Press "Enter" to skip to content

Први изјави на министри и обични членови: „За метлата ќе збориме од утре“

Во седиштето на СДСМ со зурли и тапани веќе се слави победата на Стево Пендаровски. Долу, во дворот и во прес центарот се обичните членови и симпатизери на владејачката партија. Горе, пак, со закуска и пијалок се честат високите партиски функционери.

Во прес центарот одвреме навреме се симнува по некој од министрите, но освен за текот на изборите и победата на Пендаровски, тешко може да се натераат да прозборат и за другите теми, како на пример, ветувањето на лидерот Зоран Заев дека по изборите ќе видиме нова кадровска политика во партијата и посветеност на реалните проблеми на граѓаните.

Ги прашавме што мислат, од каде ќе почне да игра „метлата“ што ја најави Заев, а којашто беше главен белег на кампањата на владејачката партија во вториот круг.

„Најважно е дека денеска победи Република Северна Македонија. Тоа што беше најавувано пред избори, го оставаме за утре“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за ИРЛ.

За пратеникот Горан Мисовски и пратеник од коалициониот партнер ЛДП којшто дојде да  ја сподели радоста со коалицијата, метлата ќе биде  избор на Заев.

„Метлата на Заев е негово лично право како премиер да одлучи од каде ќе започне. Сепак, е прерано да се коментира, прво да ги почекаме официјалните резултати од изборите“, рече тој.

За министерот за финансии „метлата“ не била негов ресор.

„Нека даде изјава некој друг од министрите или од штабор. Ова не е прашање од областа на финансиите“, рече Тевдовски.

За партискиот портпарол Костадин Костадинов метлата останува за новиот ден.

„Метлата на Зоран Заев од утре ќе ја коментираме сигурно“, одговори кусо.

Членството со отворени предлози за првиот удар на „метлата“

Сепак, за разлика од нив обичното членство со конкретни имиња му порачува на Заев кој треба прв да „лета“ од власт.

Повеќето од членовите со кои разговаравме не сакаат јавно да се легитимираат за „да не си направат проблем“, но многумина од присутните во седиштетот се пожалија токму од првиот кадровик во партијата,  Александар Кирацовски. Младите беа погласни од старите.

„Метлата треба да почне од Кирацовски“, рече 25 годишен член на СДСМ, вработен во јавна администрација кој сака да остане анонимен.

Други, пак, рекоа дека за тесната победа во првиот круг виновни се градоначалниците, кои не ги исполниле ветувањата на граѓаните.

„Во Кисела Вода никој не мрдна со прст“, рече член на СДСМ. Целата анализа и анкетираните членови прочитајте ја утре.

Што ја повлече најавата за метла

По тесната трка и слабиот одзив во првиот круг, Зоран Заев изјави дека една од причинита за слабата излезност и загубата на гласови која СДСМ ја имаше споредено со локалните избори, но и со референдумот е поради тоа што граѓаните се разочарани од одредни поединци од власта. Тој на неколкупати повтори дека пораката што граѓаните ја испратија во првиот круг е примена и дека веднаш по изборите ќе има промени и реконструкција во Владата.

„Сето она што е под мене како премиер и за што јас можам да одлучувам, веднаш по изборите ќе добие завршница. А за се она што не можам да донесам одлука или пак да разрешам ќе повикам на одговорност и  јавно ќе говорам дека треба да се направат промени“, рече Заев.

Тој најави дека веднаш по изборите ќе направи владина реконструкција во која ќе бидат заменети неколку министри. Премиерот не сакаше со име да ги посочи министрите кои ќе бидат заменети, но рече дека реконструкцијата ќе опфати министри и од СДСМ и од ДУИ.

„Никој нема да биде поштеден во реконструкцијата на владата“, рече Заев, потенцирајќи дека тој веќе има предвид кои министри се ставени под лупа.

Тој смета дека голем дел од социјалдемократите се разочарани затоа што голем дел од нив очекувале дека со СДСМ на власт ќе биде исто како што било и со ВМРО- ДПМНЕ, мислејќи на партиските вработувања, но децидно тврди дека тоа никогаш нема да се случи.

„Се она што Антикорупциска го потврди како случај во кој имало влијание, или пак судир на интерес ќе биде испочитувано. Тоа се изолирани случаи, неколку луѓе веќе се повлекоа, а за сите оние кои влијаеле ќе има одговорност. Одговорност ќе има и за директорите доколку Комисијата одлучи дека преземале незаконски дејствија“, рече Заев.

 

 

 

 

Градоначалниците се виновни

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »