Новинарката Славица Филиповска од емисијата „360 Степени“ што се емитува на ТВ Алсат го освои првото место на конкурсот за наградата „Никола Младенов“, која Македонскиот институт за медиуми ја доделува за најдобра истражувачка сторија.
Признанието е за серијалот стории во кои беа откриени непознати детали за опасната хемикалија – линдан, која во минатото ја произведувал хемискиот гигант „Охис“ во Скопје.
Истражувањето на Филиповска откри дека дел од познатото излетничко место Пеленица над Драчево е, всушност, заборавена депонија полна со отровната материја и дека медицински истражувања откриле зголемени нивоа на линдан во крвта на мали девојчиња.
Според жири-комисијата, сторијата на Филиповска третира исклучително значајна тема од јавен интерес која е обработена на квалитетен и професионален начин.
„Преку сеопфатно истражување речиси во текот на целата 2018 година и обработка на податоци од релеватни извори за штетните влијанија на линданот, новинарката обелоденува дека иако институциите имале сознанија за депонијата, досега ниту една власт не презела никакви мерки. Комисијата смета дека направената сторија третира исклучително значајна тема од јавен интерес која е обработена на квалитетен и професионален начин. Новинарката демонстрирала истрајност и континуитет во следењето на приказната откривајќи сериозни системски слабости во однос на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните на Скопје“, истакна Билјана Петковска, директорка на МИМ која е една од членовите на жири комисијата.
Заблагодарувајќи се за наградата, Филиповска рече дека таа е силен ветер во грб и додаде дека заслугата за оваа сторија е на целиот тим.
„Иако власта најави дека ќе го огради просторот кај Пеленица, за кој има индиции дека крие депониран линдан, и по неколку месеци воопшто не е ниту ограден ниту има некаков сигнал за да знаат граѓаните дека тука е депонирана токсична супстанца која навистина не труе сите“, рече Филиповска.

Таа посочи дека фотографијата од излетничкото место е направена утрово.
Второто место го освои новинарката Евис Халили Мемедалија за серијалот стории за злоупотреби во националната програма за културата објавени во дневниот весник „Коха“. Третата награда ја освои новинарката Весна Коловска за серија истражувања за долговите на општините, објавени на Македонскиот медиа сервис. Наградата се доделува 18-ти пат, а годинава за неа конкурираа 30 автори со 45 стории.
МИМ денеска им додели и профалници на новинарите Марија Митевска, Сунаи Сабриоски и Дарко Шарговски.