Press "Enter" to skip to content

Работници алармирале, Владата игнорирала, Фени, два пати жртва на озлогласениот трговец со дијаманти Бени Штајнмец

Некогашниот гигант во производството на никелова руда Еуроникел (поранешно Фени) последниве седум години два пати е доведен до стечај. Заедничко за првиот стечај од 2017 година и вториот што е отворен оваа година е тоа што во двете ситуации крајни газди на фабриката биле израелски милијардер и негови пријатели. Финансиските контролни механизми на нашата држава два пати потфрлиле да спречат стечај за рударскиот гигант што учествува со 1,5% во домашната економија. Работниците два пати остануваат на улица, а во странство завршуваат големи суми пари. Работници ја алармирале поранешната Влада на СДСМ дека истите газди кои го предизвикале првиот стечај, повторно сакаат да ја зграбат топилницата, но власта ги игнорирала. За Еуроникел сега се предлага ликвидација.

Заклучоци

  •  Документите до коишто дојдоа ИРЛ и партнерите откриваат како 15 години Фени било ограбувано со цел нелегално профитирање на дел од менаџментот. Злоупотребите вклучувале манипулирање на броевите од залихите од руда за да се подигаат повеќе кредити, менаџментот оперирал со свои фирми и наместо Фени, тие ја продавале рудата преку свои фирми. Целта била да се купи евтино, а да се продаде и до десет пати поскапо со цел личен профит на сомнителни поединци.

  •  И покрај предупредувањата, македонските финански институции целосно потфрлиле да ги заштитат работниците и стратешкиот индустриски ресурс, а владата и банките  дозволиле комбинатот повторно да падне во рацете на оние кои првично довеле до негова неликвидност.

  •  Иако негови компании имале активни договори за испорака на струја во вредност од 4,5 милиони евра со Фени, тогашниот вицепремиерот Анѓушев се вклучил во медијација за наводен спас на топилницата за никел и јавно се залагаше за избор на GSOL - фирмата позади која стои Бени Штајнмац и неговите пријатели од Грција. 

  •  Работењето на ГСОЛ продолжило на ист начин како претходното - фирмата работела преку разни злоупотреби и на ист начин како претходниот е доведена до ликвидација. Жртви се работниците кои повеќе од осум месеци не земаат плата.

Известуваат: Александра Денковска Гоцевска, Сашка Цветковска, Пол Раду, Том Сток, Атила Биро, Хадиџа Шарифе, Даниел Балинг Курти Редактура: Иван Блажевски; Илустрација: Лука Блажев

Затворањето на топилница за руда некому му носи радост, а некому проблеми. Радосни се еколошките активисти и граѓаните кои не сакаат да гледаат големи загадувачи во нивната околина. Но, оние чија егзистенција е поврзана со работењето на фабриката се исплашени поради неизвесната иднина.

Таква е судбината на некогаш најголемиот производител на никелова руда во Југославија – Фени индустри, сега познат како Еуроникел од Кавадарци.

Состојбата во Еуроникел е контроверзна. Од една страна никелот му е сè повеќе потребен на светот, но од друга, комбинатот веќе двапати за седум години ги остава вработените без егзистенција и оди во банкрот.

Оваа година, по втор пат за седум години, фабриката замина во стечај. Но, тоа не се должи на падот на бизнисот во оваа индустриска гранка, туку на желбата за брз профит преку измами без да се води сметка за вработените и за законите во државата.

Државата два пати не успеала да се осигура дека овој приватен индустриски комплекс ќе се работи според правилата и ќе се заштити благосостојбата на вработените.

Поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот вицепремиер за економија со директорите на ГСОЛ и Еуроникел во посета на фабриката

ИРЛ и ОССРП открија дека двапати исто лице, Израелец, со мала група негови пријатели, стои зад двојниот стечај на топилницата.

Во годините додека газдувал со Фени, низ светот бил неколку пати апсен, некаде и осудуван. Актуелно му се суди и во Швајцарија. Неговите бизниси се протегаат од Гватемала, Сиера Леоне, Гвинеја, Грција, Кипар и Романија, па сè до Кавадарци.

И покрај ваквите случувања, институциите во Македонија не го спречиле Израелецот со групата негови пријатели да предизвикаат и втор стечај за комбинатот.

Синдикалниот лидер на топилницата во 2017 алармирал до тогаш новата Влада на СДСМ дека во фирмата доаѓаат истите кои го предизвикале првиот стечај.

Но, тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев му возвратил: „Да ги тргнеме шпекулациите на страна. Да бидеме прецизни со аргументите …“

 „Доаѓаат странски инвеститори, ’ја дерат‘ фабриката и си одат“

Печките на топилницата Еуроникел во Кавадарци и денес работат колку да останат топли. Веќе со месеци не ја топат никеловата руда, клучна во светот во оваа ера на електрификација и батерии. Фирмата од февруари е по втор пат во стечај за само 7 години.

Ако двете бетонски печки сосема се изгаснат, тогаш според процесот на работа, ќе мора целосно да се урнат и да се изградат нови. Тоа фабриката би ја чинело неколку милиони евра.

Затоа Трајче Ганев, еден од 130 вработени и покрај стечајот сè уште секојдневно оди на работа. Негова обврска е да одржува минимална температура во печките. Останатите 610 вработени уште од септември лани не доаѓаат на работа.

„Никаква е ситуацијата. Ни понудија некакви договори со плата која е многу помала од она што досега го земавме“, вели Ганев за ИРЛ.

Неговиот некогашен колега Миле Тасев повеќе не доаѓа во топилницата.

„Ние еден дел доброволно се повлековме за побрзо да се среди работата. Ни беше кажано дека ситуацијата ќе биде ваква најмногу 2-3 месеца, но еве поминуваат 8 месеци, а ние сè уште сме дома. Ништо не се знае. Ова што се случува со фабриката е страшно. Доаѓаат инвеститори, дерат колку што можат од фабриката и си заминуваат. Првиот пат беше Даскалакис, тој го удави Фени во кредити. Вториот пат, луѓе блиски со Даскалакис, тие го удавија во кредити. Ова што се случува е само од недомаќинско работење. Од тоа пропадна Фени, од тоа пропадна и Еуроникел“, им кажа Тасев на новинарите на ИРЛ.

Но, она што ИРЛ успеа да го открие од обемната стечајна документација и од соработката со нашата партнерска новинарска организација OCCRP (Organized Crime and Corruption Reporting Project) укажува дека не станува збор само за недомаќинско работење, туку за нешто сосема друго.

Новите газди во 2005 година

Фени индустри беше еден од најголемите државни рударски капацитети пред распаѓањето на Југославија во 1990-тите години.

Фени индустри

Но, работите се сменија по 2005 година. Тогаш француската фирма Societe Commerce de Metal et Minerale (SCMM) што била газда на Фени Индустри од 2000 до 2005 ѝ ја продала фабриката на холдинг-компанијата „Кунико рисорсес“.

Станува збор за конзорциум составен од две компании: „Бени Штајнмец Груп Рисорсес“ (БСГР) во сопственост на израелскиот државјанин Бени Штајнмец (види рамка). Другата е „Интернационал Минерал Рисорсес“ (ИМР) рударска компанија во сопственост на казахстанските милијардери Александер Мачкевич, Паток Кодиев и Алијан Ибрагимов.

Credit: Stefan Wermuth/Bloomberg via Getty Images: Бени Штајнмец пристигнува на своето прво судење за поткуп во Женева, во јануари 2021 година, со адвокатите Марк Бонант (лево) и Камил Хаб (десно).

Израелски милијардер баран и апсен низ светот

Бени Штајнмец е милијардер, рударски магнат и трговец со дијаманти. Бил и еден од газдите на Фени. Сега има 68 години. Во минатото го апселе полициите во три држави (Израел, Грција и Кипар) поради сомневања за давање мито и за формирање на криминална група.

Моментално се бори да не оди во затвор поради пресуда донесена од Врховниот суд на Швајцарија. Ѝ дал мито од неколку милиони долари на жената на поранешниот претседател на западноафриканската држава Гвинеја, Лансана Конте, за да добие концесиски права за експлоатација на рудник за никел.

По преземањето на Фени производството на никел пораснало од 5 илјади на 27 илјади тони годишно за само шест месеци. Но и покрај блескавиот старт, во халите на фабриката се случувало нешто сосема друго.

„Сè се смени. Го зголемија производството, ги намалија платите, им ги скратија бонусите на работниците. Само раководството добиваше бонуси“, се сеќава поранешниот синдикален лидер Ѓоре Палитов во разговор со новинарите на ИРЛ.

Според записи во велешкиот суд, каде што потоа се водеше стечајната постапка, од независни ревизорски извештаи за работењето на фабриката и од кажувања на експерти од оваа област, неправилното управување и корупцијата го уништиле Фени одвнатре, а падот на цените на никелот во тие години го десеткувал профитот.

За 10 години откако доби нови сопственици, до крајот на 2015 година, Фени бил на раб на банкрот поради многуте земени кредити и долговите кои не се плаќале. И не само тоа. Проблеми се појавиле и меѓу газдите.

Партнерските односи меѓу сопствениците на Фени, компаниите БСГР и ИМР биле тотално влошени бидејќи имале различни идеи како треба да се води фабриката. За тоа се покренал и спор пред управниот одбор на „Кунико рисорсес“ во Амстердам, која е всушност официјален сопственик на Фени и каде што е регистрирана.

Кога спорот не бил решен внатре на компанијата, решение се барало во Комората за медијација во Амстердам. Медијаторите понудиле решение – еден од спротивставените партнери да стане мнозински сопственик, а тоа значело и да се обврзе дека ќе инвестира поголема сума пари во „Кунико рисорсес“. Наддавањето се одржало во 2015 година. Парите со кои наддавало раководството на Штајнмец биле обезбедени од компанијата Tower View Asset Management ltd, која била инвестициски советник на друга компанија Global Special Opportunities Limited (GSOL). Сопственик на ГСОЛ е грчкиот бизнисмен Саби Мионис, а директор е Маркус Камхис. Но, сепак, како победник излегла компанијата ИМР и таа добила 90%, додека БСГР 10% во „Кунико рисорсес“.

Но и покрај ова ова, поразените ГСОЛ и БСГР не се откажале од Фени индустри.

Компаниите БСГР и ИМР кои беа сопственици на ФЕНИ индустри имаа различни идеи за тоа во која насока треба да се движи развојот на фабриката во Македонија. Не можејќи да го решат спорот меѓу себе, проблемот го однесоа пред управниот одбор на компанијата во Амстердам. Тогаш се појави Tower View Asset Management ltd, фирма регистрирана на Бахамите која понуди 150 милиони долари за да ја откупи Кунико рисорсес од ИМР и БСГР.

Компанијата од Бахамите делумно беше во сопственост на грчкиот бизнисмен Маркус Камхис. Официјално Tower View Asset Management ltd  беше инвестициски советник на друга компанија Global Special Opportunities Limited (GSOL) чијшто сопственик бил грчкиот бизнисмен Саби Мионис, а Камхис директор.

ИМР ја одбила понудата на компанијата од Бахамите. Шест месеци подоцна спорот продолжил на медијација во Амстердам каде Кунико беше регистрирана. Медијаторите им дале на ИМР и на БСГР шанса да откупат нови акции од компанијата и да станат мнозински сопственик. За наддавањата да им бидат прифатени двете компании морало да имаат достапни 5 милиони долари.

Во ова наддавање повторно се појави компанијата од Бахамите. Овој пат за да ги обезбеди парите за наддавањето на БСГР. На прашањата на новинарите на ОССРП, Мионис и Камхис кажаа дека одлучиле да ги вложат овие пари за подоцна да ја откупат Кунико од БСГР.

И покрај сите обиди на компанијата на Штајнмец да обезбеди пари за да ја преземе Кунико рисорсес, казахстанското трио газди од ИМР победи во наддавањето и се обврза да инвестира десетици милиони долари во компанијата. Со ова ИМР стана сопственик на 90 проценти од компанијата, а БСГР на 10.

Пропаѓањето на Фени криено од јавноста

Паралелно со внатрешните несогласувања во фирмата од 2010 до 2015 година Фени станало неликвидно до тој степен што не можело да ги плаќа долговите кон банките и компаниите со кои соработувале. Не можеле да ги исплаќаат ниту платите за вработените. Одлучувачки лица во овој период биле Константинос Даскалакис кој бил главен извршен директор од 2010 до 2016 година, а Арвинд Мундра, полномошник на Кунико. Од Фени си заминал во 2015 година.

Во овој период биле добиени кредитни рамки во Комерцијална, Стопанска и Силк роуд банка. Речиси секоја година рамката на кредитите се зголемувала. Тоа значи дека банките на Фени му дозволувале да зема уште повеќе заеми. Како залог за земените пари, топилницата на банките им нудела свој недвижен и движен имот, никелова руда, мазут и слично. Вкупно биле земени околу 40 милиони евра, најмногу од Комерцијална банка (над 22 милиони евра). На сите земени кредити се потпишани Константинос Даскалакис и Арвинд Мундра.

Во секојдневното работење, Фени рудата ја набавувало преку фирмата Кунико Маркетинг ФЗЕ, фирма ќерка на Кунико рисорсес ФЗЕ регистрирана во Дубаи.

Кунико маркетинг им ја продавале рудата на Фени, комбинатот ја обработувал – произведувал фероникел. Фактурите за услугата биле потоа подготвувани за наплата назад за Кунико маркетинг. Фирмата-сестра од Дубаи требало потоа да ја продаде рудата до крајните потрошувачи во светот.

Но, Фени не успеало да си ги наплати парите.

Во 2016 година, по судскиот спор меѓу спротивставените партнери во Кунико рисорсес, во Фени доаѓа нов директор Јусуф Миракхмедов. Тој се решава на радикален чекор. Направил траен отпис на овие долгови во вредност од 47 милиони евра.

Ненаплатените фактури од фирмата Кунико маркетинг биле направени во период кога директор на подружницата во Дубаи бил Андреас Даскалакис, син на Константинос Даскалакис.

Новиот директор Миракхмедов во 2016 година нарачал од ревизорската куќа КПМГ да направи ревизија на работењето на фабриката, односно на количините на руда што ги имало претпријатието во 2014 и 2015 година.

Според оваа ревизија, во Фени недостасувале 163.000 тони руда. Ревизорите напишале дека според увидот направен во документите и службената комуникација на вработените и на раководството, поранешниот финансиски директор Арвинд Мундра ги „коригирал“ записите записи, па и самите ревизори во извештајот пишуваат за „манипулација“ со тежината на количината на залиха на руда.

Двајца новинари на ИРЛ разговараа со поранешни вработени на Фени, кои од безбедносни причини не сакаа да го откријат своето име. Тие ни кажаа дека „коригирањето“ на броевите за рудата било за, како што тврдеа, вештачки да се зголеми вредноста на компанијата и да може да се подигаат уште повеќе пари од банките.

Според увидот во документите од стечајната постапка кој ИРЛ го направи во судот во Велес, залихата од недовршеното производство на руда од Фени била заложувана за земање кредити од Комерцијална банка. Истата банка дала кредити и врз основа на заложени објекти.

Кредити се земале и од Стопанска банка и од Силк Роуд банка. Таму како гаранција биле заложувани машини, згради и друг недвижен имот.

Потоа врз основа на ревизорските наоди, Миракхмедов до МВР – сектор за организиран криминал поднел кривична пријава против Константинос Даскалакис и Арвин Мундра за измама и фалсификување и уништување на деловни книги.

Во една од повеќето тужби што фирмата „Кунико рисорсес“ ја поднела против Константинос Даскалакис и Арвинд Мундра, во која ИРЛ имаше увид, се наведува дека на швајцарската фирма Ecotech consulting двајцата неколку пати ѝ исплатиле вкупно 1,8 милиони долари за консултантски услуги. Директор на швајцарската фирма бил Андреас Даскалакис, син на Константинос Даскалакис.

Оливие Десеведи, кој бил менаџер за контрола на квалитетот на Фени во тоа време, во разговор со новинарите на ИРЛ и ОССРП оцени дека консултантските договори со швајцарската фирма имале поинаква цел:

„Зошто да одите преку оваа швајцарска компанија, Ecotech? Зошто да се наплаќаат стотици илјади евра ако не за да се прошверцуваат пари? Не гледам други причини“, рече тој.

Мундра во одговор на прашањата на ОССРП и ИРЛ одговори дека сè е лага инструирана од новите сопственици на Кунико. Мундра се закани со тужба ако новинарите одлучат да го објават неговиот одговор кој го добивме по мејл. Неговиот одговор ви го пренесуваме во целост:

„Вашите обвинувања против мене се клеветнички и лажни. Базирани се на неточни тврдења направени во процес иницирани од новите сопственици на Кунико откако го преземаа само за да ја префрлат вината на некој друг. Овој процес е завршен без никакви последици за мене. Предметот за кој вие ме прашувате исто така беше отфрлен и никогаш не беше донесена пресуда против мене. Доколку сепак објавите некое од вашите наводи, го задржувам правото да ве сметам за одговорни вас, вашата организација и кој било друг што придонесува за таквото објавување и кривично и на друг начин. Секоја репродукција на горенаведената изјава, особено во нецелосна или изменета форма е забранета“, напиша Мундра во одговорот.

Сличен одговор добивме и од Даскалакис кој исто така најави дека доколку објавиме, ќе нè тужи. Одговорот на Даскалакис ви го пренесуваме во целост:

„Обвинувањата содржани во вашиот мејл се неосновани и погрешни. Тие беа фабрикувани од страна на купувачите на групацијата Кунико во обид да изнудат подобра зделка за нив. Судскиот спор во Амстердам беше прекинат и кривичното дело наведено во вашата е-пошта беше затворено без обвинение. Ниту еден од овие вештачки наводи никогаш не бил докажан на суд. Сигурно ќе цените што го задржувам правото да ве тужам лично вас, ОССРП и која било друга страна вклучена во објавувањето на овие клеветнички изјави, доколку сепак одлучите да продолжите да ги повторувате или објавувате вашите наводи. Ве молиме имајте предвид дека овој одговор е доверлив, нејавен и претставува разговор без снимање. Не смее да се репродуцира во целина или делумно, да се парафразира или да се проследува до други страни.“

Почетокот на крајот

Во јуни 2017 година во Македонија дојде до промена на власта. По десет години во опозиција СДСМ формираше влада на чело со Зоран Заев.

По предлог на Стопанската комора на Македонија, Заев го назначи господинот Кочо Анѓушев за вицепремиер за економија. Станува збор за познат стопанственик. Во тоа време Анѓушев беше сопственик на неколку големи компании, меѓу кои и за производство на батерии, електрични чистачи на улици за кои тој сам се фали дека ја чистат дури и палатата на кралското семејство во Лондон. Поседува и мали хидроелектрани, а беше и сопственик на компанија за увоз на струја.

Голем дел од своето богатство тој го стекна преку компанијата Енерџи деливери солушн (ЕДС) со која ги снабдуваше со електрична енергија македонските институции и големи компании, меѓу кои и Фени индустри.

Една од првите задачи на Анѓушев беше да се вклучи во решавањето на проблемите во Фени.

Но, во исто време компанијата ЕДС, тогаш во сопственост на Анѓушев, имала активни договори за продажба на струја на комбинатот и милионски долг кој ЕДС требало да си го наплати од Фени.

Лица вклучени во преговорите, тврдат дека тој одржувал средби со работниците, со претставници на синдикатот и со менаџерите на компанијата.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“  го отвора прашањето за судир на интереси.

„Фактот што Фени должел пари на фирма каде Анѓушев бил главен сопственик, значи дека тој требаше да биде отстранет од учество во решавањето на проблемите на Фени“, посочи Поповиќ за ИРЛ.

Но од фирмата на Анѓушев, Фероинвест ДОО, во одговор за ОССРП и ИРЛ рекоа дека наводите поврзани со неговата улогата во стечајот на Фени Индустри биле „неоправдани и лажни“.

На почетокот на декември минатата година, Соединетите Американски Држави го ставија Анѓушев на црната листа поради значителна корупција додека делувал како вицепремиер на државата, но не соопштија точно за кои случаи на корупција станува збор.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни и деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, објави Стејт Департментот.

Анѓушев ги негираше обвинувањата и рече дека ќе се бори за да докаже дека ништо од она што го објавил Стејт Департментот не е точно.

Во јули 2017 година, ЕДС и Фени се договориле на кој начин и до кога топилницата да ѝ ги врати долговите за неплатена струја на тогашната фирма на Анѓушев. Станува збор за вкупно 4,5 милиони евра.

Потоа во септември истата година, на неполни два месеци пред отворањето на претстечајот на Фени, раководството на ЕДС поднело барање до извршител да се блокира сметка на Фени каде што ѝ легнуваат парите од поврат на ДДВ, а сето тоа поради долгот кој го има Фени кон ЕДС.

Договор ЕДС-ФЕНИ

Налог за извршување ЕДС

Во меѓувреме, траеле обидите за продажба на Фени. Палитов, кој во 2017 година бил синдикален лидер во комбинатот вели дека за нив не било важно кој ќе ја има фирмата. За нив било најважно да ги земат заостанатите плати и да продолжат да одат на работа.

Се ширеле разни вести. Едната од нив, дека Фени наводно ќе оди во стечај, а според другата дека има заинтересиран купувач и оти компанијата ќе се спаси.

„Некако имав чувство дека некој се подбива со нас. На почетокот бевме викнати на состанок во салата на Фени, каде господинот Кочо Анѓушев ни го претстави Рајчо Кацаров, сопственик на компанијата Енекод, како нов сопственик и директор на Фени. Кацаров вети дека нема да има плата пониска од 500 евра во комбинатот и оти ќе се исплатат сите долгови кои компанијата ги има кон банките и кон другите инвеститори. Јас како синдикален претставник бев согласен со тоа“, се присетува Палитов.

Но, обидот за продажба на Фени на бугарската Енекод пропаднал. Поради тоа на 30 октомври 2017 година Комерцијална, Стопанска и Силк роуд банка, кои биле најголеми доверители на Фени, поднеле барање да се отвори стечај.

ГСОЛ влегува во Фени

Две недели по отворањето на стечајот, стечајниот управител Мирослав Анастасиевски, кој требал да ја спроведува стечајната постапка за фабриката, распишал оглас за преработка на никелова руда. Според огласот, фирмата која ќе сака да преработува ќе смее само да ги користи машините на фабриката, а ќе мора сама да си донесе своја руда за преработка.

Неколку дена подоцна на огласот се пријавила компанијата ГСОЛ која во 2015 година даде пари за фирмата БСГР на Израелецот Бени Штајнмец да проба го откупи мнозинскиот дел од „Кунико рисорсес“ во Амстердам.

ГСОЛ во Македонија отворија нова компанија „Еуроникел ДООЕЛ“ и со стечајниот доверител потпишаа договор за преработка на никелова руда.

Договор за преработка на никелова руда склучен меѓу Фени и ГСОЛ

Неколку месеци откако го потпишале договорот со Фени за користење на машините на фабриката, ГСОЛ почнала преговори со банките за да ги откупи нивните побарувања од Фени и наместо да се отвори стечајна постапка, да понудат План за негова реорганизација.

На рочиштето одржано во судот во Велес, доверителите го прифатиле Планот за реорганизација.

Според Планот за реорганизација, ГСОЛ требало да ги обесштети сите признаени доверители, да вложи пари во компанијата и да го крене производството на никелова руда.

Надица Кабранова од Кавадарци е една од ретките жени во бизнисот со транспорт. Била сопственик на фирмата Нова Логистик  која во име на Фени индустри соработувала со транспортерите. Фени индустри и должело пари на Кабранова, пари со кои таа требало да ги исплати транспортерите на кои пак нејзината фирма им должела пари.

Побарувањата кои Нова Логистик ги имала од Фени не биле признаени, што значи новите сопственици на Фени на Кабранова не и исплатиле ниту денар. Наместо тоа, македонската подружница на ГСОЛ - фирмата Еуроникел ДООЕЛ ги откупила сите побарувањата кои транспортерите ги имале од Нова Логистик и Кабранова наместо на транспортерите им должела пари на ГСОЛ.

Директорите на Еуроникел Герасим Кујунциев и Андреас Цагарис побарале за Нова Логистик да се отвори стечајна постапка за да можат да ги наплатат своите побарувања. Стечајот за компанијата на Кабранова бил отворен во март 2018 година уште пред да биде финализиран стечајот на Фени. Нова Логистик била профитабилна фирма и не работела со загуби.

Во текот на стечајната постапка Кабранова се обидувала да најде начин стечајниот судија и управител да и дозволат да си ја спаси компанијата. Испратила десетици барања, но на ниту едно не и било одговорено. Последниот обид за да ја извади компанијата од стечај бил направен кога Кабранова побарала дозвола да продаде 20 илјади тони руда кои биле на пристаниште во Солун и биле во сопственост на Нова Логистик. Со парите од продадената руда Кабранова ќе можела да ги исплати доверителите. Но како и на предходните, така и на ова барање никој не и одговорил. По неколку месеци, рудата била запленета од пристаништето затоа што Нова Логистик не можела да плаќа за чување и била продадена за 980.000 евра на компанијата Фероникели од Косово. Фероникели беше фирма која била во сопственост на Фени и рудата ја поделила со Еуроникел од Кавадарци.

Кабранова за стечајната постапка која била отворена за нејзината компанија во 2020 година поднела кривична пријава против двајцата управители на Еуроникел – Герасим Кујунџиев и Андреас Цагарис и против стечајниот управител Димитар Аџиев.

Стечајната постапка за Нова Логистик била завршена во 2022 година, а имотот на компанијата бил распродаден за багателни суми.

Владата била предупредена за ГСОЛ, но наместо тоа …

Дел од работниците предупредуваа дека „новите инвеститори“ од ГСОЛ кои доаѓале да ја разгледуваат фабрика се истите лица кои до 2015 година биле во раководството на Фени и кои го доведоа до стечај.

Во емисијата „Отворено“ на ТВ 24 Вести во декември 2017, во која гостувале тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев и првиот синдикалец на Фени, Ѓоре Палитов, работникот ја предупредил Владата:

„Знаеме дека инвеститорот е старо-нов. Тој е инвеститорот кој беше во Фени до 2015 година! Мислам дека сите тука го знаеме тоа. Мислам дека и со вицепремиерот е зборено тоа.“

На ова Анѓушев одговорил:

„Да ги тргнеме шпекулациите на страна и да бидеме повторно прецизни со аргументи. Видете, мислам дека и емисијата е премногу сериозна и јас ја почитувам и телевизијата и мислам дека треба да ја вратиме работата кон аргументите, а не како разговор кој ете така е необврзувачки, не сакам да употребам полош збор. Инвеститор сега како јас што знам и како што се претставија пред мене и пред банките е ГСОЛ, фонд кој располага со милијарда евра капитал и кој сега настапува со компанијата ФОС.“

И покрај предупредувањата на вработените, во март 2018 година Комерцијална, Стопанска и Силк роуд банка му ги продадоа своите побарувања на ГСОЛ. Со откупот на овие побарувања ГСОЛ стана најголем доверител во Фени. Понуди План за реорганизација на претпријатието кој беше прифатен и од останатите доверители. Со ова ГСОЛ станал нов сопственик на Фени индустри и во септември 2019 стечајот завршил.

ГСОЛ или други компании контролирани од основачнот на ГСОЛ  Мионис, во пет ситуации преземале акции со кои му помогнале на Штајнмeц и ги заштити средствата на рударскиот магнат од доверителите и му дозволија да се бори против обвиненијата за корупција или да се справи со ривалите во бизнис споровите.

Џорџ Хевенхенд, правен истражувач за кампањата на Обединетото Кралство, „Спотлајт за корупција“, ги прегледа материјалите собрани од новинарите и рече дека има „впечатлива шема“ во која се договорите меѓу Мионис и Штајнмец му помогнале на израелскиот тајкун „кога е во тесно“.

„Кумулативниот ефект од овие зделки веројатно ги задржал средствата на Штајнмец надвор од дофат кога доверителите му тропаа на вратата“, рече Хевенхенд.

Во изјава за ОССРП, адвокатот на Штајнмец рече дека директорите на ГСОЛ и нивните компании „никогаш не дејствувале како полномошници за Штајнмец или некоја од компаниите поврзани со него“ и оти Штајнмец „никогаш немал интерес, директен или индиректен во ГСОЛ или некоја од нејзините подружници“.

Ист став имаат и адвокатите на Мионис и Камхис кои одговорија дека „не помогнале да се ’заштити’ Штајнмец“ и оти нивните одлуки за инвестирање биле донесени затоа што процениле дека инвестициите се добри.

ОССРП откри дека Штајнмец и Мионис имале деловни односи во Македонија, САД и Западна Африка. Во интервју за ОССРП, Мионис ја опиша својата врска со Штајнмец како „пријателство, какво што имам со многу деловни луѓе“.

  • Октомври 2015 година: Откако БСГР влезе во спор со својот деловен партнер во ФЕНИ индустри компанија во сопственост на двајца директори на ГСОЛ испрати милиони долари на компанијата на Штајнмец во неуспешен обид да ја преземе контролата врз фабриката. ГСОЛ самиот заврши со купување на рафинеријата за никел во 2019 година.
  • Кон крајот на 2016 и почетокот на 2017 година: ГСОЛ стана главен доверител на рудникот за дијаманти на Штајнмец во Сиера Леоне, откако  го откупи долгот од 136 милиони долари од банката Стандард Чартерд и од американската компанија за луксузен накит Тифани и Ко. Судските поднесоци укажуваат на Штајнмец и БСГР му го олесниле патот на ГСОЛ да го откупи долгот по многу цена, што исто така ги заштити рудникот да биде одземен од доверителите.
  • Ноември 2017: Офшор фирма во сопственост на основачот на GSOL, Мионис, финансираше тужба од 20 милијарда долари поднесена од BSGR во Њујорк против милијардерот филантроп Џорџ Сорос.
  • Ноември 2017: Друга компанија во сопственост на Мионис соработува со американска фирма за да купи облакодер во Чикаго за 86,4 милиони долари. Мионис тврди дека Штајнмец немал никакви интереси во партнерска фирма, но корпоративните документи добиени од OCCRP откриваат дека тој имал мал удел.
  • Февруари 2019 година: Подружница на GSOL учествуваше во дискусии за привремена спогодба помеѓу Гвинеја и БСГР, што доведе до тоа Гвинеја да се повлече од сите правни постапка против Штајнмец, вклучително и како тужител во кривичното гонење во Женева.

 Се предлага ликвидација на Еуроникел поради презадолженост

Втората стечајна постапка за Фени (сега Еуроникел) се отвори во февруари 2024 година по предлог на тројца доверители: Компанијата од Прилеп „Бранко Димески Б и Б – УНИКООП“, Јавното комунално претпријатие од Кавадарци (на кое Еуроникел ѝ должи 8,3 милиони денари) и 670 вработени во фабриката кои си бараат четири заостанати плати со вкупен износ од над 2 милиони евра.

Според извештајот на стечајниот управник Ацо Петров, доставен до судот во Кавадарци на 16 април годинава, причина за лошата економско-финансиска состојба на Еуроникел се лошите деловни одлуки во работењето.

„Тековното работење се одвивало преку ненамирување на обврските спрема добавувачите и деловните партнери. Во своето работење должникот се задолжувал значително повеќе од неговата платежна способност. Носењето на лоши одлуки во работењето придонело должникот сè повеќе да се задолжува и да не ги намирува обврските кон доверителите, особено кон деловната банка (Комерцијална) со високи кредити и задолжување на скоро целокупниот имот“, пишува во извештајот на стечајниот управител.

Тој потоа наведува дека во „изминатиот период функционирањето на Еуроникел било на товар на доверителите и вработените на кои не им биле исплатени четири плати пред отворањето на стечајната постапка.“

Петров на крајот предлага:

„Собранието на доверители да донесе одлука со која деловниот потфат на должникот ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ ДОО во стечај с. Возарци, Кавадарци, да биде затворен (ликвидиран) преку впаричување на должниковиот имот, со што би се намалиле, односно би се прекратиле во иднина трошоците на стечајната постапка над должникот.“

Преку документите од стечајната постапка ИРЛ дозна дека пролетва имало и нов, трет обид истите лица да влезат во топилницата преку план за реорганизација, овој пат преку фирма од Кипар.

Станува збор за К.А.Д. менаџмент сервисес лимитед, фирма регистрирана во Никозија. Во втората стечајната постапка за Фени (Еуроникел) оваа фирма се појавува како доверител кој има побарувања од фабриката. Во текот на постапката побарала другите доверителите да ѝ дозволат да понуди план за реорганизација со што би се запрела стечајната постапка.

Според документите кои ги анализираа новинарите, К.А.Д. менаџмент сервисес има бизнис-релации со фирми поврзани со поранешниот директор на Фени и близок соработник на Штајнмец, Константинс Даскалакис. Тој од септември 2019 година бил еден од четворицата директори на К.А.Д. менаџмент сервисес.

Но, доверителите на Еуроникел го одбиле барањето, па стечајната постапка продолжила.

Нови газди, нова надеж

Во декември лани Комерцијална банка преку извршител му одзеде имот на Еуроникел во вредност до 38 милиони евра кој топилницата го заложила кај нив за кредити. Нови купувачи на имотот на Еуроникел што го продаде Комерцијална банка се друштва основани од холандската холдинг компанија „Полиникел холдинг БВ“ (Polynickel Holding BV), која е дел од турската групација „Јилдирим“ (Yildirim Group).

Имотот од Комерцијална банка го купија за 40 милиони евра. Лицитацијата се одржа во март оваа година.

Останатите доверители на кои Еуроникел им должи пари ќе треба своите побарувања да ги бараат во стечајната постапка. Во меѓувреме, најголем дел од вработените останаа без работа.

За разлика од првиот стечај на фабриката во 2017 кога новите сопственици мораа да ги задржат сите вработени, од „Јилдирим“ најавија дека ќе ги задржат само оние вработени кои ги одржувале печките во кризниот период.

Еден од нив е и Трајче Ганев. Веќе осум месеци ги одржува печките да тлеат.

„Сега дел од синдикатот и дел од раководството се обидуваме да најдеме заеднички јазик. Ќе видиме што ќе се случи понатаму“, вели Ганев за ИРЛ.

Останатите работници ќе мора да се пријават на оглас за повторно вработување, но дури кога новите сопственици ќе решат да почнат со работа.

ИРЛ испрати прашања до турската компанија какви се нивните планови летово за Еуроникел и за работниците. Одговор не добивме.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.