврски. На списокот на кандидати се десет обвинители. Дел од нив се со децениско искуство, а дел млади и амбициозни кои сакаат да влезат во елитното друштво на обвинителката Вилма Русковска и да гонат големи случаи на криминал и корупција. Меѓу кандидатите е и Арсим Адеми, обвинител од Основното обвинителство од Гостивар, кој во јавноста е познат по скандалозната спогодба со која Зоран Милески – Кичеец доби само шестмесечна казна затвор за сообраќајката во која загина 34 – годишен гостиварец. Адеми има големи шанси да оди на новата, повисока позиција во Обвинителството за организиран криминал, бидејќи при оценувањето на неговата работа добил највисока оценка. Но, при гласањето, членовите на Советот пред себе ќе го имаат и предметот за овој обвинител кој во јануари го отвори Антикорупциската комисија, која испитува дали имало корупција при спогодување меѓу Адеми и Милески – Кичеец.
Додека сте овде прочитајте и за притисоците со кои што се соочува ИРЛ
ЗНМ: ЕСМ како државна компанија прави негативен преседан со јавните напади врз ИРЛ
Кој му даде најмногу бодови на Адеми
Арсим Адеми првпат за обвинител е избран во март 2016 година. Советот на јавни обвинители го изгласа и му даде доверба на младиот дипломец кој штотуку заврши обука во Академијата за судии и обвинители.
Од Академијата побаравме ранг листа од петтата генерација на запишани кандидати во која бил и Арсим Адеми. Обуката почнала во 2013 година, а Адеми бил последен од вкупно 13 кандидати, со најслаба збирна оценка на ранг листата. Првиот кандидат имал 18,77 бодови, а Адеми како последен 13,45 бодови. Обуката завршила на 10 јануари 2016 година, а Адеми повторно бил со најслаби оценки.
По само два месеца добива работна позиција и станува обвинител во Гостивар,
Според имотниот лист доставен до Антикорупциска комисија, Адеми е имотно потпросечен граѓанин и поседува Фиат Пунто старо 16 години, нема сопствен имот, ниту пари во банка и пријавил долгови на име кредит.
Минатата година нему му беше доверен предметот со сообраќајната несреќа која се случи во септември на патот Кичево – Гостивар, кога Зоран Милески – Кичеец кој наместо да биде во струшкиот затвор, на патот Гостивар – Кичево го усмрти 34-годишниот Евзаљ Селими, а седуммина повреди. Казната со која се соочи Милески за тешки дела во сообраќајот со евентуална умисла беше најмалну четири години затвор. Но, потоа Адеми делото го префвалификува во „небрежност“, а вештачењето покажа дека Милески направил само една грешка, дека претекнувал на полна линија. Бидејќи признал вина и изразил жалење и каење, тоа било доволно обвинителот да ја прифати спогодбата за висина на казната и Милески доби само шест месеци затвор.
Кога Советот на јавни обвинители во ноември распиша оглас за избор на обвинители во Обвинителството за организиран криминал, Арсим Адеми решил да конкурира за едно од петте места. Пред да се гласа во Советот на јавни обвинители постои процедура кој се’ ќе се најде на листата за избор.
Според Законот за јавно обвинителство, при избор на обвинител на повисока позиција се врши вонредно оценување на неговата работа. Оценка дава вишиот јавен обвинител, во овој случај од Гостивар, по претходно добиено мислење од шефот на основното подрачно обвинителство. Оцената може да биде позитивна или негативна и потоа се испраќа до Советот на јавни обвинители.
Во бодувањето на Адеми двајцата обвинители кои дале највисоки оценки се Башким Хисени од основното обвинителство и Ислам Абази од вишото обвинителство од Гостивар. Како се дадени максималните 25 поени, ИРЛ безуспешно бараше одговор од двете обвинителства.
Неколку пати беше побаран став и од обвинителот Арсим Адеми, но и тој не одговори на телефонските повици.
Врвен професионалец
Оценувањето на работата на јавните обвинители се врши со непосреден увид во неговите предмети, месечни извештаи, преку непосреден разговор со јавниот обвинител кој се оценува, разгледување на претставки, поплаки или пофалби за неговата работа што се регистрираат во професионалното досие за секој обвинител.
„Адеми според сите критериуми добил максимални бодови или вкупно 25“, изјави за ИРЛ претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски.
ИРЛ испрати прашање до Јавното обвинителство дали при оценувањето на Адеми е анализирана и спогодбата со Зоран Милески – Кичеец, но до објавување на текстот одговор не добивме.
Овој случај предизвика негативни реакции во јавноста. Но, само една институција реши да испита евентуална одговорност и корупција при процесот на спогодување. Во јануари Антикорупциската комисија по сопствена иницијатива отвори предмет во однос на постапувањето на обвинителот Арсим Адеми во предметот со сообраќајната незгода предизвикана од Зоран Милески.
Најспорен момент од спогодбата е одлуката на обвинителот Адеми кој одлучил да ја изземе сопругата на загинатиот од кривичен прогон на Кичеец. Таа доставила писмена изјава до обвинителството дека му остава на обвинителот тој да одлучи во нејзино име. Арсим Адеми решил да ја изостави од кривичниот прогон.
„Поставувањето на ДКСК во овој момент е во насока на обезбедување информации од ОС Гостивар и ОЈО Гостивар. По добивањето на бараната документација истите ќе бидат анализирани и ќе донесе соодветна одлука за што ЈО на РСМ ќе биде навремено известено“, велат од Антикорупциската комисија.
Информација дека е отворен предмет ДКСК испратила и до Советот на јавни обвинители. Претседателот Јолевски потврди дека е стасан допис и дека за тоа се известени сите членови.
За испразнетите пет места во Обвинителството за организиран криминал се пријавија десет обвинители. Меѓу нив се обвинителите од ова обвинителство со истечен мандат, Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши.
Останатите петмина кандидати се обвинителите: Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова, Имран Османи и Арсим Адеми.
Поврзани стории: