Гостиварскиот обвинител Арсим Адеми доби само три гласови од Советот на јавни обвинители и нема да биде дел од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. За Адеми гласаа само членовите Фаик Арслани, Арбер Исаку и Коле Штерјев.
На денешната седница, Советот на јавни обвинители доверба им даде на досегашните обвинители од тимот на Вилма Русковска кои беа реизбрани со мандат за уште четири години. Во обвинителството се враќаат Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши.
Арсим Адеми во јавноста важеше за фаворит, со оглед дека имаше добиено максимални бодови од неговите шефови од основното и вишото обвинителство во Гостивар. Но, истовремено беше и еден од кандидатите чија работа и професионалност беше најмногу анализирана. Првата причина е затоа што тој се спогоди со обвинетиот Зоран Милески – Кичеец за да добие казна затвор од шест месеци за сообраќајна несреќа со загинат. И втората причина е затоа што Антикорупциската комисија му отвори предмет за овој случај и испитува дали имало корупција при спогодувањето меѓу Адеми и Кичеец.
Адеми за прв пат беше избран во 2016 година кога стана обвинител во Гостивар. Се пријави на конкурсот за избор на обвинители во тимот на Вилма Русковска, но откако не доби доволен број гласови, останува во гостиварското обвинителство. Следна шанса за избор во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе има во јуни, кога ќе се бираат уште четворица обвинители.
Последни истражувања
Како што објави ИРЛ, Арсим Адеми завршил обука во Академијата за судии и обвинители во јануари 2016 година со најслаби оценки од сите кандидати. Но, само по два месеци е избран за обвинител во Гостивар. Кандидатурата за во тимот на Русковска му ја надградија високите оценки кои ги добил од неговите шефови во Гостивар, кои по сите критериуми за неговата работа му дале максимален број бодови.
Но, тоа очигледно не беше доволен аргумент за членовите на Советот на јавни обвинители кои подрржаа други пет кандидати.
Поврзани стории