Новото училиште „Киро Глигоров“ во скопската населба Капиштец, со својот модерен изглед е освежување од барокниот изглед.
Дело е на 35-годишниот архитект Бесиан Мехмети. Заедно со неговиот тим од студиото „БМА“, Мехмети во 2013 година конкурираше на конкурсот на Општина Центар за избор на идејно решение на новото општинско училиште. Токму тоа што на конкурстот се барало современо изразување било причина да учествува на него.
При изработката на проектот се воделе од идејата за анимирање на зеленило на парцелата. Создавањето на симбиоза помеѓу училиште и парк била целта која ги водела низ работата.
Од пријавени 20 идејни решенија, како најдобро комисијата на Општина Центар, кога градоначалник беше Андреј Жерновски, го избра проектот на Мехмети и неговото „БМА“ студио.
„Во концептуална смисла, габаритот на објектот е подреден на три основни тракти или ленти, од кои средишниот е за заеднички активности, додека страничните ленти се за учење. Со поместување и отварање на трактовите, се отвараат визури, се дефинира влезот, се вметнува природата внатре во објектот и се создаваат нови простори за учење и игра. Сакавме преку стаклената фасада надворешните и внатрешните содржини да се вклопат една во друга. Така се овозможува природата да стане дел од внатрешноста и со тоа учениците ќе имаат постојан поглед на бујното зеленило при престој или движење низ училиштето. Сакавме да добиеме место кое ќе ги инспирира идните генерации“, вели Мехмети за СДК.
(ВИДЕО) 28 години транзициска Македонија: Зборуваме со Благој Механџиски