Press "Enter" to skip to content

Вештачењето за сообраќајката му „помогна“ на обвинителот да му даде блага казна на Зоран Милески Кичеец

За обвинителството оваа казна е вообичаена, бидејќи „таква била судската пракса во Гостивар”. Кичеец веќе работи на тоа да излезе порано од затвор и за процесот „Рекет”. Побарал условен отпуст, со образложение дека издржал повеќе од две третини од казната. За два дена ќе чека нова одлука од Кривичен суд каде што го упатил барањето за условен отпуст.

Известува: Христина Беловска

Се соочуваше со затвор од една до пет години, а доби само шест месеци казна. Зоран Милески Кичеец се спогоди со обвинителството за сообраќајката во која загина еден човек, а седуммина беа повредени. Вештачењето покажало само еден пропуст на Милески кој ја предизвика сообраќајката кај Стража на 4-ти септември годинава. Претекнувал на полна линија. Поради ова надлежниот обвинител Арсим Адеми ја предложил казната од шест месеци затвор.

„Единствен констатиран пропуст со сообраќајното вештачење е претекнување на полна лента, за што осомничениот призна вина и изјави жалење и каење за стореното кривично дело“, пишува Обвинителството во одговорот до ИРЛ.

Вештачењето дава сосема поинаква слика од она што обвинителството го објави три дена после сообраќајката.

На 7-ми септември Јавното обвинителство констатирало дека Зоран Милески, управувал со „Мерцедес” со кичевски регистарски таблички, претекнувал на полна линија со неприлагодена брзината на условите на патот.

Два месеца подоцна, oбвинителството вели дека Милески не возел побрзо од дозволеното.

Во сообраќајната несреќа која ја предизвика Милески загина триесет и четири годишниот Евзаљ Селими од Гостивар, оженет и татко на две малолетни деца.

Истрагата заврши заврши брзо откако Кичеец испрати инцијатива за спогодување и предложи да биде условно осуден. На првиот распит, Милески се бранел со молчење за потоа да ја признае вината и да се покае за стореното дело.

За обвинителството оваа казна е вообичаена, бидејќи „таква била судската пракса во Гостивар”.

Вчера ИРЛ објави дека обвинителот Адеми ја сменил правната квалификација токму поради ова вештачење.

Прво Кичеец се сомничеше дека направил тешки дела во сообраќајот со евентуална „умисла” за што се предвидени најмалку четири години затвор. Откако е преквалификувано делото од „небрежност” се отвори можноста за пониската казна, меѓу една и пет години затвор.

Постои законска можност оваа казна да биде ублажена под предвидениот минимум.  Најмалата казна  за делото од небрежност со ублажување е три месеци затвор. Но, доколку останеше првичната квалификација и со ублажување Кичеец не ќе можеше да добие помалку од две години затвор.

Оваа одлука е потврдена и од судија на претходна постапка, што значи  сега се отвора патот Милески Кичеец  да побара спојување со казната за „Рекет”, односно од двете дела една единствена. Тоа ќе значи намалување во вкупната казна за неколку месеци.

Во случајот „Рекет” кој го погреба некогашното Специјално обвинителство, Зоран Милески Кичеец беше осуден на три години. Треба да излезе од струшкиот затвор на 7-ми февруари 2023-та година, според информациите од Управата за извршување на санкции.

ИРЛ веќе објави детали од неговото барање  за условен отпуст и единствената причина поради која сака да излезе порано е да се врати на работа во „Егоист бар” за да може финансиски да ги издржува петтте деца и неговата болна мајка. За неговото поведение во затворот гарантирал директорот Ваљон Ќура.

На линкот подолу прочитајте го целото истражување на ИРЛ за тоа како правосудниот систем му помогнал на Милески Кичеец да добие еден месец слобода од затвор без вистински докази дека тој е животно-загрозувачки болен. Тогаш Милески Кичеец ќе ја предизвика сообраќајната несреќа во која што еден ќе загине, а седум лица ќе бидат повредени.

Прочитајте повеќе:

Тинтраниот Кичеец на чекор до слобода

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »